Светот се менува, а со тоа и одредена еколошка совест се менува во нашите умови. Во последните неколку години, производителите на автомобили масовно инвестираат во развојот на 100% електрични, хибридни или Plug-in хибридни модели. Па затоа, пред извесно време на овој тренд се приклучи и американскиот бренд за SUV возила со претставување на Plug-in хибридните изведби на моделите Compass и Renegade кој се препознатливи по ознаката 4xe. Денес ќе зборуваме за поголемиот модел од овие два, а тоа е Compass, во Limited ниво на опременост во послабата варијанта.
Jeep Compass беше еден од уникатните модели во класата на теренци од средна големина. Наместо „фенси“ дизајн, има мускулест и оригинален дизајн за еден теренец, а благодарение на традиционалниот 4×4 погон, голем дел од конкуренцијата ја остава зад себе. Сепак, времето постојано се менува па затоа овој американски теренец мораше да помине низ европеизација. Оригиналниот дизајн е сеуште задржан, но традиционалниот 4×4 погон е заменет со нов, помодерен систем – за ова ќе зборуваме подоцна, сега малку за надворешниот дизајн на Compass. Визуелниот идентитет е од голема важност при привлекување на клиенти и еден од главните критериуми при купување на возило. Од овој аспект, Compass 4xe ги има сите визуелни кодови кои се специфични за SUV моделите. Исто така, во споредба со другите верзии на Compass не се направени никакви измени на надворешноста, а единствениот начин да познаете дека станува збор за хибридна изведба е ознаката 4xe на вратата од багажникот, сините детали на логото Jeep на хаубата и тоа што од двете страни има капаче кое се отвора – од левата страна е за полнење на батеријата, а од десната страна е за полнење на гориво. Една од главните предности на Compass е тоа што има прилично интересна големина за градот – не е преголем, а не е ни премал. Должината на автомобилот е 4394 мм, ширината е 1819 мм, висината е 1649 мм и меѓуоскиното растојание е 2636 мм.
Одиме внатре, а тука не пречекува едноставна, многу просторна и супер практична кабина. Океј, дизајнот на кабината можеби не до толку модерен како кај некои од конкурентните модели, но поради тоа што кабината е совршено осмислена и нуди одлична ергономија не тера да заборавиме на недостатокот на модерност. Скоро сите функции за автомобилот се контролираат преку физички копчиња кои се поставени на идеалното место и секогаш се „при рака“. Седењето е високо, а седиштата заслужуваат пофалба бидејќи нудат супер комфорност на долги патувања, а во исто време се и одлично профилирана за да ве држат цврсто во свиоци. Пред возачот се поставени аналогни инструменти со централен дисплеј на кој се прикажуваат сите важни информации кои му се потребни на возачот, вклучувајќи и информации за хибридниот систем. На горниот дел од централната конзола се наоѓа 8.4-инчниот дисплеј за UConnect инфозабавниот систем кој поддржува поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Системот генерално има лесно и едноставно мени за користење, а кога станува збор за графиката има некои конкурентни модели кои имаат за нијанса почиста графика. Под дисплејот се физичките копчиња кои служат за контролите на клима уредот – супер-практично и едноставно решение. Додека под нив се поставени контроли за неколкуте различни модови на возење, како и за хибридниот систем. Голем дел од материјалите кои се поставени во кабината, барем оние кои често се допираат и се во видно поле се од одличен квалитет и генерално завршната обработка е на доста солидно ниво.
SUV моделите пред се треба да бидат многу практични и просторни, предните седишта нудат одлична просторнот, но како е на задните седишта? – Со оглед на големината на Compass 4xe, просторната понуда на задната клупа е и повеќе од доволна. Двајца патници со просечна висина ќе ужуваат во идеален комфор, додека по потреба може да се смести и трет патник во средина, но тогаш комфорот е на пониско ниво. Во багажникот на располагање се достапни 420 литри багажен капацитет, што е за 18 литри помалку од конвенционалните верзии на Compass бидејќи мора да се сместат некаде и батериите за хибридниот систем. Подот во багажникот се подесува по висина, а под него е поставено специјално место за каблите за полнење. Доколку ги спуштите задните седишта ќе добиете багажен капацитет од 1230 литри. Отворањето е широко и благодарение на комплетно рамниот под, ставањето и вадењето на поголеми и потешки работи нема да претставува никаков проблем.
Стигнавме до најинтересниот дел за оваа изведба на Compass, а тоа е погонот. Под хаубата на тест моделот се наоѓа 1.3-литарски четирицилиндарски турбо-бензински мотор кој располага со 130 коњски сили и 270 Nm вртежен момент, додека силата ја испраќа исклучиво на предните тркала. Моторот е поврзан со стартер/генератор и силата се пренесува преку 6-брзински автоматски менувач. Погонот на сите тркала е обезбеден благодарение на електричниот мотор со моќност од 60 коњски сили и 250 Nm вртежен момент кој е задолжен исклучиво за придвижување на задните тркала. Батеријата од 11,4 kWh која е поставена под задните седишта, според официјалните податоци треба да е доволна за опсег од 50 километри. Инаку, за батериите Jeep нуди гаранција од 8 години или 160.000 километри. Вкупната системска моќност на оваа верзија изнесува 190 коњски сили, а достапна е и помоќна верзија со 240 коњски сили. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч кај оваа послаба верзија изнесува 7.9 секунди, додека максималната брзина е 183 км/ч.
Достапни се три режими на возење – Hybrid, Electric и E-Save. Карактерот на автомобилот останува ист кај сите режими, а се менува само однесувањето на погонскиот систем. Во Hybrid режимот, автомобилот се однесува како и секој друг хибриден автомобил, а тоа значи дека автоматски регулира дали ќе го користи само бензинскиот мотор, само електричниот мотор или двата заедно. Ако батеријата е полна, автомобилот по секоја цена сака да вози само на електрична енергија и мноогу ретко го уклучува конвенционалниот мотор, обично ако ја притиснете педалата за гас поагресивно. Во овој режим на возење просечната потрошувачка е околу 3 до 4 литри на 100 изминати километри. За вториот, Electric режим и самото име кажува за што станува збор. Во овој режим возите исклучиво само на струја, и тоа до брзини од 130 км/ч. Ова е и најидеалниот режим за возење во градски услови, со полна батерија јас поминав 46 километри, што не е многу далеку од официјалните бројки кои кажуваат опсег од 50 километри. Добрата работа со ваквото возење е тоа што не трошите воопшто гориво и секако воопшто не загадувате. Па затоа, доколку дневно поминувате до 50 километри и вечерта го ставите автомобилот да се полни, многу ретко ќе треба да посетувате бензинска станица. Во домашни услови, батеријата ќе ја наполните за околу 3 до 3 ипол часови, а доколку користите брз полнач ќе се наполни за околу 1 час. Во третиот, E-Save режим автомобилот го користи само бензинскиот мотор и ја чува и воедно надополнува батеријата. Исто така, до менувачот има едно копче кое служи за уклучување на максимална регенерација и така многу побрзо ќе ја наполните батеријата, обично при отпуштање на педалата за гас и при сопирање. Во овој режим, каде што примарно автомобилот е придвижуван од конвенционалниот мотор со внатрешно согорување, јас измерив потрошувачка од околу 6.5 литри на 100 изминати километри. Да бидеме реални, кога ќе се земе во предвид големината на автомобилот и перформансите ова е навистина импресивна потрошувачка.
Compass 4xe и покрај зголемената тежина (поради хибридниот систем) е многу лесен автомобил за возење, особено во градски услови. Повисоката седечка позиција придонесува и за подобра прегледност, воланот ја има перфектната тежина и маневрирањето е навистина лесно, но не очекувајте кој знае какви повратни информации. Веднаш е приметливо и дека главниот акцент е ставен токму на комфорот и рафинираноста, па затоа Compass 4xe одлично ги филтрира дупките и нерамнините на улиците без да има пренагласени удари и вибрации во кабината. Ме изненади тоа што за ваков тип на возило, навалувањето во свиоци е сведено скоро на минимум и ја имате онаа сигурност зад воланот. Сепак, динамичното и брзо возење не му одговара премногу на Compass 4xe. На автопат, во кабината е тивко и доста рафинирано, а на 130 км/ч моторот врти околу 2500 вртежи во минута. Со претставувањето на оваа електрифицирана верзија, се појавува и релативно неочекувана можност за забава. Во чисто електричниот режим, практично имате погон само на задните тркала, а со целосно исклучени системи ( на 65 км/ч автоматски се активираат) на некоја лизгава површина автомобилот ви дозволува малку да се поиграте. Секако, се додека не ја испразните батеријата…
Jeep не е Jeep ако не нуди и врвни off-road способности, нели? Jeep немаше намера да изгуби ни малку од неговата репутација кога станува збор за теренски способности со претставувањето на оваа верзија на Compass. Голем дел од конкуренцијата на Compass 4xe не нуди погон на сите четири тркала, па доколку се најдете на пат со кал, песок, снег и слично, Compass 4xe без никаков проблем „ќе ве извади“ од тие ситуации. Во зависност од површината под вас, може да одберете од неколку различни режими – Auto, Sport, Snow и Sand/Mud. Исто така, електричниот мотор што ја управува задната оска може да симулира 4wd Lock функција до 15 км/ч и 4wd Low mode што овозможува да се создаде вртежен момент од 2500 Nm на задните тркала. Целиот електричен систем е толку добро направен што Compass може да помине во вода со длабочина од 400 мм.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Цената на тестираниот модел Jeep Compass 4xe PHEV Limited 190 изнесува 41.000 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Jeep.

























