MG Motor официјално започна со продажба во Македонија

MG Motor е новиот автомобилски бренд на македонскиот пазар и официјалниот застапник за нашиот пазар е Ми-Да Гранд Моторс. Продажно-сервисниот центар кој се наоѓа во Ми-Да Гранд Моторс сега и официјално започна со продажба.

Во понудата на MG Motor моментално има три SUV модели и целосно електричниот MG 5 караван модел, а најавени се и нови модели кои треба да бидат претставени наскоро. На македонскиот пазар, сега за сега достапни се два SUV модели – ZS и EHS.

MG ZS е компактен кросовер и воедно најмалиот модел во понудата на брендот. Достапен е во неколку нивоа на опременост, а што се однесува до моторите, може да изберете помеѓу 1.5-литарски VTi-Tech атмосферски бензинец со 106 коњски сили и 5-степен мануелен менувач, додека втората опција е 1.0-литарски T-GDi турбо бензинец со 111 коњски сили и 6-степен автоматски менувач.

Вториот SUV модел е MG EHS кој припаѓа во Ц-сегментот и е достапен исклучиво во Plug-in Hybrid верзија. Овој погон комбинира 1.5-литарски T-GDi турбо бензинец, електромотор и батерија со капацитет од 16.6 kWh и вкупна системска моќност од 258 коњски сили. Со полна батерија само на струја може да помине до 52 километри. Исто така, достапен е во неколку нивоа на опременост.

Од следната година, на македонскиот пазар ќе бидат достапни и целосно електричните модели од портфолиото на MG Motor. Инаку, сите модели на брендот доаѓаат со гаранција од 7 години или 150.000 поминати километри.

За оние кои не се запознаени, брендот MG Motor сега го води компанијата SAIC Motor (Shanghai Automobile Industry Corporation) кој е седми по големина производител на автомобили во светот. Покрај Morris Garages (MG), под SAIC Motor се уште Roewe и Maxus, SAIC Volkswagen, SAIC-M и други.

За повеќе информации посетете го продажниот салон на MG Motor каде што ќе може и одблиску да се запознаете со изложените автомобили.