Ова е мојот втор пат да поминам малку време со третата генерација на Seat Leon. При крајот на 2018 година на тест имав Leon во Xcellence ниво на опрема и 2.0 TDI мотор, сега на тест ја имав малку поспортската верзија на Leon- моделот FR, со истиот 2.0-литирски турбодизел мотор.
Должината на возилото изнесува 4.263мм, ширината е 1.816мм, меѓуоскиното растојание е 2.636мм и висината е 1.459мм.

Leon ја користи добро познатата MQB платформа, на која што се поставени и Volkswagen Golf, Audi A3 и Skoda Octavia. Оваа генерација во 2017 година доби мало козметичко освежување со мали измени на надворешниот и внатрешниот дизајн. Иако се поминати 7 години од претставувањето, Leon до ден денес сеуште изгледа многу привлечно, убаво и спортски! Leon е таков тип на возило со кое што ќе бидете приметени каде и да поминете. Овие неколку дена додека го возев, немаше човек што не се сврте по возилото- доказ дека и после неколку години дизајнот не изгледа застарено, туку сеуште импресионира.
Достапни се две нивоа на опременост- Style, и FR.
Што е разликата на надворешниот изглед помеѓу FR и Style нивото?- FR има поспортски преден и заден браник, 18-инчни бандажи, уникатна предна решетка и е понизок за 15мм.
Би ви го препорачал FR нивото бидејќи изгледа доста поубаво и добивате многу богата стандардна опрема!
Ентериерот во Leon има спортски дизајн исто како и екстериерот, особено во FR нивото. Добивате спортски кожен волан со црвени шевови, спортски седишта со црвени шевови кои воедно се многу удобни и нудат одлична странична поддршка- тестираниот модел имаше кожни седишта и искрено тоа е единствената работа која што не ми се допаѓаше бидејќи не сум голем фан на кожни седишта. Да, разбирам дека така целиот ентериер изгледа попремиум, но според мене алкантара седиштата се многу подобра опција. Друго што е уникатно за FR е тоа што добивате Piano Black трим, делови на долниот и горниот дел на централната конзола, како и околу отворите за климата кои се во црна боја. Нешто што е „must have” опција е панорамскиот сончев кров, а во FR го добивате во стандардна опрема! Квалитетот на материјалите е релативно добар, се наоѓа по некоја тврда пластика, но не е нешто што би ви пречело. Ергономијата е одлична, сите битни контроли и копчиња се поставени на перфектно место и се јасни и лесни за користење при возење.
Infotainment системот има 8-инчен дисплеј кој е доста респонзивен. Менито е едноставно и нема да Ви треба многу време да го проучите, пофалби и за одличната резолуција. Исто така, како стандард добивате и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Уште една работа која треба да се пофали е тоа што има физички копчиња за контролите на климата- нешто што се повеќе и повеќе станува реткост…
Кога станува збор за тоа колку простор има на задните седишта и колку е голем багажникот, за таа работа Leon не е меѓу најдобрите во својата класа.
Двајца возрасни патници ќе имаат доволно простор за да седат комотно, по потреба ќе собере и тројца, но поради повисокиот тунел во средина нема доволно простор за нозете на патникот што ќе седи во средина. Во багажникот на располагање имате 380 литри што е некаде во нормалата за оваа класа, некои конкурентни модели нудат малку повеќе простор. Формата е коцкаста, но подот не е комплетно рамен иако се подесува по висина. Задна деллива клупа(60:40) добивате како стандард и со спуштени седишта на располагање имате 1.210 литри багажен простор.
Може да одберете помеѓу два бензински и два дизел мотори-
Бензински-
1.0 TSI со 115 коњски сили
1.5 TSI со 150 коњски сили
Дизел-
1.6 TDI со 115 коњски сили
2.0 TDI со 150 коњски сили
Сите овие мотори стандардно доаѓаат со мануелен менувач, додека кај 1.5 TSI и 2.0 TDI може да земете и DSG автоматски менувач.
Тестираниот модел го имаше 2.0-литарскиот TDI мотор со 150 коњски сили и 340Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.4 секунди, а максималната брзина која може да ја постигне е 215 км/ч. Втор пат го возам Leon со овој мотор и по втор пат сум изненаден од перформансите и бруталното забрзување кое го има. Некој што не знае колку коњски сили има со сигурност би кажал дека има повеќе од 150…Доколку поминувате многу километри годишно, земете го овој мотор, нема да згрешите. Мојата просечна потрошувачка во град изнесуваше 7 литри на 100 изминати километри. Сепак, јас лично доколку би купил Leon би го одбрал 1.5 TSI бензинецот кој има исто 150 коњски сили и при помали брзини и возење во град гаси два цилиндри за помала потрошувачка.


Стандардната опрема која ја добивата во FR нивото содржи- 8-инчен дисплеј за infotainment системот, Beats audio систем- 10 звучници и сабвуфер, Full LED предни светла, LED задни светла, спортски седишта, блокада на диференцијал- XDS, front assist, задни затемнети стакла, 18-инчни бандажи, панорамски сончев кров, спортска суспензија пониска за 15мм, автоматски двозонски клима уред, LED амбиентално осветлување, сензори за паркирање напред и позади, греење на предни седишта и многу друго…
Една од причините поради која Seat Leon ми е омилен хечбек модел е возењето, поради тоа што е многу агилен и забавен- вози толку добро, како што и изгледа. Управувачот е прецизен, лесен за маневрирање и при динамично возење имате голема контрола за тоа каде се предните тркала. Мануелниот менувач, исто така е доста прецизен, па дури и интересен за користење. Суспензијата што ја имаат FR моделите е потврда и пониска за 15мм за разлика од другите модели. Да, возилото е потврдо и нерамнините и дупките на улиците ги осеќате малку повеќе, но во ниеден момент не е неудобно. Бенефитот на потврдата суспензија е тоа што при динамично возење низ кривини, нема големо навалување, а изненадувачки е и тоа колку “држи” во кривини дури и кога го возите на “лимит”. Најголемиот “проблем” со суспензијата е за луѓето кои седат назад, некои конкуренти модели се доста поудобни за патување на задните седишта. Но, доколку сакате возило кое ќе ви донесе насмевка на вашето лице, мора да направите некои компромиси. Добивате и Drive Mode select, што ви дава можност да одберете помеѓу- Normal, Eco, Sport и Individual. Разликата помеѓу Normal и Sport е тоа што во Sport педалата за гас реагира побрзо и додава плус тежина на управувачот, а пак кај моделите со DSG менувач се менува и работата на менувачот. Што се однесува на прегледноста, Leon е доста прегледен од сите страни, но тука се и паркинг сензорите кои ќе ви го олеснат паркирањето. На отворен пат, нема многу бучава во кабината освен малку од големите тркала и долгите патувања се комфорни и релаксирани.
Цената на тестираниот модел Seat Leon FR 2.0 TDI 150 изнесува 23.500€.
Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.seat.mk/ или да го посетите продажниот салон на Seat.
















