ТЕСТ: Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 Allure

Првата генерација на Peugeot 2008 се појави на пазарот во 2013 година и тогаш беше еден од првите модели во компактната SUV класа. После 6 години пристигна и втората генерација на најмалиот SUV модел на Peugeot која е пософистицирана, поголема и драстично различна. Со оглед на тоа дека овој тип на возила се едни од најпродаваните во моментот, Peugeot имаа задача да понудат автомобил кој ќе биде на некој начин уникатен и ќе може да понуди нешто повеќе – и дефинитивно успеале во тоа.

Новиот 2008 е поставен на новата CMP платформа на PSA групацијата која ја користи и новиот 208(тестот за тој модел прочитајте го тука). Во споредба со својот претходник, новиот модел е за 140мм подолг(4300мм), 30мм поширок(1770мм), 20мм понизок(1540мм) и меѓуоскиното растојание е зголемено за импресивни 60мм(2650мм) – овие податоци го прават 2008 еден од најголемите модели во својата класа. Кога станува збор за дизајн, новите модели на Peugeot го имаат најуникатниот и најинтересен надворешен изглед. Новиот 2008 изгледа фантастично од било кој агол, добива некои дизајнерски детали од 208, 508 и 3008 – но сепак има различен и засебен изглед. За разлика од 208 и 508 каде што “забите”(дневните LED светла) на предниот дел се споени со фаровите, тука, кај 2008 тие се одвоени. Инаку сите модели стандардно доаѓаат со еко LED светла, а како опција достапни се и пософистицирани Full LED светла. Предниот дел изненадува со својата вертикалност, а освен “забите” вниманието го привлекува и големата решетка за ладилникот на која е поставен „лавот“. Страничните делови откриваат уште еден стилски и доста впечатлив ефект, имено, на предната и задната врата има триаголни линии кои ја нагласуваат динамичната силуета на возилото. Тест моделот беше опремен со 17-инчни алуминиумски бандажи, а може да одберете и 18-инчни бандажи доколку сакате малку поспортски изглед. Задниот дел, благодарение на големиот браник и несекојдневната форма изгледа доста робустно, а приказната ја заокружуваат 3D LED светлата кои ги спојува црна линија. И да, отворите за издув што ги гледате се делумно вистински и не е само украс како кај некои други автомобили – внатре се вистинските цевки од издувниот систем!

Кога ќе ја отворите вратата од новиот Peugeot 2008 ве пречекува несекојдневен и футуристичен ентериер кој се издвојува од сите други модели во класата. Целиот дизајн е ист како и во новиот 208, а тоа не е воопшто лошо бидејќи изгледа многу кул и повеќето места кои често ги допирате се од меки и квалитетни материјали. Доста интересен детал е тоа што кокпитот има вдлабнатина која го дели на два дела, а на тој дел поставена е и мека пластика со карбон ефект. 2008 го добива и најновиот i-Cockpit сетап кој доаѓа со 3D дигитална инструмент табла. Како и кај секој друг модел на францускиот бренд, поради помалиот и пониско поставен управувач, оние со малку поголема висина може да имаат мал проблем со пронаоѓање на идеална возачка позиција. Дисплејот за Infotainment системот е поставен на горниот дел од централната конзола и стандардно добивате 7-инчен, а како опција достапен е и поголем 10-инчен дисплеј со вградена навигација. Под дисплејот се поставени копчиња со клавирски дизајн кој нудат брз пристап до одредена функција. Ергономијата е на солидно ниво и голем дел од контролите се јасни и лесни за користење. Она што не ми се допаѓа баш е тоа што физичките копчиња за клима уредот се тргнати и подесувањето на температурата и јачината на вентилацијата се контролираат преку дисплејот, што е малку покомплицирано и прави да го тргате погледот од патот малку подолго.

Како и предните, така и задните седишта нудат импресивна и поголема просторност од претходно. Бенефитот од зголеменото меѓуоскино растојание највеќе се приметува на задната клупа, двајца патници ќе може да седат удобно и да имаат сосема доволно простор за нозете и главата, а поставени се и два USB приклучоци – доколку е потребно може да се сместат и тројца патници бидејќи 2008 е еден од моделите кој нуди најголема просторност на задните седишта во класата на компактни SUV модели. Багажникот нуди респектабилни 434 литри капацитет, а пристапувањето е лесно благодарение на широкото отворање и подот кој е скоро рамен. Кога ви е потребен поголем простор, задните седишта може да ги спуштите и така добивате 1467 литри на располагање.

2008 е достапен со неколку турбо бензински и дизел мотори, како и во целосно електрична верзија. Овој пат ќе зборуваме само за конвенционалните изведби – доколку сакате бензинец, на располагање е само 1.2-литарски трицилиндарски PureTech мотор, но со различна моќност – 100КС, 130КС и 155КС(достапен само во GT ниво). Кај дизелите, достапен е 1.5-литарски BlueHDI во две изведби – 100КС и 130КС, од кој послабиот е достапен само со 6-степен мануелен менувач, а помоќниот стандардно е опремен со 8-степен автоматски менувач. Тест моделот под хаубата го имаше според мене најидеалниот мотор, а тоа е 1.2-литарскиот PureTech со 130 коњски сили при 5.500 врт/мин и 230 Nm вртежен момент достапен од 1750 врт/мин. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.9 секунди, а максималната брзина е 198 км/ч. Силата се пренесува само на предните тркала(не е достапна опција за погон на сите четири тркала) и конкретно во овој случај преку лесен и прецизен 6-степен мануелен менувач. На хартија перформансите можеби и не се којзнае какви, но во реалноста се навистина доволни – како и за во град, така и на отворен пат. Единствената замерка која ја имам е тоа што во споредба со други трицилиндарски мотори, оној класичен звук за мотор со три цилиндри тука е малку поприметлив и при прво(ладно) палење се осеќаат вибрации во кабината. Мојата просечна потрошувачка во неколку дневното возење(голем дел во градски услови) изнесуваше околу 8 литри на 100 изминати километри.

На располагање се четири нивоа на опременост: Active, Allure, GT-Line и GT. Тест моделот беше во второто Allure ниво кое има доста богата стандардна опрема – Еко LED предни светла, автоматски клима уред, стартување на возилото без клуч, Active Safety Brake систем со предупредување за можен удар, систем за задржување на коловозна лента, задни паркинг сензори, задна паркинг камера 180 степени, 17-инчни алуминиумски бандажи, 3D дигитална инструментална табла, 7-инчен infotainment дисплеј, делумно кожни седишта и многу друго…

Чувството зад управувачот е како да седите во некој автомобил од иднината. Благодарение на повисоката седечка позиција прегледноста е на доста солидно ниво, освен кон задниот дел, но паркинг сензорите и камерите се тука за да го олеснат сето тоа. 2008 е направен да понуди супер комфорно возење во градски услови, меката суспензија одлично се справува со сите дупки и нерамнини без да се чувстуваат некакви вибрации во кабината. Управувачот е лесен и прецизен, но при подинамично возење не добивате многу повратни информации – што е и очекувано. Достапни се и два режими на возење – Normal и Eco, јас не успеав да приметам некоја голема разлика… Ова не е возило кое треба да ве возбуди кога станува збор за динамичност, но како такво нуди добар грип и има добро балансирана шасија. За разлика од некои други конкурентски модели, навалувањето во свиоци е понагласано, а тоа е сосема оправдано бидејќи тие што ќе се одлучат за ваков тип на возило приоритетот секогаш ќе биде за тоа возилото да е комфорно и удобно во секакви ситуации – за тоа, 2008 добива само пофалбни зборови. Комфорот продолжува и при возење на отворен пат, каде што изолацијата сега е многу подобрена споредбено со претходната генерација на 2008. Несаканата бучава е минимална и генерално доаѓа од ретровизорите, но сепак патниците ќе имаат пријатен и рафиниран престој на долгите патувања. Исто така, интересен факт е тоа што пневматиците кои ги добива 2008 се развиени од Peugeot и Michelin за да се добие помал отпор на тркалање и помала потрошувачка на гориво.

Почетната цена за Peugeot 2008 1.2 PureTech 100 Active изнесува 18.150 евра.

Цената на тестираниот модел Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 Allure изнесува 22.870 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.

ЗАКЛУЧОК
Новиот Peugeot 2008 со својот футуристичен и интересен дизајн, голема практичност и богата стандардна опрема нуди одлична вредност за парите.
ПОЗИТИВНО
Дизајн кој се издвојува.
Футуристичен и квалитетен ентериер.
Достапна е и електрична верзија.
НЕГАТИВНО
Понагласено навалување во кривини.
Нема лизгачка задна клупа.
5
More Stories
Панорама: Range Rover Evoque