ТЕСТ: Hyundai i20 1.2 MPi Impression

Класата на мали градски автомобили е една од најважните во светот, но воопшто не е лесна бидејќи бара уметност за да се изгради еден комплетен автомобил со ограничувањата поставени од самата таа класа: Големина, цена, нови технологии итн… Речиси сите производители имаат претставник во овој сегмент, со тоа што конкуренцијата меѓу нив е навистина немилосрдна. Еден од најновите претставници е токму новиот Hyundai i20. Новата трета генерација на малиот градски автомобил на Hyundai е навистина комплетно нова. Поставен е на модерната К2 платформа на групацијата и во дизајнот не наликува на ниту еден од неговите претходници.

Да почнеме од почеток, новиот i20 има зголемени димензии и е малку поголем од својот претходник. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 10 мм (вкупно 2,580 мм), должината е зголемена за 5 мм (вкупно 4,040 мм), а исто така новиот модел е и поширок за 16 мм (вкупно 1,750 мм). Намалување има само во висината за 24 мм (вкупно 1,450 мм) што сепак помогна да се подвлече карактеристичниот динамичен дизајн.

Надворешноста го следи тековниот дизајнерски јазик на производителот кој е со остри рабови и карактеристични линии, што целосно се оддалечува од претходната (прилично заоблена) генерација на i20. Доминантна карактеристика на предниот дел е големата шестоаголна решетка за ладилникот, по која стилски се надоврзуваат острите исечени фарови. Тестираниот автомобил беше опремен со full LED фарови (стандард од Premium нивото па нагоре) кои имаат многу интересна графика и одлично го осветлуваат патот навечер. Од страните се забележуваат острите линии на автомобилот, како и зголемените стаклени површини и новиот прозорец во Ц-столбот. Изгледот на тестираниот автомобил е надополнет и со црниот покрив, црни ретровизори и столбови. Исто така, голем удел имаат и 17-инчните алуминиумски бандажи кои се достапни во највисокото Impression ниво на опременост. Ова ниво вклучува и LED задни светла, кои имаат карактеристичен потпис во стилот на буквата Z. Друг интересен елемент на задниот дел е црвената линија што ги поврзува светлата, но за жал не свети и е само украс што го дели лимниот дел од петтата врата од црната лакирана пластика. Во исто време, оптички го издолжува задното стакло и го прави автомобилот многу поширок. На задниот браник поставен е и „дифузер“ кој реално нема никаква улога, но изгледа доста интересно. Генерално, новиот i20 изгледа многу убаво и јас лично бев изненаден од тоа колку често луѓето се вртат кон него. Новиот дизајнерски стил „Sensuous Sportiness“ кој i20 го донесе во Европа за прв пат, очигледно слави успех кај јавноста. И мене лично ми се допаѓа.

Моите зборови на восхит продолжуваат и во внатрешноста, но тука е така благодарение на тоа што тест моделот е во највисокото ниво на опременост кое содржи многу опрема и „играчки“. Дигитална „Supervision“ инструмент табла со екран од 10.25-инчи, внатрешен самозатемнувачки ретровизор, амбиентално осветлување, инфозабавен систем со екран од 10.25-инчи со интегрирана навигација и многу друго. Стандардно, таблата со инструменти е аналогна и инфозабавниот систем има екран од 8-инчи.

Дигиталната инструмент табла заслужува пофалба за едноставноста, функционалноста и јасната графика, а достапни се четири различни прикази кои може да се менуваат преку инфозабавниот екран. Што се однесува до инфозабавниот систем, екранот има одлична резолуција, непречено функционирање и елегантен дизајн, но неговото мени содржи многу ставки во кои не е тешко понекогаш и да се изгубите. Имам мала замерка за тоа што активирање и деактивирање на некои системи за помош при возење (пример за lane keeping assist) мора да чепкате во менито на инфозабавниот систем, а сето ова е доста покоплицирано особено при возење. Но, ми се допаѓа класичното тркалце за јачина на звукот и копчињата на допир поставени под екранот кои служат за брз пристап до одредени функции на менито. Контролите за клима уредот добија свој панел на долниот дел од централната конзола со практични физички копчиња и едноставен дисплеј. Други физички копчиња може да се најдат и пред менувачот кои користат за греење на седиштата, за паркинг сензорите и за паркинг камерата. Исто така има и од левата страна под воланот, а тие служат за Старт/Стоп системот и ESP системот. Штом ќе се ослободиме од технолошките играчки, ќе видиме ентериер направен претежно од потврда пластика, но реално неможе да се очекува кој знае каков луксуз во оваа класа на возила, а и завршната обработка е на доста солидно ниво. Ми се допаѓа и дизајнот на целата кабина – модерен, дигитализаран и доста практичен. Иинтересен детал е и централниот дел од контролната табла, каде што отворите за вентилација се поврзани со едноставен ребраст дизајн.

Полека се движиме кон пространоста. На предните седишта се седи прилично ниско, додека богатите опции за прилагодување на седиштето и воланот нудат лесно наоѓање на идеална положба за возење. Просторот на задната клупа е навистина доволен со оглед на големината на автомобилот, двајца патници со просечна висина од 180 сантиметри ќе може да седат удобно со доволно простор за нозете и главата. Трет патник на задната клупа би препорачал само во итни случаеви. Багажникот нуди капацитет од 351 литар, а доколку ги спуштите задните седишта се добива багажен капацитет од 1165 литри. Просторот ќе ги задоволи потребите благодарение на едноставните форми, а подот е скоро рамен со браникот.

Новиот Hyundai i20 е достапен со три бензински мотори – понудата започнува со 1.2-литарскиот атмосферец со 84 коњски сили, следен е 1.4-литарскиот атмосферец со 100 коњски сили и на врвот е 1.0-литарскиот турбо-бензинец со исто така 100 коњски сили. Стандардно сите модели се опремени со мануелен менувач, а автоматски менувач е достапен како опција само кај 1.4 и 1.0 T-GDi.

Тестираниот модел беше придвижуван од основниот 1.2-литарски бензинец кој има „multi-point injection“ и „variable valve timing“. Овој мотор испорачува 84 коњски сили при 6.000 вртежи во минута и 118 Nm вртежен момент при 4.000 вртежи во минута. Доаѓа исклучиво со 5-степен мануелен менувач кој е многу прецизен и многу интересен за користење. Перформансите реално не се кој знае какви, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 13.1 секунди, додека максималната брзина изнесува 173 км/ч. Моторот е тивок и економичен, а работи и многу рафинирано, за возење во градски услови е навистина доволен, но за да го извлечете максимумот треба често да работите со менувачот и да го „завртите“ на повисоки вртежи. На отворен пат е океј, но во овој случај веднаш се чувствува недостатокот на моќност, особено ако има повеќе од двајца патници во автомобилот. Ова е мотор кој дефинитивно нема да ги задоволи потребите на сите купувачи, а и поради тоа што автомобилот е доста добар за подинамично возење, доколку сте во можност би го препорачал да го земете 1.0-литарскиот турбо мотор. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 6 литри на 100 изминати километри.

Уште при првите неколку километри зад воланот на новиот Hyundai i20, автомобилот ми остави многу добар впечаток. Шасијата е целосно преработена и поставени се многу нови делови, на предната оска има McPherson со попречен стабилизатор и задна торзиона оска. Низ градските улици возењето е релативно удобно и покрај тоа што тестираниот модел имаше 17-инчни бандажи со ниско профилни гуми. Благодарение на компактните димензии i20 е навистина лесен автомобил за маневрирање и паркирање, плус тест моделот беше опремен и со задни паркинг сензори и задна камера што дополнително ја олеснува работата. Она што највеќе ме изненади е тоа колку всушност автомобилот е стабилен и забавен за подинамично возење. Во свиоци навалувањето е сведено на минимум и воланот е многу прецизен и респонзивен. Суспензијата е малку на потврдата страна и на некои лоши патишта со дупки и нерамнини во кабината се чувствуваат понагласени вибрации и удари, но искрено не е нешто што пречи. Добрата страна на ова е што ќе може да уживате во спортското возење – секако доколку одберете некој појак мотор бидејќи со основниот 1.2-литарски нема да добиете преголема динамичност. Поради тоа што има перфектно балансирана шасија и одлични возни карактеристики, i20 би го ставил во групата на најзабавни мали градски автомобили. На отворен пат, во кабината е прилично тивко и удобно со минимална бучава од тркалата поради тоа што се 17-инчни.

Понудата на системи за безбедност и помош при возење е многу импресивна и овие работи обично би ги очекувале од некои поголеми модели од повисоките сегменти, но Hyundai се одлучи да ги понуди и во малиот i20. Автомобилот може да има автономно итно сопирање со предупредување за удар однапред, следење на слепите точки, помош за избегнување на судар од слепа точка и активен асистент за следење на коловозни ленти, што во комбинација со адаптивниот темпомат значително ќе го олесни патувањето на подолги релации.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Hyundai i20 1.2 MPi Comfort изнесува 13.300 евра.

Цената на тестираниот модел Hyundai i20 1.2 MPi Impression изнесува 17.600 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.

ЗАКЛУЧОК
Новата генерација на Hyundai i20 е навистина стилски автомобил кој ќе ве изненади со својата зрелост во внатрешноста. Благодарение на одличните возни карактеристики, технолошката опременост и внатрешен простор, тестираниот модел дефинитивно се рангира на врвот на својот сегмент.
Атрактивен и модерен дизајн.
Модерна и хај-тек кабина.
Возни карактеристики.
Основниот мотор нема да биде доволен за голем дел од купувачите.
Поставување на потврди материјали во кабината.
Некои конкурентни модели нудат малку повеќе простор на задните седишта.
4