Тест: Volvo V60 D3 A Momentum

Ова е втората генерација на V60 која беше претставена во 2018 година.
Возилото сега е поставено на комплетно нова SPA платформа и нуди малку повеќе простор во кабината бидејќи меѓуоскиното растојание е зголемено за 96мм. Исто така овој модел е многу пософистициран од својот претходник, ги има сите најнови технологии и многуте нови безбедносни системи.
Должината на возилото изнесува 4.761мм, ширината 2.040мм, висината 1.427мм и меѓуоскиното растојание е 2.872мм.

Volvo во својата гама има луксузни седани и SUV модели во сите големини.Но според мене најтипично Volvo се караван моделите, а V60 е еден перфектен караван! Надворешниот дизајн е многу сличен со поголемиот V90, сепак има некои детали по кој се разликуваат. Имаат комплетно различен преден и заден браник, предните дневни LED светла во Т форма кај V60 се поблиску до маската за ладилникот, страничната линија не оди преку целото возило, туку кај V60 почнува од задната врата…Како и да е, за да ги приметите сите разлики кои ги имаат треба многу добро да ги познавате двете возила и да ги гледатe одблизу. Целиот дизајн изгледа многу убаво и стилски, особено за караван-јас би рекол дека V60 е дефинитивно еден од најубавите каравани моментално на пазарот! Достапни се четири нивоа на опременост: V60, MOMENTUM, INSCRIPTION и R-DESIGN. Тестираниот модел беше во MOMENTUM нивото со плус дополнителна опрема.Токму ова ниво и би Ви го препорачал бидејќи стандардната опрема која што ја добивате во Volvo е доста голема и најбитно е што скоро сите најнови безбедносни системи исто така се во таа листа. Доколку сакате вашиот V60 да изгледа уште покул и поспортски, R-DESIGN нивото има поспортски браници, добивате сосема други бандажи, спортски детали во ентериерот и уште некои други детали што го прават да изгледа малку повеќе “eye-catching”.

Ентериерот во V60 ќе ви биде добро познат бидејќи е скоро ист како и во секој нов модел на Volvo-едноставен минималистички, но сепак стилски дизајн кој се разликува од сите други конкурентни модели и изгледа многу кул! -особено во тестираниот модел кој е во комбинација со кожа и кариран текстил. Сите материјали се меки на допир и се од одличен квалитет, но има некои ситни детали кои кај германските конкуренти се малку подобри. Сите копчиња и контроли се јасни и лесни за ракување, ергономијата е одлична и целиот ентериер е перфектно склопен – го имате тоа чувство дека седите во премиум возило. Пред Вас е поставена дигитална инструмент табла од 12.3 инчи која е опција, а навигацијата која се прикажува е во 3D и е одлична. Стандард добивате помала инструмент табла од 8 инчи.
Infotainment системот има дисплеј од 9 инчи и е поставен вертикално(portrait style) кој го добивате стандард во било кое ниво на опременост. Системот е лесен за користење, доста респонзивен на сите ваши команди и целото мени е баш како таблет уредите, сите функции се јасни и лесно разбирливи. Ако некогаш сте користеле некаков вид на таблет, интерфејсот ќе Ви биде добро познат и многу лесно ќе може да го ракувате. Контролите за климата исто така се преку тој дисплеј и нема физички копчиња, а тоа може да претставува мал проблем при возење бидејќи ако сакате да ја смените температурата на климата ќе треба да го тргате погледот од патот. Поддршка за Apple CarPlay и Android Auto има, но ќе треба да доплатите бидејќи за жал, не доаѓа во стандардната опрема, а со тој пакет добивате и wireless полнење за вашиот паметен телефон. Тие што се големи љубители на музика ќе ги интересира и оваа информација, тестираниот модел беше опремен со опционалниот Harman Kardon аудио систем кој има 14 звучника и вкупна јачина од 600W! Квалитетот и јачината се нешто феноменално! Мислите дека овој аудио систем нема да ги задоволи вашите потреби? Не се секирајте, има опција и за појак Bowers and Wilkins систем кој има 15 звучника и јачина од 1,100W што верувам дека ќе Ви биде и повеќе од доволно.

Седиштата во Volvo се дефинитивно едни од најудобните и се чувствувате како да седите во некоја многу удобна фотелја што ја имате во вашиот дом. Имаат одлична поддршка за вашиот грб и долгите патувања нема да ви претставуваат никаков проблем. Просторот на предните седишта е повеќе од доволен и за повисоки луѓе и многу лесно се наоѓа идеална возачка позиција. На задните седишта ќе може да седат удобно луѓе до 190cm и воедно да имаат доволно простор за нозете и главата, по потреба ќе може да седат тројца патници, но нема да им биде баш комотно, а и во средина има голем тунел така што тој што ќе седи во средина ќе треба да ги стави нозете кај некои од другите патници-V60 ги има едни од најпорсторните и најудобни задни седишта во својата класа. Во багажникот на располагање достапни Ви се 529 литри што значи малку повеќе од своите конкуренти и исто така V60 има најголем багажен простор во својата класа. Ставањето и вадењето работи од него е многу лесно поради тоа отворањето е широко и подот е комплетно рамен дури и кога ќе ги спуштите задните седишта, а така просторот прераснува на 1.441 литар. Сите модели имаат електронско отварање на багажникот, а достапнo е и hands free отворање што е многу практично кога рацете Ви се полни со кеси од шопинг.

Во понудата на располагање има два дизел и два бензински мотори:
Бензински
Т5 A (2.0) со 250 коњски сили / достапен само со автоматски менувач и преден погон
Т6 A AWD (2.0) со 310 коњски сили / достапен само со автоматски менувач и погон на сите тркала
Дизел
D3 (2.0) со 150 коњски сили /достапен со мануелен и автоматски менувач и само преден погон
D4 (2.0) со 190 коњски сили /достапен со мануелен и автоматски менувач, преден или погон на сите тркала

Тесираниот модел беше со D3 дизел моторот со автоматски менувач кој има 150 коњски сили и 320Nm вртежен момент. 100 км/ч постигнува за 9.9 секунди, а максималната брзина изнесува 205 км/ч. Перформансите на моторот не се којзнае какви, но се сосема доволни за возење во град и на отворено. За дизел мотор работи тивко и нема премногу бучава внатре.
Јас лично би го одбрал појакиот D4 мотор бидејќи перформансите се малку подобри, кога е товарено возилото секако иде подобро, а потрошувачката ќе биде многу слична со D3.
Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 8.5 литри на 100 изминати километри.

Што се вклучува нивото MOMENTUM?-предни и задни LED светла, систем за квалитет на воздухот, задни паркинг сензори, електронски двозонски клима уред, City Safety – асистент за спречување на судар со возила, велосипедисти, пешаци и поголеми животни, темпомат, Помошен систем за одржување на правецот на возење, Помош при тргнување на угорнини, Сензор за дожд, Whiplash – систем за заштита на карлицата на предните седишта, Интелегентен систем за информирање на возачот (IDIS), 9 инчен дисплеј за infotainment системот, Аудио систем High Performance, Препознавање на сообраќајни знаци (RSI), Volvo On Call, Dynamic шасија, 17 инчни алуминиумски бандажи и уште многу, многу други работи…
Во тестираниот модел имаше плус дополнителна опрема како што се: Активен темпомат со полуавтоматско возење, систем за надгледување на мртов агол, Active High Beam LED светла, автоматско затемнување на внатрешен и надворешни ретровизори, греење на предни седишта, навигациски систем, сензори за паркирање напред и назад, задна камера, 19 инчни алуминиумски бандажи…

Возењето во V60 е релаксирано и многу удобно, ова е тип на возило што постојано ќе сакате да го возите на некои подолги патувања во кои што ќе уживате комплетно. Да бидеме реални, ако веќе купувате вакво возило нема да го возите премногу динамично и брзо, а и да го возите така тоа нема да биде проблем за V60 и нема да Ве разочара во никој случај бидејќи е доста стабилно и нема премногу навалување во кривини. Воланот е прецизен и имате контрола што се случува со предните тркала. Автоматскиот 8-степен менувач одлично си ја врши својата работа, но кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај му треба малку време додека префрли во идеалната брзина. Изолацијата во возилото е одлична и на отворен пат во кабината е тивко и нема голема бучава која би Ви пречела. Прегледноста за вакво големо возило е на доста солидно ниво, паркирањето во потесни места не претставува никаков проблем, а тука се и сензорите и камерите кои ќе Ви го олеснат паркирањето. За пофалба е и Pilot Assist системот како и адаптивниот темпомат кој сам забрзува, кочи и го одржува возилото во лента, но притоа рацете мора да ги држите на волан.Одлична опција која долгото возење на отворен пат го прави многу полесно. Според мене возењето во V60 има перфектен баланс помеѓу комфор, стабилност и динамичност. За крај, зошто би купиле V60, а не S60? Па се разбира, поради големиот багажник и подобрата практичност.

Почетната цена за Volvo V60 изнесува 47.300€.
Цената за Volvo V60 MOMENTUM D3 A започнува од 53.700€.

Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.volvocars.com/mk/cars/new-models/v60 или да го посетите продажниот салон на Volvo Cars во Скопје. 

ЗАКЛУЧОК
Со купување на Volvo V60 не добивате само возило кое ќе ве пренесува од точка А до точка Б-добивате квалитетно и сигурно караван возило кое изгледа многу кул.
ПОЗИТИВНО
Поголем багажен простор од своите конкуренти.
Комфорен и рафиниран за возење.
Елегантен дизајн.
НЕГАТИВНО
Некои дополнителни опции се скапи.
Поголеми бандажи влијаат на комфорот.
5