ТЕСТ: Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 A7 Titanium

После 20 години, името Puma повторно се враќа во понудата на Ford. Но за тоа време и автомобилот драстично се промени – малото купе сега е мал кросовер. Да, штета што купе автомобилите полека, но сигурно исчезнуваат и замената за тоа се токму овие мали кросовер модели, а Ford со новата Puma едноставно одговара на денешните трендови. Па, ајде да зборуваме за новата и на прв поглед навистина интересна Puma.

Новата Puma е базирана на платформата од Fiesta, а истото го стори и неговиот претходник во 1997 година. Концептот за погон е исто така ист. Новата Puma e достапна само со погон на предната оска. Друга сличност е изгледот – не можете да го погледнете новиот модел без да се сеќавате на деведесеттите години. Визуелната врска помеѓу новиот и стариот модел едноставно и дава еден ретро изглед на новата Puma, што некако недостасува во сегашната понуда на автомобили.

Ако не знаевте дека новата Puma е поврзана со Fiesta, тешко дека ќе се сомневате во тоа кога ќе ја видите на патот, бидејќи мускулестиот и флуиден дизајн создава многу подинамична силуета. Новата Puma има доста уникатни пропорции и изобилува со впечатливи дизајнерски детали. На предниот дел вниманието го привлекуваат подигнатите крила заедно со големата маска и карактеристичните LED фарови кои имаат многу интересна графика за дневните светла. Од страните, Puma го покажува својот мускулест и несекојдневен дизајн. Иако алуминиумските бандажи на тестираниот модел не беа баш мали (17-инчни), поради широките крила изгледаат помало од што навистина се, па затоа, доколку сакате вашата Puma да изгледа уште подобро може да земете 18 или 19-инчни бандажи. Задниот дел е широк и долниот дел од браникот е со ”дифузер” во сребрена боја, а и тука задните LED светла имаат уникатна и интересна графика. Додека на вратата од багажникот е испишано името „Puma“. Според мене, надворешниот дизајн на новата Puma е полн погодок – интересен, впечатлив и уникатен, а токму тоа го бараат купувачите на овој тип на возила.

Во споредба со Fiesta, новата Puma е малку поголема и има различни димензии – должината изнесува 4168 мм, ширината 1805 мм, висината 1537 мм и меѓуоскиното растојание е 2588 мм.

Додека надворешноста изгледа поинаку, ентериерот го продолжува оној класичен дизајн на модерните автомобили на Ford. Пред возачот и совозачот се наоѓа контролна табла што е скоро идентична како онаа во Fiesta – и тоа не е вопшто лошо бидејќи ергономијата е одлична. Горниот дел од контролната табла е прекриен со мек, но релативно тенок материјал, а пак долните делови кои не се допираат толку често се со поцврста пластика која има интересна текстура. Ми се допаѓа тоа што кабината не е целосно дигитализирана и за оние функции кои секојдневно се користат има физички копчиња, а сето тоа резултира со многу полесно користење во возење.

Во однос на технологијата, кабината е целосно задоволителна. На горниот дел од централната конзола се наоѓа добро познатиот и лесен за употреба SYNC 3 инфо-забавен систем кој стандардно е опремен со 8-инчен дисплеј. Системот не е најреспонзивниот на пазарот, но нуди солидна графика и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. На долниот дел се физичките контроли за автоматскиот клима уред кој се супер-лесни за ракување. Што се однесува до инструмент таблата, тестираниот модел е со стандардни аналогни инструменти со дигитален дисплеј во средина на кој се прикажуваат сите битни информации околу возењето. Но, за разлика од Fiesta, како дополнителна опција тука е достапна и 12.3-инчна целосно дигитална инструмент табла која ја менува графиката во зависност од режимот на возење кој ќе го одберете.

Предните седишта се многу комфорни и нудат солидна странична поддршка. Исто така и на задните седишта има сосема доволно простор за двајца патници како и за главата, така и за нозете. Како и во секој друг автомобил од оваа класа, задната клупа не е најкомфорна за сместување на тројца патници, но за некои пократки релации нема да биде никаков проблем. До багажникот се пристапува преку голем отвор, а на располагање има 456 литри багажен капацитет, додека со спуштени седишта тоа прераснува на 1216 литри капацитет. Она што е интересно за багажникот на Puma е „Megabox“ пластичниот простор во долниот дел на багажникот кој е со ширина од 763 мм, должина од 752 мм и длабочина од 305 мм, а внатре собира вкупно 80 литри вода (на пример). Интересно и многу кул решение – а како ќе го искористете овој простор, може да бидете многу креативни.

Puma е достапна со вкупно четири мотори, од кои три се бензински и еден е дизел. Кај бензинците на располагање е одличниот 1.0-литарски трицилиндричен EcoBoost во три верзии – со 125 коњски сили, а оваа верзија со 125 коњски сили е дополнително достапна и со Mild-Hybrid сиситем, додека на врвот се наоѓа верзијата со 155 коњски сили и стандардно е опремена со Mild-Hybrid сиситем. Доколку сакате дизел на располагање е 1.5-литарскиот TDCi мотор со 120 коњски сили. Сите верзии стандардно доаѓаат со 6-степен мануелен менувач, додека 7-степен автоматски менувач е достапен како опција само за основниот бензинец со 125 коњски сили.

Тестираниот модел под хаубата го имаше основниот 1.0-литарски турбо-бензинец со 125 коњски сили достапни при 6000 вртежи во минута и 200 Nm вртежен момент достапен од 1400 вртежи во минута, додека силата ја пренесува на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.2 секунди и ќе продолжи да забрзува се до максимална брзина од 187 км/ч. Малиот мотор нуди сосема задоволителни перформанси и нема многу проблеми кога станува збор за динамичност и сила, дополнително овој мотор има еден специфичен израз во споредба со другите трицилиндрични мотори кој тука е дополнително подобрен со автоматскиот менувач. Во нормален режим на возење менувачот се обидува да стави што е можно повисока брзина за да се добие пониска потрошувачка и така го одржува моторот на ниски вртежи што пак резултира со помала бучава во кабината. Кога ви треба значително забрзување и кога ќе ја притиснете педалата за гас „до крај“ треба малку да се почека додека менувачот размисли што точно треба да направи, но генерално работи навистина добро. Во текот на неколку дневното тестирање измерив просечна потрошувачка од 7 до 7.5 литри на 100 изминати километри – во градски услови на возење, а на отворено очекувајте минимум 1 литар помалку.

Новата Puma е достапна во три нивоа на опременост – Titanium, ST-Line и Vignale. Тест моделот беше во првото Titanium ниво кое содржи доста богата стандардна опрема како што се: 17-инчни алуминиумски бандажи, LED предни и задни светла, систем за предупредување и спречување на преден судар, систем за предупредување и спречување на несакано напуштање на коловозна лента, темпомат, drive mode selector, инфо-забавен систем со 8-инчен дисплеј и вградена навигација, задни паркинг сензори и многу друго…

Какво е чувството зад управувачот на новата Puma? – како што споменав и погоре, шасијата е превземена од агилната и доста забавна Fiesta, а тоа е многу цврста основа. Сепак, Puma претрпе и низа подобрувања кои вклучуваат зголемено меѓуоскино растојание за 95 мм и забележително зголемена траекторија за 58 мм. Покрај тоа, Puma доби и 50% поцрвста задна торзиона суспензија, амортизери со поголем дијаметар, поцврсти чаури и генерално подобра оптмизираност на амортизерите. Целта на модификациите е да се постигнат најдобри можни карактеристики на возење во сегментото во кој припаѓа Puma. Резултатот е изненадувачки стабилен автомобил кој не се навалува премногу во острите свиоци и агилно го следи и менува правецот со секое вртење на воланот. Овие работи ја прават новата Puma исклучително забавен модел во својата класа, а одличната шасија го оправдува името кое го носи. Во градски услови на возење, Puma е комфорна и лесна за возење, а во некои моменти се чувствува цврстината на шасијата, но не е нешто што би ви пречело. Воланот е со типично Ford чувство – перфектна тежина, исклучителна прецизност и солидни повратни информации од подлогата. На автопат, возењето е релаксирано со минимална бучавост која генерално доаѓа од тркалата.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 Titanium изнесува 20.500 евра.

Цената на тестираниот модел Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 A7 Titanium со плус неколку ставки од дополнителната опрема изнесува 26.540 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс!

ЗАКЛУЧОК
Во поплавата на кросовери денес, тешко е да се најде начин за да се истакнете. Но, новата Puma e убава за гледање, забавна за возење и пријатна за секојдневна употреба. Puma е еден одличен продукт на Ford.
Aтрактивен дизајн
Одлични возни карактеристики
Практичен ентериер со висок степен на ергономија
Малку мрзелив автоматски менувач
Лимитирана прегледност кон задниот дел
Просечна просторност на задната клупа
4