C-HR е најновиот модел на Toyota во SUV сегментот. Ја користи истата платформа од добро познатиот Hybrid модел на Toyota-Prius. Стилот на автомобилот е спортски со кросоверски линии и кровот има купеовска линија, a името C-HR значи ‘Coupe-High Rider’.
Должината е 4360мм, ширината е 1795мм и висината е 1565.

Надворешниот дизајн изгледа футуристички и е многу ‘eye-catching’, a тоа го прави да се издвојува од својата конкуренција. Каде и да поминете нема човек што не се врти по него! Moделот што го возев имаше и плус некои ситни детали во неон зелена боја што уште повеќе го привлекуваат вниманието. Сепак колку што има луѓе на кои им се допаѓа изгледот толку има и на кои не им се допаѓа бидејќи навистина изгледа несекојдневно и малку “чудно”. Тестираниот модел беше во Classy ниво на опрема што воедно е и највисокото ниво. На располагање имате 3 нивоа на опременост: Center, Cult и Classy. Повеќето ќе го одберат Cult нивото бидејќи е добро опремено и има се што ви е потребно, а за тие што сакаат малку повеќе опрема, мали финеси на надворешниот изглед и збогатен ентериер тука е нивото Classy.
Ентериерот е едноставен и имате чувство како да сте седнале во некој автомобил од иднината. Скоро сите материјали кои ги допирате често се од доста добар квалитет и се меки на допир, а во тестираниот модел имаше и доста делови кои беа обложени во кожа. Сепак долниот дел на вратите и долниот дел на централната конзола имаат тврди пластики, но тие се делови кои што не ги допирате многу често, а и реално сите модели од оваа класа користат такви материјали на тие делови. Infotainment системот е поставен на одлично место за да не треба премногу да го тргате погледот од патот. Ракувањето при возење може да биде мал проблем бидејќи нема нормални копчиња и се контролира само со touch. Сите модели стандардно доаѓаат со 8 инчен дисплеј за infotainment системот кој е лесен за користење, но графиката не е баш меѓу најдобрите и за жал ја нема опцијата за поврзување на мобилен телефон преку AppleCarPlay или AndroidAuto.
На задната клупа луѓе до 190cm имаат доволно простор за нозете и главата и ќе може да седат удобно, сепак за тројца возрасни луѓе ќе биде малку тесно и тој што ќе седи во средина нема да му биде баш удобно. А исто така поради црниот штоф на кровот и малите прозори позади малку е темно и тие што ќе седат назад на подолги патувања може да се чувствуваат малку клаустрофобично. Багажникот располага со 377 литри што се сосема доволни за овој тип на возило, а отварањето е одлично и лесно ќе може да ставате и вадите работи од него.
Достапни се два мотори:
1.2 турбо бензинец со 116 коњски сили, кој исто така може да се земе со AWD систем.
1.8 Hybrid E-CVT 2WD
Ako сакате да заштедите доста пари на бензин и повеќето од времето возите во град дефинитивно треба да го земете Hybrid моделот, нема да згрешите во никој случај. Ако сакате малку подобри перформанси и не сакате да се возите во тишина ви го препорачувам турбо бензинецот.
Тестираниот модел беше опремен со 1.8 Hybrid моторот кој заедно со електромоторот испорачуваат 122 коњски сили и 142Nm вртежен момент, за возење низ град е и повеќе од одличен со нормално возење очекувајте просечна потрошувачка од 4.5 до 5 литри на 100 изминати километри, а ако бидете малку повеќе претпазливи со педалата за гас може да стигнете и до просечна потрошувачка од 3.5 литри, што е супер, нели? За отворен пат па и не баш добар овој мотор бидејќи на 120-130 km/h станува малку гласен и потрошувачката се покачува на 7.5 до 8 литри на 100 изминати километри. Исто така овој модел доаѓа само со автоматскиот менувач E-CVT koj одлично си ја завршува својата работа, но јас лично не сум голем фан на CVT трансмисија.
Нивото на опрема на тест возилото беше “Classy” највисокото ниво, а под тоа се подразбира: двобојни 18 инчни бандажи, систем за автоматско отклучување/заклучување на возилото, дополнително затемнети задното и страничните стакла, навигациски систем Toyota touch 2 & Go Plus, задна паркинг камера, LED задни светла, двозонски автоматски клима уред, греачи на предни седишта и на управувач, седишта во комбинација на кожа и текстил, горниот дел на инструмент таблата е обложен во кожа, LED дневни светла, мулти функционален кожен управувач, темпомат и уште многу, многу други работи.
Возењето е релаксирачко и удобно, управувачот е прецизен лесно ќе може да маневрирате низ градските улици, а суспензијата е одлична и покрај 18 инчните бандажи не е премногу тврда туку е баш како што треба да биде за овој тип на возило. Добро е и што нема многу навалување во кривините па возењето може да биде и забавно. Исто така може да одберете во каков тип на возење сакате да возите, а на располагање имате: Normal, Sport и Eco.Ставете го во Sport и C-HR го буди спортскиот дух кој го крие во себе, педалата за гас е пореспонзивна и управувачот станува малку потврд за да имате повеќе контрола при вртењето низ свиоците. Седењето не е баш високо како некои други SUV модели сепак прегледноста напред и од страните е добра, но позади поради големите Ц столбови и малото стакло не е баш прегледно, ама добро е тоа што сите модели доаѓаат со задна паркинг камера па нема да имате проблем да се паркирате и на тесни места.
Почетната цена за C-HR 1.8 Hybrid со CENTER ниво на опрема изнесува 24.890€ .
Промотивната цена со попуст на тестираниот модел C-HR 1.8 Hybrid со CLASSY ниво на опрема изнесува 27.590€ .
Цената за C-HR 1.2 Turbo 2WD со CULT ниво на опрема изнесува 28.190€ .
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.
















