Денес ќе зборуваме за еден прекрасен италијански хечбек модел – Alfa Romeo Giulietta. Да, ова не е најновиот и најмодерен модел на италијанскиот бренд и за прв пат беше претставен во 2010 година. Од тогаш до сега, Giulietta два пати доби минимално освежување. Но, ова е автомобил кој сеуште нуди интерес кај купувачите, прво поради тоа што е Alfa Romeo – бренд кој има посебно значење за многу „petrolheads“ и второ, после толку години сеуште изгледа прекрасно и уникатно.
Како и со секој друг тест, ајде да започнеме со надворешниот дизајн на Giulietta. Кога Alfa Romeo за прв пат ја претстави Giulietta, дизајнот донесе доста различни реакции. Но, генерално повеќето беа позитивни, а да бидеме реални италијанците навистина знаат да направат прекрасни автомобили. После 11 години, јас лично сеуште мислам дека Giulietta изгледа убаво и уникатно на еден свој посебен начин, иако голем дел од конкурентните модели добија драстични промени. Моделот што го позајмив на неколку дена од Alfa Romeo беше во добро познатата „Rosso Red“ боја, која што му дава еден посебен шмек на автомобилот. Единствено јас би одбрал малку поголеми бандажи за да се комплетира спортскиот стил. Со последниот фејслифт, Giulietta доби минимални промени кои на прв поглед можеби и не се толку воочливи. Дизајнерите го освежиле автомобилот со мали финеси и дискреција. Покрај тоа, зошто да бидат пробиени кодовите на таков успешен дизајн, на кој не му влијаат годините што изминуваат. Промените вклучуваат нови фарови со LED дневни светла, ревидиран преден браник, „honeycomb“ решетка и нови алуминиумски бандажи. На задниот дел, освен тоа што ознаката „Giulietta“ од средина е префрлена под десното светло други значајни промени скоро и да нема. А според мене, многу поубаво изгледаше кога ознаката беше во средина, плус и претходниот фонт беше многу поинтересен.
Пред да го запалиме моторот и да зборуваме за перформансите, ајде да одиме внатре. Всушност, ентериерот ги “издава” годините на Giulietta. Дизајнот е едноставен, а ќе најдете и многу физички копчиња низ кабината кој служат за голем дел од функциите на автомобилот – нешто што е реткост во новите автомобили. Да бидам искрен, некако ми се допаѓа оној „old school vibe“ што преовладува во кабината, сите контроли се јасни и перфектно поставени. Пред возачот се наоѓа аналогна инструмент табла која изгледа фантастично и друго е чувството кога конвенционалната стрелка за вртежи во минута ја гледате како оди нагоре, отколку се тоа да биде дигитално…Што се однесува до материјалите, да на некои места ќе најдете потврда пластика, но искрено мене барем не ми пречи бидејќи целата кабина е многу добро склопена, а штом седнете зад воланот веднаш го чувствувате оној италијански шарм. Возачката позиција е ниска и спортска, секако доколку не сте љубител на ниското седење достапни се голем број на нагодувања за седиштето, како и за воланот, па така секој ќе може многу лесно да ја најде својата идеална возачка позиција. Инаку, седиштата се доста удобни за подолги патување, а истовремено нудат и одлична странична поддршка и убаво „ве гушкаат“ при подинамично возење во свиоци. Сепак, кабината содржи и модерни детали. На централната конзола е поставен 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој поддржува Apple CarPlay и Android Auto поврзување – графиката е солидна и целиот систем е доста респонзивен. Под дисплејот се поставени големите тркалца кој служат за контролирање на клима уредот, а под нив се наоѓа DNA селекторот за кој ќе зборуваме малку подоцна.
Од надвор Giulietta не изгледа воопшто мала, но просторот кој е достапен на задните седишта не е премногу импресивен. Океј, за двајца патници со висина од околу 180 cm ќе има сосема доволно простор, како и за нозете така и за главата и долгите патувања ќе ги поминат удобно. Доколку седне и трет патник во средина, приказната е сосема различна и искрено не би препорачал тројца возрасни патници да седат на задните седишта за некои подолги патувања. Во багажникот на располагање се достапни 350 литри багажен капацитет, што е просечна големина за моделите од овој сегмент. Со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 1.045 литри, пристапот до багажниот простор е широк, но подот не е комплетно рамен со браникот.
Стигнавме до моторот, од кој бев пријатно изненаден. Тестираниот модел дојде со основниот бензински мотор, а тоа е 1.4-литарски четирицилиндарски турбо бензинец кој располага со 120 коњски сили достапни на 5000 вртежи во минута и 215 Nm вртежен момент достапен од 2500 вртежи во минута. Силата ја пренесува на предните тркала преку пер-фек-тен 6-степен мануелен менувач. Би рекол дека ова е идеалниот мотор за Giulietta, перформансите кои ги нуди ќе ги задоволи потребите на голем дел од купувачите, а еластичноста и меѓузабрзувањата се навистина за пофалба. Ако седнете да ја возите, а претходно не ги знаете податоците за моторот никогаш не би ја погодиле точната бројка за тоа колку коњски сили има, плус менувачот е толку добар и „мерачки“ што воопшто нема ни да помислите за автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.4 секунди, додека максималната брзина изнесува 195 км/ч, од овие бројки сигурно си мислите дека „не е ништо посебно“, пред да седнам да ја возам и јас го мислев истото, далеку од тоа дека оваа верзија на Giulietta е вистински спортски автомобил, но верувајте во реалноста е сосема друга приказна и со сигурност ќе бидете пријатно изненадени. Мојата просечна потрошувачка од неколку дневното возење во градски услови изнесуваше од 9 до 10 литри на 100 изминати километри, но бидете малку попретпазливи со педалата за гас и лесно може да ја намалите оваа бројка. Она што најмногу ми остави впечаток и ми направи многу мерак е звукот од издувниот систем, едноставно не очекував дека верзијата со основниот мотор, плус тоа што сме 2021 година каде што новите автомобили стануваат се потивки и потивки, ќе има ваков длабок и прилично гласен звук. Згора на се и во кабината го слушате тој звук, нема никаков фејк звучен ефект кој доаѓа од звучниците. Alfa Romeo БРА-ВО!
Инаку, освен со овој мотор, Giulietta е достапна и со 1.6-литарски JTD дизел мотор кој располага со 120 коњски сили. Стандардно доаѓа со 6-степен мануелен менувач, а како опција достапен е и 6-степен TCT автоматски менувач.
Стандардната опрема која ја поседуваше тест моделот вклучува: 16-инчни алуминиумски бандажи, мануелен клима уред, 7-инчен дисплеј, VDC со Hill Holder, темпомат, патен компјутер, спојлер на горниот дел од багажникот, задна паркинг камера и многу друго…
Вака од надвор Giulietta изгледа како нормален и смирен хечбек модел, но штом седнете зад воланот и почнете да возите добивате едно друго поспортско чувство. Да, Giulietta e удобен, економичен и рафиниран автомобил за секојдневна употреба, но исто така нуди и импресивни спортски возни карактеристики. Поставена е на редизајнираната C-Evo платформа, напред користи McPherson суспензија, додека назад сите модели се стандардно опремени со multi-link суспензија. Кога станува збор за динамично возење, шасијата е исклучително успешна. Плус, се добива и Q2 системот кој всушност е електронско сопирање на внатрешното тркало во свиокот и е замена за диференцијалот со само заклучување, а ова е од исклучително значење при побрзо возење во свиоци. Навалувањата во свиоци се минимални и што е најважно имате одлична контрола врз автомобилот, а се добива и многу добра проценка за тоа до каде е лимитот на Giulietta. Управувањето е остро и екстремно прецизно, а се добиваат и солидни повратни информации. Понекогаш дури бев и премногу изненаден од тоа колку добро се префрла од свиок во свиок…со сигурност можам да кажам дека ова е автомобил кој е на врвот во својата класа кога станува збор за забава и динамични возни карактеристики. Пак ќе кажам ова не е вистински спортски автомобил ама деталите на кои е посветено внимание заслужуваат пофалба – педалите се цврсти и благодарение на нивната поставеност техниката „heel & toe“ може многу лесно да се користи. Преку DNA контролерот кој е поставен пред менувачот може да одберете три различни режими на возење – D е Dynamic, N е Natural и A е All-Weather. Со менување на овие режими добивате различна респонзивност на педалата за гас, полесен или потежок управувач и промена во работењето на ESP системот. Но каква е Giulietta за секојдневната употреба во градски услови? – Лесна за возење, прегледна и релативно убаво ги филтрира дупките и нерамнините на улиците. Кога станува збор за комфорот, моделот што го имав на тест беше со 16-инчни бандажи и во кабината немаше премногу тресење при возење на пат со нерамнини, да Giulietta не е најкомфорниот модел во својата класа, но мора да се направат некои компромиси доколку сакате да имате навистина забавен автомобил кога тоа ќе го побарате. На отворен пат, во кабината е рафинирано и тивко, со минимална бучава коjа генерално доаѓа од ретровизорите. Giulietta ми остави навистина убав впечаток, благодарение на тоа што има две лица, а вие одбирате кое лице ќе го гледате. За секојдневна употреба е рафиниран и сосема добар фамилијарен автомобил, но во исто време е и од оние автомобили што ве тераат едноставно да седнете и да возите бидејќи уживате во тоа.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Цената на тестираниот модел Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 MT6 со вклучен промотивен попуст изнесува 16.507 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Alfa Romeo.
























