XC40 е најмалиот и најнов SUV во гамата на Volvo и е под поголемите XC60 и XC90.
Поставен е на комплетно нова платформа која понатаму исто така ќе се користи за новата генерација на V40. Воедно, XC40 е еден од најбезбедните нови автомобили на пазарот и скоро сите системи за безбедност доаѓаат во стандардна опрема во сите модели.
Должината изнесува 4425мм, ширината 2034мм и висината е 1658мм.

Надворешниот дизајн има посебен шарм, острите линии и подигнатото подвозје дефинираат дека се работи за SUV модел кој изгледа доста eye catching, па дури и во некоја од “нормалните” бои пример сребрена како што е тестираниот модел ќе приметите дека секаде каде што ќе поминете луѓето од страна се вртат по него. XC40 за разлика од неговите поголеми браќа XC60 и XC90, има сосема различен и помладешки изглед со што е повеќе популарен за помладите купувачи. Тестираниот модел беше во MOMENTUM ниво на опременост со плус уште мнооогу дополнителна опрема. Може да одберете помеѓу четири нивоа, а тоа се: INTRO, MOMENTUM, INSCRIPTION и R-DESIGN. Јас би го препорачал MOMENTUM нивото бидејќи е опремено со сите потребни работи кои ќе ги задоволат сите ваши потреби. За тие што ова ниво нема да ги задоволи и сакаат малку поспортски детали на надворешниот и внатрешниот изглед заедно со малку потврда суспензија тука е R-DESIGN нивото кое што навистина изгледа предобро особено во Bursting Blue Metallic бојата.
Ентериерот има класичен минималистички дизајн и го има тоа премиум чувство одма штом седнете внатре. Сите материјали кои што ќе ги допрете, секако се меки на допир и од добар квалитет, но во долниот дел на централната конзола се малку потврди пластики. Реално, тоа место скоро и никогаш не го допирате па и не е нешто што на некого би му пречело. Мене лично ми се допаѓа тоа што нема премногу копчиња и контроли туку се е едноставно и се е поставено на перфектно место за да може лесно да ракувате со секоја функција дури и додека возите. Особено треба да се напомене дека Volvo ги имаат едни од најудобните седишта во возилата, седењето е правилно и имате одлична поддршка за грбот и нозете. После илјадници километри поминати во возилото нема да се чувствувате изморено и здрвено. Сите модели добиваат 9 инчен дисплеј за Infotainment системот кој е поставен вертикално (portrait style). Системот работи перфектно, брз е и има одлична графика. Менито е сосема различно во споредба со Infotainment системите кај другите брендови и прв пат кога ќе го користите ќе ви биде малку чудно и збунувачки, но ако некогаш сте користеле некаков вид на таблет нема да ви треба многу време за да научите како функционира. Исто така, добивате и посебна апликација за вашиот смарт телефон, преку која може да ракувате со навигацијата без да треба да бидете во возилото, да уклучите греење или ладење во кабината и да го отклучите или заклучите возилото. Аpple CarPlay и Andorid Auto се опција, не доаѓаат стандард, но во тој Connectivity пакет со нив добивате и wireless полнење за вашиот телефон. Друга кул работа која доаѓа како стандард во сите нивоа на опременост, а кај повеќето конкурентни модели е опција, е дигитална инструмент табла со дисплеј од 12.3 инчи. Тестираниот модел го имаше и Harman Kardon аудио системот со 13 звучници и максимална јачина од 650W. Aко сте голем љубител на музика, ви го препорачувам да го земете, нема ич да ги зажалите екстра парите бидејќи квалитетот е предобар!
Просторот на задните седишта е сосема доволен за двајца патници од 190cm, дури и тие што ќе седат напред ако се 190cm високи патниците на задните седишта ќе имаат доволно простор за нозете и главата и ќе може да седат удобно. Тројца патници би можеле да седат, но не за предолго, тој што ќе седи во средина ќе има проблем со просторот за нозете поради тунелот кој се наоѓа во средината. Во багажникот на располагање имате 460 литри, што е негде во нормалата за овој тип на возило бидејќи има конкурентни модели кои нудат повеќе, но и помалку простор. Багажникот е одлично дизајниран во коцкаста форма и отварањето е широко, а подот е комплетно рамен дури и кога ќе ги спуштите задните седишта па така, ставање и вадење на потешки работи нема да Ви претставува проблем. Просторот со спуштени задни седишта прераснува во 1336 литри.
Во понудата достапни се три бензински и два дизел мотори:
Бензински:
T3(1.5) со 156 коњски сили | достапен само со мануелен менувач и преден погон
T4(2.0) со 190 коњски сили | достапен само со автоматски менувач и преден или погон на сите тркала
T5(2.0) со 247 коњски сили | достапен само со автоматски менувач и погон на сите тркала
Дизел:
D3(2.0) со 150 коњски сили | достапен со мануелен или автоматски менувач и преден или погон на сите тркала
D4(2.0) со 190 коњски сили | достапен само со автоматски менувач и погон на сите тркала
Според мене најоптимален и најисплатлив мотор би бил D3, реално ако го возите само во град и на отворено нема да имате потреба од погон на сите тркала и тие пари може да ги дадете за друга опрема што би ја користеле. Исто и T4 бензинецот е супер опција, има малку подобри перформанси и стандард го добивате со автоматски менувач, но во споредба со D3 очекувајте малку повисока потрошувачка. Тестираниот модел беше опремен со најјакиот дизел мотор D4 кој има 190 коњски сили и 400Nm вртежен момент,а стандардно доаѓа со автоматски менувач и погон на сите тркала. Перформансите кои ги има се одлични и сосема доволни за возење во градски услови и за на отворен пат. Моторот е толку добро усовршен со автоматскиот менувач што не ни ги приметувате промените на брзини. Просечната потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 9.5 литри на 100 изминати километри.
Што добивате во MOMENTUM нивото на опрема?
City safety(систем за спречување на судар со возила, пешаци и велосипедисти), Асистенција за спречување на судар со возила од спротивен правец, спречување на случајно напуштање на патот, систем за одржување на правецот на возење, помош при возење во надолнини, сензор за дожд, 9 инчен infotainment дисплеј, препознавање на сообраќајни знаци, dynamic шасија, Volvo On Call, мултифункционален кожен управувач, Bluetooth, темпомат, предни и задни LED светла, автоматски клима уред, систем за квалитет на воздухот, дигитална инструмент табла, лумбална поддршка со електрично подесување во четири правци, амбиентално осветлување, паркинг сензори назад, избор на режим за возење, 18 инчни алуминиумски фелни, седишта обложени во текстил и кожа и уште мнооогу друго…
Тестираниот модел имаше плус дополнителна опрема:
Connectivity пакет(Apple CarPlay, Android Auto и wireless полнење на телефон), предни светла за магла со аголно осветлување, Active High Beam технологија, автоматско затемнување на внатрешен и надворешни ретровизори, паркинг камера назад, помош при паркирање напред и назад, електрично отварање на багажник, електрично преклопување на задни седишта, Keyless entry клуч, греење на предни седишта…
Возењето е толку добро и комфорно што со задоволство ќе сакате да поминете што повеќе километри во него! Volvo се фокусирале на тоа XC40 да биде еден од најкомфорните мали SUV возила и успеале во тоа. При возење низ кривини дури и со малку поголеми брзини XC40 е стабилен и нема премногу навалување, добро не дека нема ич, но за SUV возило не се осеќа толку како кај некои други модели од оваа класа. Една од првите работи што ќе ги приметите кога ќе седнете внатре е тоа што имате чувство дека седите во вистински SUV модел, повисоката седечка позиција Ви помага во прегледноста напред и од страните, но не и назад, големите задни столбови блокираат дел од прегледноста. Големи пофалби имам за изолацијата, внатре во кабината нема никаква бучава што ќе ви пречи па така возењето е многу релаксирано, а и без проблем ќе може да разговарате со патниците на задните седишта.
Volvo XC40 моментално се нуди со промотивна почетна цена од 32.190€ со INTRO ниво на опрема и Т3 мотор.
Цената на тестираниот модел Volvo XC40 D4 AWD A MOMENTUM изнесува 54.600€.
Повеќе информации околу возилото и цени за другите модели може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo Cars Македонија.


















