ТЕСТ: MG4 Electric 64kWh Comfort

Брендот MG е скоро една година присутен на македонскиот пазар, а за тоа време стекна навистина голема популарност меѓу македонските купувачи. Тоа главно се должи на прифатливите цени, 7 годишната гаранција, а и моделите на брендот се генерално солидно функционални. До пред некое време, на нашиот пазар беа достапни само два модели – малиот кросовер ZS и SUV моделот со средна големина HS. Од неодамна, понудата е проширена со целосно новиот електричен хечбек MG4. Па денес, ќе зборуваме токму за овој модел, кој воедно има големи амбиции да биде еден од најатрактивните модели во својата класа.

MG е историски британски бренд кој за две години од сега ќе наполни 100 години од основањето. MG беше затворен во 2005 година по голема финансиска криза, две години подоцна, односно во 2007 година беше купен од кинескиот SAIC Motor, најголемиот кинески производител на автомобили и во топ 10 производители во светот. Првиот нов MG автомобил беше претставен во 2011 година, по празнина од 16 години. Новата ера на MG во суштина го избриша своето минато, тргнувајќи да понуди автомобили со прифатлива цена за просечниот купувач. Сепак, во 2017 година SAIC одлучи радикално да го ревидира профилот на компанијата, сакајќи да биде попаметен избор за европскиот купувач, стратегија која вклучуваше и производство на електрични модели.

Кон крајот на 2019 година започна со MG ZS EV, електричен B-SUV базиран на неговиот конвенционален пандан. Денес компанијата, која работи во седумнаесет европски земји, има во својата палета три целосно електрични модели, еден PHEV модел и два конвенционални модели со класичен бензински мотор, за да одговори на различните потреби на купувачката публика, додека нејзините автомобили сега се дизајнирани и во дизајнерскиот центар на компанијата во Англија и во Шангај.

Додека останатиот дел од понудата на британско-кинескиот производител досега наликува на мешавина помеѓу неколку брендови и во основа дизајнот на тие модели е доста конвенционален, MG4 е нешто сосема различно и толку многу уникатно што не може да го помешате со ништо друго на улица. За вкусови не се разговара, но MG4 е навистина атрактивен модел кој привлекува внимание и ретки се луѓето на кои не им се допаѓа. Сето ова е доволен доказ за тоа колку всушност е важен овој модел за брендот. Целиот дизајн на надворешноста е динамичен и со остри линии. Предниот дел е особено интересен благодарение на комплексните форми, тука се и LED фаровите со интересна графика, страничните отвори во браникот, како и предниот нагласен сплитер. Дополнително, од ова второ ниво на опременост се добива и активна решетка во долниот дел која кога е потребно помалку воздух за ладење, го затвора влезот, подобрувајќи ги аеродинамичните перформанси до 30 проценти и продолжувајќи го опсегот до 10 проценти. 

Страничната силуета на MG4 е исто така привлечна и уникатна, и прави автомобилот да изгледа помал од што навистина е. Од второто Comfort ниво на опременост стандардно се добиваат 17-инчни алуминиумски бандажи кои се скриени позади аеро пластични капаци. Преминуваме кон задниот дел – и тука не пречекуваат остри и динамични агли. Задните LED светла навлегуваат во задните крила и исто имаат интересна графика. Вреди да се напомене дека највисокото ниво на опременост добива и целосна LED лента која ги спојува двете светла – и со тоа се добива уште поатрактивен изглед, особено навечер. Интересна е и формата над задното стакло со уникатно изведено трето стоп светло – и тука во повисокото ниво се добива понагласен спојлер. Долниот дел добива карактеристичен дифузер и светло за магла во средината. 

Со должина од 4.287 мм, ширина од 1.836 мм и само 1.504 мм висина, MG4 е совршено прилагоден на неговата конкурентна средина. Иако вака по бројки не звучи на голем автомобил (технички и не е), но благодарение на специјално развиената платформа просторноста внатре е навистина импресивна.

Одиме во внатрешноста – овде не е толку динамично, но не е ни досадно. Контролната табла е изградена вертикално и не го отсекува внатрешниот простор благодарение на извонредното обликување, а исто така и нема премногу украси или хромирани детали. Главниот контролен елемент овде е самостојниот 10.25-инчен екран на допир во средината, каде што се концентрирани повеќето функции. Се вклучува доста брзо, но има одредено „сецкање“, што се забележува при работа, а понекогаш и при стартување, кога анимацијата за добредојде знае малку да закочи. Но, генерално системот нема проблем со јасност. Основниот приказ ќе ви го покаже делот за клима уредот, аудио, статусот на батеријата, и поврзувањето преку Apple CarPlay и Android Auto. До остатокот од менито може да се пристапи преку иконите на левата страна. Додека под екранот имаме неколку физички копчиња – за климатизација, дување и греење на прозорци, „Home“ и јачина на звук. Она што малку не ми се допаѓа е поставувањето на температурата и јачината на дување, сето тоа треба да се прави преку допир и во возење не е баш најпрактично бидејќи иконите се релативно мали.

Пред возачот се наоѓа уште еден 7-инчен екран на кој се прикажуваат само најважните работи околу возењето. Во средината се прикажува брзината и знаците со максимална дозволена брзина, лево се прикажуваат асистентите за помош на возачот, а десно се информациите од патниот компјутер, навигацијата (доколку има) и други елементи. Екранот е јасен за читање и лесен за употреба, а единствената „негативна“ страна е тоа што не може баш да го конфигурирте по ваш избор и достапен е само еден приказ. 

Во однос на квалитетот на материјалите и завршната обработка, навистина немам никакви сериозни замерки. Горниот дел од контролната табла е обложен со меки материјали кои изгледаат доста фино, вратите и некои други елементи во долните делови се обложени со малку потврда пластика, но сепак не изгледа воопшто евтино и целата кабина е многу добро склопена. 

На предните седишта има многу простор, а тие имаат и убава ширина и понагласена странична поддршка и како такви може да се прилагодат во доволен опсег за удобност и добар поглед од автомобилот. Има и многу места низ кабината за складирање – шишиња се вклопуваат во вратите, има држачи за чаши на нискиот централен тунел, а има и прилично голем наслон за раце кој се затвора со ролетна. Под централниот екран се наоѓа лебдечки тунел на кој е поставен тркалезен менувач и простор за телефон. Убаво е тоа што го имате вашиот паметен телефон при рака, но ова место нема многу подигнати рабови, така што вашиот уред ќе заврши на подот при првото нагло вртење.

Задните седишта нудат импресивна просторност и можат да примат двајца возрасни патници со просечна висина без проблем, по потреба може да се смести и трет патник, но само за кратки градски релации. Екипажот тука има USB порти и многу пристоен простор за колената. Седиштата се прилично ниски над подот, но благодарение на надолжниот простор тоа не е голем проблем. 

Багажникот во стандардна конфигурација нуди капацитет од 363 литри, додека со преклопени задни седишта капацитетот прераснува на 1177 литри. Просторот е во правилна форма и отворањето е доволно широко. Ми се допаѓа тоа што каблите за полнење може да ги скриете под двојниот под, па така нема да ви пречат на просторот доколку треба да ставите поголеми работи. Исто така, поради ова, не барајте резервно тркало овде, MG4 доаѓа само со комплет за поправка.

Пред да зборуваме за возните карактеристики, ајде да ја разгледаме техниката. MG4 доаѓа со два типа на батерии. Основната Standard верзија има lithium-iron-phosphate батерија со капацитет од 51 kWh и опсег до 350 километри според WLTP. Оваа верзија располага со 170 коњски сили, забрзување до 100 км/ч за 7.7 секунди и максимална брзина од 160 км/ч. Повисоките Comfort и Luxury нивоа на опременост доаѓаат со поголема nickel-manganese-cobalt батерија со капацитет од 64 kWh и опсег до 450 километри со полна батерија. 

Тестираниот примерок е опремен со поголемата батерија од 64 kWh и моќноста тука изнесува 204 коњски сили и 250 Nm вртежен момент кои се пренесуваат на задните тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 7.9 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 160 км/ч. Вака „на хартија“ можеби ова и не звучи толку импресивно, но верувајте во реалност е сосема друга приказна. 204 коњски сили „на струја“ и 204 коњски сили на бензин/дизел не е воопшто исто. Респонзивноста на педалата за гас тука е инстантна и автомобилот се катапултира нанапред и со секое поагресивно притискање на педалата за гас сте залепени за седиштето. За перформансите што ги нуди оваа верзија на MG4 и најпребирливите нема за што да се пожалат. 

Инаку, ќелиите на батеријата се поставени хоризонтално, така што целиот модул под подот е висок само 11 сантиметри, и во двата случаи батеријата тежи околу четиристотини килограми. Според официјалните податоци, тест примерокот со полна батерија може да помине до 450 километри. Времето кога јас го имав автомобилот на тест, надворешните температури беа неподносливи, а некои денови температура изнесуваше и преку 40 степени. Во текот на целото тестирање, клима уредот беше постојано вклучен и во такви услови успеав да поминам 400 километри со едно полнење – голем дел од километрите беа во градски услови и 90% од времето беше уклучено трето (највисоко) ниво на регенерација. Да бидам искрен ова е фантастичен досег со едно полнење – и тоа на вакви екстремно високи температури. Сето ова значи дека декларираните 450 километри досег не се недостижни. 

Што се однесува до полнењето, оваа поголема батерија поддржува полнење до 135 kW на брзи DC полначи и со таков полнач на батеријата и се потребни само 35 минути за да се наполни од 10 до 80 проценти. Со вграден AC полнач со наизменична струја од 11 kW за да се наполни батеријата од 10 проценти до скроз полна потребни се 6.5 часа. 

И уште една одлична работа – автомобилот исто така може да емитува енергија, како опција достапен е V2L кабел со два класични приклучоци, кој може да се користи до 2,2 kW.

До сега сум имал можност да возам неколку целосно електрични автомобили, и тоа од најразлични класи и големини. Да бидам искрен, не сум верувал дека некогаш ќе можам да кажам дека ваков електричен автомобил е навистина забавен за возење…Но, тој ден дојде и сега со сигурност можам да кажам дека MG4 е еден од ретките модели од оваа класа кој може навистина да изнуди насмевка на вашето лице – можеби звучи чудно и сигурен сум дека повеќето од вас нема да верувате на ова, но тоа е реалноста. MG4 има распределба на тежината од 50/50, а тоа овозможува одлични возни карактеристики, па затоа во свиоци автомобилот е примерен и неутрален. Ако му дадете малку повеќе гас, има лесно и безбедно лизгање на задните тркала, што е многу пријатно на излезите од кривината – електрониката ви дозволува малку да се радувате, наместо веднаш да ја „сече“ и крати моќта. И токму поради ова возењето е толку многу забавно, според стандардите за електрични автомобили од овој тип.

Во однос на возење во градски услови, MG4 е доста успешен автомобил. Благодарение на компактните димензии и релативно добрата прегледност, одлично се снаоѓа во градскиот метеж и е многу лесен за возење. Суспензијата е малку поцврста, но успешно ги филтрира сите дупки и нерамнини на патот без да ве заморува. Тука свој удел имаат и 17-инчните тркала кој се облечени во не толку „ниски“ пневматици, како и задната оска која користи суспензија со пет врски. Достапни се и 4 режими на возење – Snow, Eco, Normal и Sport, како и поставување на своја сопствена конфигурација. Сите овие режими нудат различно испорачување на моќноста и различно управување. Ни еден автомобил не е без некакви недостаци, па така, еден од недостатоците кај MG4 е зголемениот аеродинамичен шум при автопатски брзини, како и зголемената потрошувачка на енергија во такви услови. Општо земено, од возачка гледна точка, MG4 е многу добар и успешен автомобил. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за MG4 Electric 51 kWh Standard изнесува 33.900 евра.

Цената на тестираниот модел MG4 Electric 64 kWh Comfort изнесува 37.900 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон во склоп на Гранд-Ауто.

ЗАКЛУЧОК
Сè на сè, MG4 е импресивен автомобил – во однос на досегот и брзината на полнење, го обезбедува она што го ветува без возачот да мора да се ограничува. Се чувствува пријатно во градот, на автопатот и за време на подинамично возење низ свиоци. Внатрешноста и багажникот нудат солидна практичност за секој ден, но контролата и инфозабавниот систем имаат уште многу да научат во однос на одзивноста и јасноста, и покрај добрите намери.
Одличен реален досег со едно полнење
Солидни перформанси и динамика
Уникатен дизајн
Релативно ниска цена во однос на конкуренцијата
Потрошувачката на автопат значително се зголемува
Некои материјали во ентериерот би можеле да бидат подобри
Инфозабавниот систем не работи баш најдобро
4.5