Peugeot 208

Ова е новата втора генерација на Peugeot 208 која во себе има комбинација на минатото со сегашноста. Во минатото секоја нова генерација на овој автомобил добиваше и ново име, но овој пат Peugeot го задржа името 208. Новиот модел е поставен на комплетно нова платформа, достапен е со нови мотори, како и сите најнови технологии. Голема новост е и тоа што освен со бензински и дизел мотори, новиот 208 е достапен и во целосно електрична верзија!

Надворешниот изглед го има новиот футуристички дизајнерски јазик на Peugeot кој мене лично многу ми се допаѓа и уште на прв поглед се приметува Францускиот шарм. Секој човек има различен вкус, па затоа јасно е дека новиот 208 нема да му се допаѓа на секого, но јас до сега слушнав само позитивни реакции. На предниот дел вниманието го привлекуваат дневните LED светла кои се во форма на лавовски заби, задниот дел изгледа доста широко и секси, а поставени се 3D LED светла во форма на лавовски канџи. Гледан од страна, 208 има динамични линии и спортски изглед. Особено во оваа жолта Faro боја, 208 привлекува многу внимание каде и да поминете и сите погледи се вперени баш во возилото. Инаку, на надворешноста се искористени дизајнерски детали од легендарниот 205, на хаубата се поставени бројките 208, а на решетката е поставено логото на Peugeot, црната лента која ги спојува задните светла е исто така од моделот 205- затоа на почетокот кажав дека возилото е комбинација на минатото со сегашноста. Новиот 208 е уникатен и посебен на свој начин, а тоа го прави да се издвојува многу од своите конкуренти. Всушност, 208 е дефинитивно најубавиот и најпривлечен модел во оваа класа на автомобили!

Надворешноста изгледа уникатно и убаво, но 208 не застанува таму со импресионирање. Ја отворате вратата и ве пречекува најинтересниот ентериер во класата на супермини автомобили. Дизајнот е динамичен и многу кул, а тоа ги прави другите конкурентни модели да изгледаат малку досадно… Материјалите кои често ги допирате се меки и квалитетни, но ако одите малку подолу ќе најдете потврди пластики, што е сосема океј бидејќи сепак се работи за мал градски автомобил. Нешто што е дискутабилно за ентериерот е возачката позиција и целиот сетап пред Вас. Peugeot ова го нарекува i-Cockpit- воланот е поставен пониско од нормално и е со помали димензии, а инструмент таблата е поставена повисоко. Има луѓе на кои ова им се допаѓа многу, а има и такви што воопшто не се фанови на овој сетап. Повисоките луѓе може да имаат проблем со наоѓање на идеална возачка позиција бидејќи во некои ситуации горниот дел од воланот ја блокира прегледноста кон инструмент таблата. Инаку, 208 е првиот модел на брендот кој има 3D дигитална инструмент табла- изгледа многу кул, има добра графика и ги прикажува сите потребни информации. На горниот дел од централната конзола поставен е 7-инчен дисплеј за infotainment системот(како опција достапен е поголем 10-инчен дисплеј со вграден навигациски систем). Позицијата на која е поставен дисплејот е перфектна бидејќи не треба да го тргате погледот од патот премногу. Графиката не е најдобра, но не е ни лоша, менито е едноставно, а целиот систем не е најинтуитивниот на пазарот. Не ми се допаѓа и тоа што сите контроли за клима уредот се контролираат преку infotainment системот и при возење е многу покомплицирано отколку се тоа да се контролира преку физички копчиња. Се на се, ми се допаѓа како е склопен целиот ентериер во 208, изгледа многу модерно и чувството зад воланот е како да сте во возило кое е една класа погоре.

Во споредба со претходната генерација, новиот модел нуди малку повеќе простор на задните седишта. Сепак, имајте на ум дека ова е мал градски автомобил и сместувањето на тројца патници на задната клупа не е баш удобно. Но, двајца патници ќе седат сосема комфорно со доволно простор за нозете и главата. Багажникот нуди капацитет од 310 литри, а доколку ги спуштите задните седишта добивате капацитет од 1106 литри.

Новиот 208 е достапен со неколку бензински и дизел мотори, како и целосно електрична верзија. кај бензинците понудата започнува со 1.2-литарскиот атмосферски мотор со 75 коњски сили, следен е 1.2-литарскиот PureTech со 100 коњски сили и најмоќниот е исто 1.2 PureTech, но со 130 коњски сили(достапен само со 8-степен автоматски менувач). Љубителите на дизел имаат опција само за еден 1.5-литарски BlueHDi мотор со 100 коњски сили и достапен е само со 6-степен мануелен менувач.
Моделот кој што го имав на тест под хаубата го имаше 1.2 PureTech турбо бензинецот со 100 коњски сили и 205Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.9 секунди, а максималната брзина е 188 км/ч. Силата ја пренесува на предните тркала и во конкретниот случај преку одличен 6-степен мануелен менувач(како опција може да одберете и 8-степен автоматски менувач). Вака кога ќе ги видите овие бројки можеби и не изгледа дека 208 со овој мотор е доволно брз, но во реалноста тоа е сосема спротивно. Искрено, воопшто не очекував возилото да биде до толку брзо. Одлично повлекува во секоја брзина и нуди навистина солидни перформанси за мотор со три цилиндри. Според мене, ова е идеалниот мотор за 208. Сигурно ве интересира и која е потрошувачката- мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 8 литри, ако сте попретпазливи со педалата за гас лесно се намалува оваа бројка.

208 е достапен во четири нивоа на опременост: Like, Active, Allure и GT-Line. Тестираниот модел беше во Allure нивото и стандардната опрема која ја добивате во ова ниво содржи- 16-инчни алуминиумски бандажи, електрична паркинг кочница, задни паркинг сензори, 3D LED задни светла, LED предни дневни светла, Peugeot i-Cockpit со 3D дигитална инструмент табла, автоматски клима уред, полукожни седишта, 7-инчен дисплеј со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, копче за driving mode и многу друго…

Како и другите модели на Peugeot, така и новиот 208 е повеќе ориентиран кон тоа да биде што е можно покомфорен. Возењето во град е рафинирано и суспензијата перфектно се справува со сите дупки и нерамнини, а притоа внатре нема никакви несакани вибрации. Управувачот е лесен и прецизен, а благодарение на добрата прегледност од сите страни 208 е навистина лесен автомобил за возење во градскиот метеж. Ме изненади рафинираноста на отворен пат, ова е еден од најтивките и најудобни автомобили во оваа класа. Минимална бучава од ретровизорите и тркалата има, но генерално возењето на подолг пат е релаксирано и нема потреба да го повишувате тонот за да се разберете со патниците на задните седишта. На поголеми брзини воланот добива плус тежина, но според мој вкус пак е премногу лесен. Да зборуваме малку и за динамичноста- 208 дефинитивно не е најспортскиот и најагилен автомобил во својата класа. Во кривини има понагласено навалување и не е до толку забавен за возење како што е Ford Fiesta. Исто така, малиот управувач е прецизен и ви дава некое спортско чувство ама немате никакви повратни информации и конекција со патот. За оние кој сакаат малку потврдо возење тука е GT-Line нивото во кое добивате малку пониска и потврда спортска суспензија, а тоа ќе придонесе возилото да биде постабилно во кривини и малку позабавно.

Новиот Peugeot 208 не е само убав автомобил, туку навистина е и многу добар автомобил кој ќе привлекува внимание уште долго време, особено ако одберете некоја од интересните бои(една од нив ја има тест моделот).

Почетната цена за Peugeot 208 1.2 75 Like изнесува 12.990 евра.

Цената на тестираниот модел Peugeot 208 1.2 PureTech 100 Allure изнесува 16.160 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар