ТЕСТ: Range Rover Evoque S D150 MHEV AWD

Кога Land Rover ја претстави првата генерација на Range Rover Evoque во 2011 година, компактниот премиум SUV сегмент во тоа време немаше толку голем избор како сега, па затоа Evoque беше вистински хит. Британскиот производител го имаше вистинскиот рецепт – оригинален дизајн, квалитетен и премиум ентериер, како и вистински off-road способности. Првата генерација на Evoque се продаде во над 800 илјади примероци и веднаш беше јасно дека ќе има наследник кој ќе биде уште подобар од претходно. Втората генерација на популарниот Evoque беше претставена при крајот на 2018 година со еволуционерен дизајн, премиум high-tech ентериер, многу нови технологии и нови мотори.

Надворешниот изглед на новиот Evoque е софистицирана еволуција на својот претходник, па затоа од некои агли е многу сличен со првата генерација. Но, тоа не е воопшто лошо бидејќи Land Rover сакаше да го задржи оригиналниот и препознатлив изглед кој го имаше претходникот, а новиот Evoque изгледа навистина импресивно. Измени на надворешноста секако дека има, новиот модел е многу помодерен, пософистициран и уште на прв поглед некако полуксузен. Инспирацијата за дизајнот главно е превземема од поголемиот Velar, па затоа голем дел од дизајнерските детали ќе ви бидат добро познати. Како и другите модели на брендот, така и Evoque на предниот дел има тенки и долги (full LED) светла, профилот е рамен со чисти и елегантни линии, а најинтересниот детал се рачките на вратите кои при отклучување се отвораат. На задниот дел сега се поставени исто тенки и долги светла со уникатна графика кои ги спојува црна лента на која е испишано Range Rover. Се на се, Evoque изгледа фантастично и многу привлечно – тип на возило на кое неможе да му се најде некоја замерка за надворешноста.

Новиот Evoque е поставен и на комплетно нова платформа која ја користи и втората генерација на Land Rover Discovery Sport. И покрај сличниот изглед на двете генерации, новата платформа донесе толку многу промени што само шарките на вратите останаа исти на каросеријата, сите други елементи и панели се комплетно нови. Покрај тоа, новата платформа придонесе да возилото биде полесно и го елиминираше често критикуваниот проблем со недостаток на простор на задните седишта. Должината на новиот Evoque порасна за 16 мм, а меѓуоскиното растојание е зголемено за 22 мм, па затоа просторот на задните седишта сега е доста поголем, а зголемен е и капацитетот на багажникот.

Ја отворате вратата и ве пречекува многу луксузен и high-tech ентериер. Дизајнот е минималистички со едноставни и чисти форми, физички копчиња скоро и да нема, а во замена на тоа поставени се многу дисплеи. Како и надворешноста, така и внатрешноста влече инспирација од Velar. На прв поглед изгледа супер модерно и убаво, но кога ќе седнете зад управувачот ергономијата не е на највисоко ниво. Кога станува збор за дизајнот и поставеноста на елементите во кабината навистина е тешко да се најде некоја замерка, седиштата се супер-комфорни и прилагодувањето е електрично, како дополнителна опција подесувањето на управувачот може да биде исто така електрично, а благодарение на ова, идеалната возачка позиција ќе ја најдете многу брзо и лесно. Ентериерот на тест моделот беше црн, но благодарение на големиот (опционален) фиксен панорамски сончев кров преку кој влегува доста светлина, кабината не изгледа досадно и имате чувство дека е попространо. Погоре спомнав дека се поставени многу дисплеи – ајде да позборуваме малку за тоа. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла од 12.3-инчи која нуди многу опции за конфигурација и избор на тоа што точно сакате да гледате. Вниманието на централната конзола го привлекува новиот Touch Pro Duo инфозабавен систем кој има два дисплеи – горниот е наменет за мултимедија, навигација и сите функции за возилото, додека долниот дисплеј е наменет за клима уредот и бирање на некои од различните модови за возење. Во долниот дисплеј се интегрирани две ротирачки тркалца со кои може да ја подесите температурата и јачината на клима уредот – многу уникатно решение. Графиката на овие дисплеи е феноменална и кристално чиста, но функционалноста не е баш најдобра. Ако прв пат седнувате во модел на JLR, ќе ви треба малку време за да го научите системот, а понекогаш знае и споро да реагира на вашите команди. Секој нов автомобил, од било кој бренд стандардно доаѓа со голем дисплеј за инфозабавниот систем и намален број на физички копчиња, а се тоа резултира со одвлекување на вниманието на возачот од патот. Конкретно во Evoque го имав тој проблем при возење кога сакав да ја сменам јачината или температурата на клима уредот, бидејќи тоа го контролирате преку долниот дисплеј, а некои од иконите се мали, мора да го спуштите погледот надолу за да ја притиснете точната икона, а со тоа го тргате погледот од патот малку повеќе од што би требало. Со тек на време ќе треба да се навикнеме на овој начин на ракување, бидејќи како што кажав овој проблем не се однесува само за Range Rover, туку и за сите нови модели од другите брендови. Една дополнителна опција која е достапна кај Evoque (за жал тест моделот ја немаше) и која што морам да ја пофалам е Clearsight дигиталниот внатрешен ретровизор кој прикажува слика од камерата што се наоѓа во антената на кровот. Прегледноста назад е прилично лимитирана поради малиот прозорец, а плус ако ви смета главата на патникот што седи на задните седишта, го активирате дисплејот во ретровизорот со притискање на копче кое е вградено во долниот дел од ретровизорот, па така имате многу поголем преглед на тоа што се случува позади возилото – едноставно и многу практично решение.

Со зголемувањето на меѓуоскиното растојание, патниците на задните седишта сега добиваат многу повеќе простор за нозете и генерално повеќе комфор. Двајца патници од 185cm ќе имаат сосема доволно простор и за нозете и за главата, тројца патници ќе може да се сместат за некои кратки релации, но поради повисокото седиште во средина и високиот тунел, седењето во средина не е најудобно. Сите модели стандардно добиваат преклопливи задни седишта во сооднос 40:20:40, што е доста практично доколку сакате да ставите скии или некои други долги работи. Во багажникот на располагање се достапни 472 литри што е релативно пристојно за класата. Подот е комплетно рамен со браникот и отворањето е доста широко со што ставањето и вадењето на потешки работи е доста лесно, со спуштање на задните седишта се добива 1156 литри багажен капацитет.

Новиот Range Rover Evoque е достапен со вкупно седум мотори – три дизел и четири бензински. Доколку сакате дизел може да одберете помеѓу D150, D180 и D240, а пак ако сакате бензинец достапни се P200, P250 и P300. Претпоставувам дека веќе знаете по колку коњски сили имаат бидејќи бројката на моделот е всушност јачината на моторот. Сите овие мотори се 2.0-литарски Ingenium и сите освен основниот дизел стандардно доаѓаат со 9-степен автоматски менувач и AWD погон на сите четири тркала. Исто така, сите мотори се опремени со 48V Mild Hybrid систем кој работи во комбинација со Start/Stop системот. Land Rover пред извесно време во понудата на Evoque додаде и Plug-In Hybrid изведба (P300e) која користи 1.5-литарски бензински мотор заедно со електромотор и вкупната системска моќ изнесува 309 коњски сили.

Моделот кој што ми беше даден на тест под хаубата го имаше основниот дизел мотор (D150), кој има 150 коњски сили достапни при 2400 вртежи во минута и 380 Nm вртежен момент достапен од 1750 до 2500 вртежи во минута. Во конкретниот случај силата ја пренесува на сите четири тркала преку одличен 9-степен автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 11.2 секунди, а максималната брзина изнесува 196 км/ч. Според овие бројки и тежината на возилото која е скоро 2 тони, перформансите кои ги нуди овој мотор не се кој знае колку импресивни, но во реалноста се навистина адекватни и на голем дел од купувачите на ова возило ќе им бидат доволни. Инаку, Mild Hybrid системот работи како генератор/стартер и ја собира и складира енергијата што вообичаено се губи при сопирање, а потоа ја користи за поддршка на моторот со внатрешно согорување – со ова се добива намалена потрошувачка и пониски издувни гасови. Системот главно работи во комбинација со Start/Stop системот, при сопирање со брзина под 17 км/ч тој го исклучува моторот, ја полни батеријата и заштедува гориво. При палење, електричниот мотор му помага на моторот со внатрешно согорување, со што ја поедноставува неговата работа и повторно придонесува за помала потрошувачка. Во пракса, тешко дека ќе забележите како моторот се исклучува кога возите, Start/Stop системот работи феноменално и тотално не приметно. Просечната потрошувачка од неколку дневното тестирање изнесуваше 8.5-9 литри на 100 изминати километри – комбинација од возење во градски услови со кратки релации на отворен пат.

Какво е чувството зад управувачот на новиот Evoque? – ако визуелно изгледа многу слично со претходникот, тогаш возењето е комплетно обратно од тоа, новиот модел е подобар од секој аспект. Во градски услови, каде што и 99% од времето ќе го поминува ова возило, возењето е лесно и многу комфорно, а тоа е благодарение на релативно добрата прегледност, лесниот управувач и сите камери и сензори кои ви помагаат лесно да се паркирате дури и во тесни места, а притоа да не ги изгребете големите бандажи. Највеќе бев изненаден од комфорот кој го нуди Evoque на нашите улици кои се преполни со дупки бидејќи тест моделот имаше (опционални) 20-инчни бандажи, а во ниеден момент не се чувствувате неудобно и нема никакви несакани вибрации и удари во кабината. Кога станува збор за динамично возење, Evoque нема пренагласено навалување во кривини и релативно добро “држи“, но да бидеме реални ова е далеку од спортско возило. Evoque е направен да понуди врвен комфор и рафинираност, како и вистинско уживање зад управувачот, а тоа го прави беспрекорно добро. Evoque е одлично возило и за долги патувања, на автопат во кабината е рафинирано и тивко, единствената минимална бучава која ја има е од големите 20-инчни бандажи (сосема нормално и очекувано). Повеќе од јасно е дека голем дел од сопствениците на Evoque скоро и никогаш не го напуштаат асфалтот и не возат по некои екстремни терени, но Land Rover сепак се погрижи новиот Evoque да нуди врвни off-road способности. Возилото е опремено со новиот Terrain Response 2 систем кој овозможува да одберете од неколку различни режими на возење, во зависност од тоа на каков терен се наоѓате. Клиренсот од 212 милиметри, предниот агол од 22,2 степени и задниот агол од 30,6 степени, го ставаат Evoque на врвот во овој сегмент кога станува збор за off-road способности. Исто така, новиот Evoque може да вози и во вода со максимална длабочина од 600мм. На крај на денот, иако Evoque е член на Range Rover семејството, кога ќе го погледнам, off-road возење е последното нешто што ми текнува. Едноставно автомобилот е премногу убав и „урбан“ за да биде извалкан во кал.

Цената на тестираниот модел Range Rover Evoque S D150 MHEV AWD изнесува 74.380 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automobili Group.

ЗАКЛУЧОК
Првата генерација на Range Rover Evoque беше вистински хит за купувачите, новиот модел го продолжува тој уникатен изглед, но на многу полуксузен и попривлечен начин, плус нуди врвни теренски способности. Иако ова е најмалиот модел во гамата, Evoque е вистински Range Rover!
ПОЗИТИВНО
Уникатен и убав надворешен изглед.
Врвни off-road способности.
Луксузен и просторен ентериер.
НЕГАТИВНО
Ергономијата во кабината.
Лимитирана прегледност кон задниот дел.
4
More Stories
Претставен фејслифт моделот на BMW X1