ТЕСТ: Volvo XC40 T5 Recharge Inscription

Електрифицираните автомобили полека, но сигурно стануваат реалност и во нашата држава. Доказ за тоа е што во последно време, се почесто и почесто добивам хибридни, Plug-in хибридни или целосно електрични автомобили на тест, а тоа е добро. Денес ќе зборуваме за електрифицирана верзија на Volvo XC40. Пред неколку години, на тест имав XC40 со класичен 2.0-литарски дизел мотор и погон на сите четири тркала и тогаш импресиите беа навистина одлични, но дали оваа верзија што ја имав сега на тест е подобра од претходната?

Убавината и интелигенцијата ретко одат рака под рака, но понекогаш постои исклучок, како што е Volvo XC40 T5 Recharge. Автомобил кој има комбинација на атрактивен надворешен изглед со иновативен Plug-in хибриден погон. XC40 е најмалиот модел во понудата на шведскиот бренд и малку отстапува од другите модели во гамата. Со овој модел, брендот е насочен кон малку поинакви клиенти од оние што вообичаено ги гледаме зад воланот на Volvo автомобилите и тоа е одлична работа.

На прв поглед, веднаш може да видите дека XC40 е едно поинакво Volvo. Основниот дизајнерски јазик што го користи денес производителот на автомобили е разработен поинаку, покреативно, дизајнерите ги продолжиле правилата од прирачникот „Вака треба да изгледа Volvo“ на еден многу поубав, поинтересен и малку различен начин. “малото” Volvo ја доби онаа коцкаста форма што е позната за SUV моделите, но со многу поостри рабови, здебелени странични линии, многу динамични детали и голема решетка за ладилникот која е со засечени краеви. Вниманието го привлекуваат и full LED фаровите кои го содржат добро познатиот светлосен потпис на Volvo, но тука и тоа е малку променето, па така дневните светла се малку различни и позакосени. XC40 е единствениот модел на Volvo кој може да се добие со двобоен дизајн, односно покривот да биде во црна или бела боја со што се добива уште повпечатлив изглед. Но дури и ако покривот е во иста боја со каросеријата пак јасно се истакнуваат острите линии, а оваа „Fusion Red“ боја одлично му прилега на XC40. Во масивниот Ц-столб на овој модел е испишано „Recharge“, а тоа е првата работа по која ќе познаете дека станува збор за Plug-in хибридна изведба, втората работа е капачето на предното лево крило каде што се приклучува полначот. XC40 е автомобил кој има сосема оригинален изглед и едноставно нема да се меша со ниту еден друг автомобил на улица.

Одиме внатре, а тука не пречекува карактеристичниот шведски дизајн кои ги задржува препознатливите детали на Volvo и нуди беспрекорна удобност. Она што веднаш се забележува е квалитетното и премиум чувство во кабината, сите материјали се меки на допир и од беспрекорен квалитет, а вентилационите отвори вклучуваат и ротациона контрола, чие движење завршува со прекрасен чист клик. Да, сите модели на Volvo имаат генерално идентичен ентериер, но во XC40 се направени некои мали промени. Пример, воланот – неговиот распоред е ист како и кај другите Volvo модели, но сепак е различен, неговиот центар е поаголен и линиите се поостри. Долниот дел од централната конзола има комплетно друг распоред со што се добива повеќе простор за складирање. Кога сме веќе кај тоа – XC40 нуди премногу простор во кабината каде што може да ставите буквално се и сешто, отворот во централната конзола е огромен, фиоката пред совозачот е исто така огромна, отворите во вратите се толку големи што без никаков проблем може да се стави лаптоп или пак женска чанта – и не се секирајте нема ништо да тропка или да се изгребе бидејќи тој дел е прекриен со многу мек материјал, перфектно решение.

Што се однесува до дисплеите, пред возачот се наоѓа целосно дигитална инструмент табла од 12.3-инчи која нуди неколку опции за конфигурација, графиката е супер, лесно е за читање и во средина може да се прикажува навигацијата, но кај некои од конкурентните модели се добиваат многу повеќе опции за конфигурација. На централната конзола е поставен 9-инчниот „Portrait Style“ дисплеј за инфозабавниот систем, на прв поглед менито може да изгледа малку збунувачки, но верувајте за две минути ќе го научите целото мени и која функција за што служи. Дисплејот има перфектна графика и нуди беспрекорна респонзивност. Она што ми фали во ентериерот се физички копчиња за контролите на клима уредот, бидејќи температурата и јачината на клима уредот се контролираат преку големиот дисплеј, а искрено се тоа е некако решено на еден поедноставен и попрактичен начин. Друга работа што е за пофалба се седиштата – Volvo ги имаат едни од најудобните седишта, седењето е правилно и имате одлична поддршка за грбот и нозете. После стотици, па и илјадници километри поминати во возилото едноставно не се чувствувате изморено и здрвено.

XC40 нуди и сосема пристоен простор на задните седишта, двајца патници ќе имаат повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главата. Што се однесува до тоа дали може тројца патници да се сместат удобно – генерално да, но тој што ќе седи во средина нема да има баш доволно простор за нозете. Во багажникот на располагање има 460 литри багажен капацитет, просторот е одлично дизајниран во коцкаста форма и отварањето е широко, а подот е комплетно рамен дури и кога ќе ги спуштите задните седишта, па така ставањето и вадењето на потешки работи нема да претставува проблем. Просторот со спуштени задни седишта прераснува на 1336 литри капацитет.

Она што е најважно конкретно за ова Volvo XC40 е погонот – па ајде да зборуваме малку за тоа бидејќи има доста интересни работи. Основата на XC40 T5 Recharge е иста како и кај другите Plug-in хибридни автомобили – помал бензински мотор поврзан со електричен мотор кој е напојуван од компактна батерија од 10,7 kWh поставена во средината на автомобилот и која може да се полни преку полнач – но дизајнот на целиот овој погон е малку поразличен од вообичаено. Под хаубата се наоѓа 1.5-литарски трицилиндарски турбо-бензинец со моќност од 180 коњски сили кој работи заедно со електромотор кој располага со 82 коњски сили. Пред да кажете коментар од типот на „што е ова мотор со трицилиндри во ваков автомобил“ – одете и пробајте го автомобилот бидејќи во овие Plug-in хибридни модели бројот на цилиндри и зафатнина на моторот одамна ја надмина вредноста. Вкупната моќност на XC40 T5 Recharge изнесува 262 коњски сили и 425 Nm вртежен момент кои се доволни за забрзување од 0 до 100 км/ч за импресивни 7.3 секунди и максимална брзина од 205 км/ч. Силата се пренесува на предните тркала (нема опција за погон на сите четири тркала во оваа изведба) преку комплетно нов 7-степен автоматски менувач со двојна спојка со сопствен дизајн.

Накратко, малку и досадна техничка теорија. Новиот менувач не само што има двојна спојка, туку тоа се две трансмисии една до друга. Па затоа, освен со моторот со внатрешно согорување, менувачот работи и со електромоторот. При поврзување на моќноста на двата мотори, секој користи по една преносна осовина (моторот со внатрешно согорување користи непарни брзини, а електричниот мотор користи парни брзини), а истовремено се обезбедува и рекуперација и полнење на батеријата. Целата магија на овој менувач и мазноста со која работи системот е дека додека едната спојка се исклучува за да менува брзина, другата брзина е веќе вклучена и истовремено се вклучува и спојката, така што смената на брзини се случува буквално веднаш и неприметно. Ова не е ништо ново. Но, тука во целата работа е вметнат и електричниот мотор, а сето ова е едно навистина паметно решение!

Како работи погонот во XC40 T5 Recharge? – Всушност многу добро. Можеби звучи комплицирано, но зад воланот нема никакви компликации, хибридниот XC40 работи исто како и секој друг XC40, а тоа значи многу комфорно и рафинирано возење. Како и кај сите plug-in хибриди на Volvo, достапни се разни режими на возење – Hybrid, Pure, Power, Off-Road и Individual. Во Hybrid режим, автомобилот сам одредува дали ќе го користи турбо-бензинецот, електромоторот или двата заедно, во Pure режим, автомобилот го користи исклучиво електромоторот. Според официјалните податоци, со полна батерија само на електричен погон може да се поминат околу 50 километри, во неколку дневното тестирање јас успеав да поминам 42 километри што не е многу далеку од декларираните податоци. Бидејќи станува збор за Plug-in хибриден модел, освен тоа што батеријата се полни сама при сопирање и слично, автомобилот може да го приклучите и на полнач. На јавно достапните полначи на ЕВН кои се поставени низ цела Македонија, целосното полнење на батеријата трае околу 3 часа. Што се однесува до Power режимот, тука автомобилот е придвижуван генерално од моторот со внатрешно согорување, а во одредени ситуации кога е потребно се уклучува и електромоторот да помогне – тоа е обично при поагресивно притискање на педалата за гас. Ако мислите дека во овие ситуации потрошувачката на гориво ќе биде огромна – грешите. Во текот на тестирањето јас измерив просечна потрошувачка која се движеше од 7 до 8 литри на 100 изминати километри, што за возило од околу 1800 килограми е одлична бројка. Сепак, доколку возите во Hybrid режим, потрошувачката е доста пониска. Она што изненадува е рафинираноста и смиреноста со која работи моторот со внатрешно согорување, оние класични работи за трицилиндарските мотори како што се вибрации, бучавост и тропање, тука воопшто ги нема, а убаво е маскиран и оној познат „турболаг“. Благодарение на добрата шасија, возењето во XC40 е рафинирано и многу комфорно, суспензијата одлично се справува со сите дупки и нерамнини. Во град е лесен за маневрирање, а на автопат е тивок и удобен. Не му сметаат ни подинамичните возења, но да бидеме реални ова е автомобил од кој воопшто не се очекуваат спортски карактеристики. Дали некогаш сте слушнале птици како свиркаат на дрвјата додека возите со автомобилот на улица? Јас ги слушнав додека го возев XC40 – во кабината владее совршен мир и тишина.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Volvo XC40 T2 Momentum изнесува 31.990 евра.

Цената на тестираниот модел Volvo XC40 T5 Recharge Inscription изнесува 53.460 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo Cars Macedonia.

ЗАКЛУЧОК
Volvo XC40 ми се допадна и првиот пат кога го возев, нуди многу добри возни карактеристики и одлична просторност во внатрешноста. Plug-in хибридната верзија доаѓа со иновативен погонски систем и кога станува збор за резултатот, тоа е од прва класа. Ниска потрошувачка, перформанси далеку поголеми од потребите на еден просечен возач и добра софистицираност, така може најдобро да се опише овој автомобил. Исклучително кул и моќен компактен SUV - ако барате помал премиум теренец, а дизел мотор не ви е приоритет при изборот, понекогаш се исплати да пробате нешто ново.
Иновативен и одличен хибриден погон.
Атрактивен и оригинален надворешен дизајн.
Практична и просторна внатрешност.
Лимитирана прегледност кон задниот дел.
Багажникот е со просечна големина за класата.
4