Audi Q3

Audi Q3 беше првиот премиум SUV модел со компактни димензии. Од првото претставување во 2011 година до сега се продадени повеќе од 1 милион примероци! Оваа втора генерација на Audi Q3 е претставена во 2018 година и ја користи новата MQB платформа со што сега нуди повеќе простор во кабината. Возилото е подолго за 98мм, пошироко за 18мм и меѓуоскиното растојание е зголемено за 77мм. Освен стандардниот модел достапна е и купе изведба, наречена Q3 Sportback.
Должината на возилото изнесува 4,485мм, ширината 1,856мм, висината 1,585мм и меѓуоскиното растојание е 2,680мм.

SUV моделите на Audi никогаш не биле толку релевантни како што се сега. Во последните неколку години, Audi значително инвестираше во своите Q модели. Претстави модели како што се Q2, Q8 и сега целосно новата генерација на Q3. Со пристигањето на новиот покомпактен Q2 во 2017 година, моделот Q3 не е веќе најмалиот SUV на брендот. Па затоа, Audi мораше да направи поголеми промени за оваа нова генерација на Q3 и воедно да може подобро да функционира како фамилијарен SUV модел. Надворешниот дизајн е комплетно сменет и го има новиот дизајнерски јазик на Audi. Новото Q3 изгледа многу поубаво, поспортски и сега има многу поостри линии. На предниот дел одма ќе ја забележите гооолемата “Singleframe” решетка со октагонален дизајн со осум вертикални линии која влече инспирација од големиот Q8, а до израз доаѓаат и новите full LED предни светла(стандард кај сите модели) кои се со многу интересен дизајн. Интересен факт е тоа што кога го гледате од страна поради зголемените димензии и големите крила, 18-инчните бандажи кои ги имаше тестираниот модел изгледаат како да се еден или два броја помали…ова е уште еден доказ дека новиот модел е навистина голем! На задниот дел хоризонтално се поставени нови LED светла и ги добивате оние „Audi style” секвенционални трепкачи кои се многу, многу кул. Единствената работа која не ми се допаѓа, а мислам дека може да претпоставите за што точно се работи бидејќи сигурен сум дека и на повеќето од Вас не ви се допаѓа, се „fake exhaust” отворите на долниот дел од задниот браник…

Кабината во новото Q3 е многу слична на онаа во големиот Q8. Разликата е што Q3 ги задржа физичките контроли за клима уредот(thank you Audi) наместо да биде поставен и трет дисплеј. Целиот ентериер изгледа модерно и многу high-tech. Како и што се очекува од Audi, сите материјали кои ги допирате се меки на допир и од одличен квалитет. Ми се допадна и тоа што тестираниот модел имаше многу делови во сребрен трим, а тоа му дава уште полуксузен изглед на ентериерот. Како стандард сите модели добиваат 10.25-инчен Audi virtual cockpit- дигитален дисплеј за инструмент таблата, а како опција достапен е и поголем 12.3-инчен дисплеј. Стандардниот дисплеј кој се добива за најновиот MMI infotainment систем е со големина од 8.8-инчи, а секако достапен е и 10.1-инчен дисплеј кој доаѓа со вграден навигациски систем. За разлика од претходно, сега овој систем се контролира само преку Touch и го нема она тркалце кое беше поставено на долниот дел од централната конзола. Дисплејот има перфектно чиста графика, работи брзо и е едноставен за користење. Но, при возење доколку сакате да смените нешто, ќе треба погледот од патот да го тргате малку повеќе бидејќи дисплејот е поставен малку подолу. Исто така, повеќето од работите може да ги контролирате и преку виртуелниот кокпит, а кога сме кај тоа, виртуелниот кокпит на Audi е дефинитивно еден од најдобрите на пазарот! Најкул опција која ја има новото Q3 е амбиенталното осветлување кое ви овозможува да одберете од 30 различни бои! Како и во секој друг модел на Audi, стандардниот аудио систем кој го добивате има супер квалитет. Но, ако сакате вашиот автомобил да го претворите во диско, земете го опционалниот Bang & Olufsen аудио систем со 15 звучника кој звучи фантастично.

Ја отворате задната врата и одма ја гледате разликата во просторот на задните седишта споредено со претходниот модел. Има повеќе од доволно простор за луѓе до 190cm, исто така, удобно ќе може да седат и тројца патници па дури и за некои подолги патувања. Освен тоа што патникот кој ќе среди во средина, поради поголемиот тунел ќе треба нозете да ги стави од страните на другите патници до него. Како стандард добивате и задни седишта кој може да ги повлечете понапред за да добиете повеќе простор во багажникот. Со седиштата во стандардна позиција, багажникот располага со капацитет од 530 литри, што е повеќе од тоа што се добива кај конкурентните модели. Доколку ги повлечете седиштата понапред, добивате капацитет од импресивни 675 литри, а пак со комплетно спуштени задни седишта на располагање имате 1,525 литри. Подот се подесува по висина и е комплетно рамен, отворањето е широко, што значи ставањето и вадењето на потешки работи е доста лесно.

Audi Q3 е достапен со три бензински и два дизел мотори:
-Бензински
1.5(35 TFSI) со 150 коњски сили
2.0(40 TFSI) со 190 коњски сили
2.0(45 TFSI) со 230 коњски сили
-Дизел
2.0(35 TDI) со 150 коњски сили
2.0(40 TDI) со 190 коњски сили

Послабите мотори стандардно доаѓаат со 6-степен мануелен менувач, а како опција достапен е S-Tronic автоматскиот менувач и Quattro системот. Појакиот дизел мотор и бензинците со 190 и 230 коњски сили стандардно доаѓаат со S-Tronic и Quattro погон на сите тркала. Тестираниот модел го имаше послабиот дизел мотор со 150 коњски сили и 340Nm вртежен момент. Впарен со одличниот автоматски менувач и погон само на предните тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.2 секунди, а максималната брзина е 207 км/ч. Според мене, ова е најидеалниот мотор за Q3 бидејќи има и повеќе од доволни перформанси како и за возење во град така и за на отворен пат. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 8 литри на 100 изминати километри, но кога го земав возилото беше “brand new” и имаше поминато само 20 километри. Така што, со тек на време потрошувачката ќе биде и пониска.

Стандардната опрема која ја добивате во Advanced нивото вклучува: 18-инчни алуминиумски бандажи, Full LED предни и задни светла, 10.25-инчен Audi Virtual Cockpit, MMI infotainment систем со 8.8-инчен дисплеј, сензор за светла и дожд, автоматска паркинг кочница, кожен мултифункционален волан, Hill Start assist, предна маска во Titanium black боја, паркинг сензори и многу друго…

Новото Audi Q3 вози многу добро! Седите високо баш како што треба за SUV модел, а со тоа имате и подобра прегледност која во Q3 е одлична. Освен од напред и од страните, за пофалба е и прегледноста од позади. Доколку сакате да си го олесните уште повеќе паркирањето во тесни места, освен паркинг сензорите, како опција е достапна и камера од 360 степени. Управувачот е многу лесен за маневрирање низ градските улици, а воедно и доста прецизен. При динамично возење, добивате и солидни повратни информации, а доколку возилото има Drive Select, кога ќе го одберете спортскиот Dynamic режим управувачот добива плус тежина за подобро чувство при возење. Тестираниот модел ја имаше стандардната суспензија, која според Audi е направена да биде многу покомфорна и пореспонзивна од порано. И навистина, возењето во Q3 е многу удобно, сите оние дупки и нерамнини низ нашите градски улици ги впива перфектно и нема никакви вибрации во кабината. Исто така, при поголеми брзини, нема многу навалување во кривини и имате чувство на стабилност, но сепак ова не е спортско возило и не е многу забавно за динамично возење. Реално, не ни треба да биде и затоа Audi Q3 е ” како дома” на отворен пат. Изолацијата е на солидно ниво и единствената замерка која ја имам е што на малку поголеми брзини има мала бучава која доаѓа од моторот, освен тоа се друго е перфектно и долгите патувања се релаксирани и многу удобни. S-Line моделите имаат потврда спортска суспензија, а како опција може да земете и адаптивна суспензија која ви овозможува да одберете помеѓу помек и комфорен режим или пак потврд и поспортски режим. Кога станува збор за безбедност, новото Q3 ги има сите најнови системи вклучувајќи rear cross-traffic assist, traffic jam assist, emergency braking, lane keeping assist и blind-spot detection.

Новото Audi Q3 е во многу конкурентна класа, но модерниот и привлечен надворешен дизајн, како и новиот high-tech ентериер кој одлично се вклопува во Q3 и има перфектен баланс на удобност и квалитет го прави да се издвојува од своите конкурентни модели.

Почетната цена за Audi Q3 35 TDI S-Tronic изнесува 38,007€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Audi!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар