Тест: Ford EcoSport Titanium 1.5 TDCi 125 AWD

Ford EcoSport е најмалиот SUV модел во гамата на Ford и за прв пат беше претставен во 2014 година, тој модел на EcoSport не беше достапен на македонскиот пазар. Во 2018 година, EcoSport доби мало освежување на екстериерот и ентериерот, доби нови технологии и опција за погон на сите четири тркала, нешто што е многу ретко во оваа класа на возила. И сега, овој фејслифт модел е достапен за македонските купувачи. EcoSport е базиран и ја користи истата платформа од новата Fiesta , а тоа е одлична појдовна точка. Исто така, ги користи и истите бензински и дизел мотори- за моторите ќе зборуваме малку подоцна.
Должината на возилото изнесува 4,017мм, ширината 1,765мм, меѓуоскиното растојание е 2,519мм и висината е 1,650мм.

Да започнеме со надворешниот дизај на EcoSport. Фејслифт моделот доби нов преден и заден браник, нова предна решетка, нови предни и задни светла и уште некои мали козметички измени. Со сите овие промени, EcoSport сега многу наликува како “baby” Kuga, особено гледан од напред бидејќи ја има истата предна решетка и формата на светлата е многу слична со тие на Kuga. Ford, исто така додаде и повеќе опции за персонализација и може да одберете покрив во различна боја од таа на каросеријата. EcoSport има огромна конкуренција и во споредба со сите тие модели, изгледа многу различно. Има поробустен и малку чуден дизајн што или ви се допаѓа премногу или не ви се допаѓа ама баш ич. Целиот овој робустен дизајн и ground clearence од 20cm ви дава до знаење дека EcoSport е поспремен за off-road возење од сите други конкурентни модели. За оние кој сакаат EcoSport да им изгледа поспортски и попривлечно, достапно е и ST-Line ниво на опрема. Во ова ниво добивате спортски бодикит, црни кровни шини, 17-инчни бандажи(со опција за поголеми 18-инчни), заден спојлер, ST-Line ознаки, покрив и ретровизори во контрасна боја, како и спортски елементи во внатрешноста.
Достапни се вкупно четири нивоа на опременост: Trend Plus, Business, Titanium и ST-Line.
Тестираниот модел беше во Titanium ниво и ја имаше сета опрема која е потребна.

Ентериерот во Ford EcoSport ќе им биде добро познат на сите тие кои седнале во некои од поновите модели на Ford. Дизајнот и повеќето копчиња и контроли се превземени од новата Fiesta, а тоа не е воопшто лошо бидејќи се е јасно поставено и лесно за користење при возење. Повеќето материјали се меки на допир и целиот ентериер е добро склопен, но има и делови на долниот дел од вратите и централната конзола кои што се со тврда пластика. Да бидеме реални, во секој модел од оваа класа се наоѓаат такви делови…Послабата страна на кабината во EcoSport споредено со конкурентните модели е тоа што нема многу интересен дизајн и нема некој „wow” ефект. Кул опција е тоа што добивате „mood lighting” и може да одберете неколку различни бои во зависност од вашиот mood. Во Titanium нивото, во кое што беше и тестираниот модел добивате полу-кожни седишта кои се доста удобни, но не нудат добра странична поддршка, мултифункционален кожен волан, менувач обложен во кожа, автоматски клима уред и 8-инчен infotainment дисплеј.
Infotainment системот со 8-инчен дисплеј и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto е стандард во сите нивоа на опременост, освен во првото Trend Plus. Системот работи добро, графиката е солидна и е лесен за користење. Добро е и тоа што е поставен на горниот дел од централната конзола бидејќи при возење не треба премногу да го тргате погледот од патот. Стандардниот аудио систем кој се добива е со 6 звучника и има навистина добар квалитет и е доволно јак. Доколку сте голем фан на музика, како опција достапно е B&O аудио систем со 10 звучника и вкупна јачина од 675W!

EcoSport е базиран на малата Fiesta и просторноста внатре е слична како и во Fiesta. Просторот на задните седишта е малку лимитиран и е доволен за двајца патници, ептен за некои кратки релации ќе може да се стиснат и тројца. Луѓе до 180cm ќе имаат доволно простор за нозете и главата и може да седат удобно, но за повисоки од тоа ќе биде малку проблем. Вратата од багажникот се отвора странично и EcoSport е единствен во оваа класа со такво отворање. На некои луѓе ова им се допаѓа, а на некои па и не баш. Лошата страна на ова е што ако сте паркирани во некое тесно место до некој ѕид или има друго паркирано возило позади вас нема да можете да го отворите багажникот…Добрата страна е што како стандард добивате под кој се подесува по висина и поради широкото отворање нема да имате никакви потешкотии при ставање и вадење на некои поголеми и потешки работи. Големината на багажникот е 334 литри, што е помалку од некои други конкурентни модели.

Ford EcoSport е достапен со два бензински и два дизел мотори:
-Бензински
1.0 EcoBoost со 125 коњски сили /достапен со мануелен и автоматски менувач
1.0 EcoBoost со 140 коњски сили /достапен само со мануелен менувач
-Дизел
1.5 TDCi со 100 коњски /достапен само со мануелен менувач
1.5 TDCi со 125 коњски сили /достапен само со мануелен менувач

Тестираниот модел беше опремен со најмоќниот 1.5 турбо дизел мотор со 125 коњски сили и 300Nm вртежен момент. Исто така, овој мотор доаѓа само со AWD систем и EcoSport е еден од ретките возила во оваа класа што е достапен со погон на сите тркала. Меѓутоа, скоро цело време силата се пренесува само на предните тркала, а кога возилото ќе осети дека фали грип на задните тркала и кога возите по некој екстремен off-road пат тогаш префрла и дел од силата на задните тркала. Перформансите кои ги има овој мотор се одлични и би рекол дека се и повеќе од доволни, мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 7 литри на 100 изминати километри. Доколку планирате голем дел од времето да го возите на отворен пат и исто така одите по некои не асфалтирани патчиња надвор од градот, земете го овој мотор. Во спротивно, сосема доволен ќе ви биде 1.0 турбо-бензинецот со 125 коњски сили(овој мотор го имам возено на новиот Focus и е перфектен).

Опремата која ја добивате како стандард во Titanium нивото содржи: Автоматски светла, сензор за дожд, стартување на возилото без клуч, делумно кожни седишта, 16-инчни алуминиумски бандажи, темпомат со ограничувач на брзина, автоматски клима уред, електрохроматски централен ретровизор, 8-инчен infotainment дисплеј и многу друго…

Седењето во EcoSport е доста високо и го имате тоа SUV чувство за разлика од конкурентните модели во кои седењето е пониско. Исто така, ова помага во прегледноста која од напред и од страните е одлична, но назад е малку лимитирана поради тоа што прозорот е мал и е поставен повисоко. Задни паркинг сензори се дефинитивно потребни за паркирање во потесни места. Суспензијата е специјално направена за патиштата во Европа, но сепак за ваков тип на возило е на потврдата страна и возењето низ град знае да биде “bouncy”. Но, од друга страна нема преголемо навалување во кривини и воланот кој е со малку поголема тежина дава солидни повратни информации за тоа колку грип има возилото. EcoSport е лесен за возење низ градските улици благодарение на добрата прегледност и компактните димензии. Мануелниот менувач на Ford е прецизен и пријатен за користење и е подобар за разлика од некои други модели во оваа класа. На автопат, на поголеми брзини внатре во кабината се слуша мала бучава која доаѓа од ретровизорите и моторот, но не е нешто што ќе ви смета премногу. EcoSport иако ја користи истата платформа и мотори од Fiesta, не е забавен за возење како што е Fiesta, што е и очекувано бидејќи сепак за работи за повисоко SUV возило.

Ford EcoSport 1.0 EcoBoost 125 моментално има промотивна почетна цена од 16.900€.

Цената на тестираниот модел Ford EcoSport 1.5 TDCi 125 AWD Titanium изнесува 25.800€.

Повеќе информации за возилото може да најдете на https://ford.mk/ или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс!

ЗАКЛУЧОК
Класата во која што е EcoSport моментално е една од најконкурентните класи и овој тип на возила се едни од најбараните, но и покрај одличните мотори и overall доброто возење, му фали тоа што е пресудно при купување на вакво возило...а тоа е "fancy" и интересен дизајн на екстериерот и ентериерот. Од друга страна, EcoSport ќе биде перфектен за луѓе кои сакаат SUV модел со компактни димензии, кој за разлика од некои други, таканаречени "шминкерски" конкурентни модели е навистина способен да вози и надвор од градските улици.
ПОЗИТИВНО
Добри off-road возни карактеристики.
Просторна кабина.
Достапен погон на сите четири тркала.
НЕГАТИВНО
Така-така надворешен дизајн.
Непрактична врата од багажникот.
3.5