Dacia е еден од оние брендови кои за кратко време стекнаа многу голема популарност, а има и зошто. Автомобилите на Dacia нудат многу музика за доста разумна цена, па затоа и се продаваат многу. Луѓето ги сакаат моделите на Dacia затоа што имаат едноставна технологија, ниска цена и опремени се со она што е навистина потребно. На почетокот имаше доста голем број на луѓе кои се потсмеваа на брендот Dacia, но на крајот останаа со празен потсмев. Моделот Sandero стана еден од најпродаваните автомобили во Европа! А денес ќе зборуваме за новата трета генерација на Sandero во Stepway изведба.
Во минатото, моделите на Dacia никогаш не биле екстремно убави или модерни, едноставно тоа беа автомобили кои преферираа функционалност наместо убавина и тоа е сосема океј. Но сега стапува на сцена новата генерација на Sandero и дава еден нов лик за брендот. Автомобилот изгледа навистина убаво, особено во оваа црвена металик боја – и на прв поглед, доколку се извадат логоата Dacia никогаш нема да погодите дека всушност станува збор за модел на Dacia. Претходно, можеби Sandero беше автомобилот што го купувавте доколку сакате ефтин и практичен автомобил и тоа беа главните параметри. Но сега и некој што сака убав, модерен и практичен автомобил со релативно прифатлива цена може да го купи. Дизајнерски, автомобилот претрпе доста значајни промени. На предниот дел доминираат новите фарови кои стандардно доаѓаат со LED технологија, а вниманието го привлекуваат LED дневните светла кои се во форма на буквата „Y“. Меѓу фаровите е поставена нова решетка за ладилникот која е со хоризонтални ленти, а во повисоките нивоа на опременост е надополнета со хромирани детали. Задниот дел е со поедноставен дизајн од предниот и тука се поставени нови светла на кои се повторува елементот „Y“, но за жал не се со LED технологија како што се предните. За разлика од конвенционалниот Sandero, оваа Stepway верзија добива и многу додатоци на надворешноста како што се различни браници, црни пластики околу целиот автомобил, екстензии на крилата и кровни носачи кои нудат две различни конфигурации.
Новиот Sandero Stepway е поставен на CMF-B платформата која што ја користат и новите генерации на Renault Clio и Captur, како и новиот Nissan Juke. Има и минимални промени во димензиите споредено со претходната генерација. Новиот модел е 10 милиметри подолг (вкупно 4099 мм), 115 милиметри поширок (вкупно 2007 мм) и меѓуоскиното растојание е зголемено за 15 милиметри (вкупно 2604 мм). Stepway во основа игра улога на кросовер, така што има и поголем клиренс од 201 милиметри. Во споредба со хечбек верзијата е повисок за скоро 40 милиметри. Гумите кои ги добива Stepway верзијата се со димензии 205/60, додека хечбекот има гуми со димензии 195/55. Во двата случаи, стандардно се добиваат 16-инчни бандажи.
Истата приказна за надворешноста продолжува и во внатрешноста. Претходните генерации имале едноставен и многу обичен дизајн, додека новиот модел добива драстично променет ентериер. На прв поглед, внатрешноста изгледа многу помодерно и поубаво. А веднаш е јасно дека станува збор за најнов модел поради тоа што физичките копчиња се во минимален број. Океј, голем дел од материјалите кои што се поставени се од потврда пластика, но генерално забршната обработка е добра и го нема она „ефтино“ чувство. Stepway верзијата има и многу поинтересен ентериер отколку стандардниот Sandero, а тоа е благодарение на уникатниот штоф на седиштата, големиот број на декоративни елементи во портокалова боја, како и тоа што по целата шалт табла во средина има интересен и мек штоф. Просторот на предните седишта, кои воедно се супер комфорни е одличен и благодарение на нагодувањата за седиштето и воланот, секој ќе може да ја најде својата идеална возачка позиција. Пред возачот се наоѓаат аналогни и јасни инструменти со мал дисплеј во средината (нема опција за целосно дигитална инструмент табла), додека на горниот дел од централната конзола се наоѓа дисплејот за инфозабавниот систем. Бидејќи тест моделот беше во највисокото ниво на опременост го добива и најдобриот Media Nav систем кој има дисплеј со големина од 8-инчи и доаѓа со вграден навигациски систем, како и wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Системот има едноставно и јасно мени со прилично солидна графика и добра респонзивност. Ми се допаѓа тоа што на долниот дел од централната конзола се оставени физички копчиња односно тркалца за контролирање на клима-уредот – многу попрактично и поедноставно решение отколку се тоа да се контролира преку дисплеј. Генерално, кабината на Sandero Stepway е убаво место за поминување на времето, а целата ергономија е на доста високо ниво.
Што се однесува на задните седишта, Sandero Stepway не нуди кој знае колку простор. Да, за патници со просечна висина од 180 сантиметри има повеќе од доволно простор како и за главата, така и за нозете. Но не очекувајте дека тројца возрасни патници ќе може да се сместат удобно на задната клупа, особено не за некои долги патувања. Багажникот нуди товарен капацитет од 328 литри што е просечна големина за автомобили од овој сегмент, отворањето е прилично широко, но подот не е комплетно рамен со браникот. Со спуштање на задните седишта, се добива товарен капацитет од 1200 литри.
Dacia не нуди голем избор на мотори за Sandero Stepway, всушност достапни се само два бензински мотори. Првиот е со ознака TCe 90 и стандардно доаѓа со 6-степен мануелен менувач, додека како опција достапен е и CVT автоматски менувач. Вториот е со ознака ECO-G 100 и всушност ова е верзија која доаѓа со вграден плински уред, а како што сугерира името располага со 100 коњски сили од 1.0-литарски турбо бензински мотор.
Тестираниот автомобил беше со ознаката TCe 90, а тоа значи дека користи 1.0-литарски трицилиндарски турбо бензински мотор кој располага со 90 коњски сили и 160 Nm вртежен момент, а силата ја пренесува на предните тркала и во овој случај преку 6-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 12 секунди, додека максималната брзина е 172 км/ч. Зад воланот, моторот всушност има две лица. Едното ќе го прикаже на автопат, а другото на други видови патишта. 6-степениот мануелен менувач има многу кратки први три степени на пренос, додека петта и шестта се навистина повеќе за одржување на брзина. Во шестта брзина на автопатот, автомобилот многу тешко забрзува, така што и во други ситуации не само на автопат ќе треба многу често да работите со менувачот за да го извлечете максимумот од моторот. Инаку, моторот е малку побучен, особено при поагресивно притискање на педалата за гас до израз доаѓа оној класичен трицилиндарски звук. Во место, се чувствуваат минимални вибрации во кабината, но не е нешто што многу ќе ви пречи. Мојата просечна потрошувачка од неколку дневното возење кое генерално беше во градски услови изнесуваше од 7 до 8 литри на 100 изминати километри.
Dacia Sandero Stepway е достапен во три нивоа на опременост – Access, Essential и Comfort. Моделот што го имав на тестирање беше во највисокото ниво на опременост, а стандардната опрема во ова ниво вклучува – задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски клима уред, модуларни надолжни кровни носачи, 16-инчни FLEX тркала, 8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, систем за автоматско кочење во случај на потреба (AEBS), Blind Spot систем, темпомат, LED предни светла и многу друго…
Новата генерација на Sandero доби целосно нова предна оска, поцврсти амортизери и целосно електричен управувач. Во градски услови Sandero Stepway е комфорен и многу лесен автомобил за возење. Прегледноста е одлична од сите страни, управувачот е дури и премногу лесен за мој вкус, а сензорите и камерите ќе ви олеснат паркирањето во тесни места. Шасијата е насочена кон комфорот и дупките и нерамнините на улиците убаво ги филтрира без притоа да има големи несакани удари во кабината, а тоа го прави да не заостанува зад своите конкуренти во оваа дисциплина. При подинамично возење во свиоци веднаш се гледа дека главниот акцент е ставен на комфорот, но подесувањето на шасијата е токму на границата помеѓу удобност и безбедност. Повратни информации од управувачот скоро и да нема, а при поостро влегување во свиоци телото се потпира цврсто на надворешното тркало и има тенденција да ве извлече – во овие ситуации системот за стабилизација реагира веднаш. Онаму каде автомобилот губи одредена самодоверба, е возењето со поголема брзина на автопат во услови кога има силен ветер. Во нормални услови, при брзини од 130-140 км/ч во кабината е прилично рафинирано со минимална бучава од ретровизорите и тркала. Новата платформа му овозможи на автомобилот да одговори на денешните неопходни безбедносни системи. Па затоа, Sandero добива Blind Spot monitoring, pre-collision braking и сите други системи кои се од голема важност. Генерално, возењето на овој автомобил е изненадувачки пријатно и драстично подобрено во споредба со својот претходник.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Dacia Sandero Stеpway Access Tce 90 изнесува 11.950 евра.
Цената на тестираниот модел Dacia Sandero Stеpway Comfort Tce 90 изнесува 13.750 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Dacia.

























