ТЕСТ: Lexus ES300h Luxury Premium

Lexus ES е замена за моделот GS, а многумина мислат дека ES е нов модел во гамата на Lexus, но овој модел постои од 1989 година! Со оваа нова седма генерација, ES за прв пат е достапен и на европскиот пазар. Позициониран е помеѓу помалиот IS седан и ултра-луксузниот LS. Поставен е на новата “GA-K” платформа на Toyota и доаѓа со многу новости како и многу нови технологии. Исто така, ова е првиот ES модел кој е достапен и во спортската F-Sport верзија.

Надворешниот дизајн на Lexus ES е елегантен, но има и некои спортски детали. На прв поглед, поради големата и несекојдневна форма на маската, од напред изгледа малку чудно- детал што секако нема да биде по сечиј вкус, а мене лично ми се допаѓа „лутата фаца“ што ја има ES. Задниот дел има поконвенционален дизајн и не паѓа до толку во очи како предниот дел, но сепак изгледа убаво и фино. Многу ми се допаѓа тоа што целото возило изгледа многу уникатно и комплетно различно од германските конкуренти. Она што го издвојува од своите конкуренти не е само изгледот, туку нуди и многу други работи што кај конкурентите не се ни достапни, а за тоа ќе зборуваме подоцна. Немам ништо против SUV моделите, моменталниот тренд се баш тие SUV и кросовер возила и луѓето се повеќе се одлучуваат за такво возило наместо седани. Океј, нудат малку поголема практичност и повисоко седење кое некако дава поголема сигурност, но мојот избор помеѓу овие две возила секогаш би бил некој прекрасен седан.
Должината на возилото изнесува 4975мм, ширината 1865мм, висината 1445мм и меѓуоскиното растојание е 2870мм.

Елегантниот дизајн од екстериерот продолжува и во ентериерот. Кабината на Lexus ES уште на прв поглед изгледа многу луксузно и без да седнете во возилото сфаќате дека се е многу квалитетно и некако перфектно. Сите материјали кои се искористени се од врвен квалитет и голем дел од местата се од многу квалитетна кожа. Седиштата се едни од најкомфорните во оваа класа на возила, долго време не сум седел во толку удобни седишта. Подесувањето е електрично(нормално) и многу лесно се наоѓа идеална возачка позиција. Исто така, добивате греење(на предни и задни седишта) и вентилација само на предните седишта, како и греење на волан. Кога ќе ја отворите вратата гледате многу копчиња и контроли, но верувајте многу брзо се навикнувате на нив. Пред возачот е поставена дигитална инструмент табла која ги прикажува сите потребни информации, но не е толку конфигуративна како кај германските конкуренти. Добивате и Head-Up дисплеј кој е најголем во класата и на кој се прикажува брзина, количина на гориво, знаци за ограничување на брзина, навигација и lane keep assist предупредување. На горниот дел од централната конзола поставен е огромен 12.3-инчен дисплеј за infotainment системот кој во споредба со некои конкурентни модели има малку послаба графика. Овој дисплеј се контролира преку „touchpad“ кој е поставен до менувачот, да, малку е чудно и несекојдневно и ви треба малку време за да се навикнете. Целото мени е јасно и едноставно, но не е до толку интуитивно. Цел овој сетап на копчиња и дисплеи, Lexus го нарекува „Seat in Control“. Во Luxury Premium нивото во кое беше тестираниот модел, како стандард го добивате феноменалниот Mark Levinson премиум аудио систем.

Луксузот и комфорот продолжува и на задните седишта, а како и предните, така и задните седишта се многу удобни со одлична поддршка. Двајца патници до 190cm ќе имаат и повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главата. Воедно, подесувањето на задните седишта конкретно во овој модел е електрично. Тројца патници ќе може да се сместат, но така не го добивате тоа луксузно чувство. Централниот дел на седиштата може да го спуштите и на него се поставени голем број на контроли. Патниците што седат на задните седишта можат да ја регулираат температурата на климата, да уклучат греење на задни седишта, да си го регулираат седиштето, да управуваат со аудио системот и да ја спуштат или кренат заштитата од сонце на задното стакло. И верувајте ако седнете на задните седишта нема да сакате да искочите од возилото…Според Lexus, ES нуди најмногу простор во својата класа. Во багажникот на располагање достапни ви се 473 литри багажен капацитет што е околу 20% помалку во споредба со конкурентните модели. Отворањето на багажникот е електрично, а просторот е во коцкаста форма. Подот не е комплетно рамен со браникот, но ставањето и вадењето на големи и тешки работи нема да претставува проблем благодарение на широкиот отвор. Слабата страна е тоа што во ES неможе да ги спуштите задните седишта, се спушта само задниот потпирач за раце доколку треба да ставите скии.

Lexus ES во Македонија е достапен само со еден мотор(Hybrid)- под хаубата се наоѓа 2.5-литарски четирицилиндарски атмосферски бензински мотор кој работи во комбинација со електромотор и вкупната системска моќ изнесува 215 коњски сили и 221Nm вртежен момент. Силата се пренесува само на предните тркала преку E-CVT автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 8.9 секунди, додека максималната брзина изнесува 180 км/ч. Перформансите кои ги има овој хибриден погон се сосема доволни како и за возење во град, така и за на отворен пат. Во ниеден момент не се чувствува дека фали уште моќ. Оние што прв пат ќе седнат во ES, а пред тоа немаат возено ни еден хибриден модел поради линеарното забрзување и помалиот вртежен момент ќе мислат дека возилото не е доволно брзо, но погледнете ја километражата и ќе сфатите дека забрзувањето е и повеќе од доволно. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 6 литри на 100 изминати километри, на отворен пат потрошувачката е малку повисока и јас измерив од 9 до 10 литри на 100 изминати километри. Што реално кога ќе ја земете во предвид големината на возилото и тоа дека под хаубата имате 2.5-литарски бензински мотор не е воопшто лошо. Ваква слична потрошувачка, па дури и малку повисока имаат конкурентните модели опремени со дизел мотор.

Lexus ES е достапен во пет нивоа на опременост- Executive, Luxury, F Sport, F Sport Premium и Luxury Premium. Тест моделот беше во Luxury Premium, а тоа е едно од најопремените нивоа. Што се добивате како стандардна опрема?- бидејќи листата е навистина предолга ќе наведам само некои од побитните работи- активен систем за избегнување на судар со автоматска итна сопирачка и препознавање на пешаци, адаптивен темпомат, систем за одржување на возило во лента, автоматско управување на долги светла, систем за регистрирање на сообраќајни знаци, 18-инчни бандажи од лесна легура, греење на предни и задни седишта, вентилација на предни седишта, греење на волан, електрично прилагодување на преди и задни седишта, меморија на возачко и совозачко седиште, електрично отворање и затворање на багажник, три зонска автоматска клима, 12.3-инчен infotainment дисплеј со вградена навигација, Mark Levinson премиум аудио систем, Head up дисплеј, Full LED предни светла, предни и задни паркинг сензори, 360 степени камера за паркирање, безжично полнење на мобилен телефон и многу, многу друго.

Во Lexus ES се е позиционирано кон комфор и удобност, па истото тоа важи и за возењето. Всушност, ова е еден од најтивкиот и најрафиниран автомобил кој сум го возел периодов. На 50 км/ч нема никаква бучава бидејќи возите само не електричен погон, на 90 км/ч пак исто, преовладува тишина, а што се случува на 130 км/ч?- на таа брзина веќе работи и бензинскиот мотор, бучава од моторот нема, минимална бучава се забележува од ретровизорите, но генерално возењето е тивко и релаксирано. Ова возило користи безстепен E-CVT менувач, а јас лично не сум голем фан на овој тип на менувачи. Пред некој месец, кога го имав на тест Toyota RAV4 Hybrid кажав дека на отворен пат се слуша една необична бучава поради тој менувач. Но, во ES ја немам таа замерка бидејќи менувачот работи многу пофино и подобро, а таа бучава е елиминирана целосно. За оние кои често патуваат, овој автомобил е повеќе од идеален. Како е да се вози автомобил кој е скоро 5 метри долг во градскиот метеж?- Искрено, ќе ви треба краток период додека се навикнете, но генерално е лесно. Управувачот е прецизен и лесен за маневрирање, суспензијата одлично се справува со сите дупки и нерамнини на улиците. Седењето е пониско, но прегледноста од напред и од страните е добра, кон задниот дел е малку лимитирана, па затоа тука се сензорите и камерите да ви помогнат при возење во рикверц и паркирање во потесни места. А да, не заборавајте дека возите доста голем автомобил и дека ќе треба да барате малку поголемо паркинг место. Да зборуваме малку и за динамичноста- Lexus ES нема да ве возбуди, а нема и да ве разочара. Во кривини има мало навалување(очекувано), но нуди солиден грип и имате контрола врз возилото. Управувачот е респонзивен и директен, фали тоа што не добивате премногу повратни информации. Го немате тоа спортско чувство што го нудат некој од конкурентите, а далеку од тоа дека овој тип на возила треба да бидат спортски. Lexus ES е направен да биде комфорен и тивок крстосувач и не пробува да биде нешто што не е. Плус, кога ќе седнете зад управувачот добивате едно чувство што ве тера да возите посмирено и порелаксирано…

Почетната цена за Lexus ES300h Executive изнесува 55.000€.

Цената на тестираниот модел Lexus ES300h Luxury Premium изнесува 68.200€.

За повеќе информации околу возилото посетете го Toyota Авто Центарот!

ЗАКЛУЧОК
Големо браво за Lexus! Ми се допаѓа уникатноста и начинот на кој е направен ES. Сето тоа, го прави да се издвојува од повеќето автомобили на улица и да понуди нешто различно. Уште една битна работа која треба да се напомене е цената бидејќи јас лично очекував да биде барем малку повисока, а кога ја видов бев пријатно изненаден.
ПОЗИТИВНО
Рафинирано возење.
Голема економичност.
Атрактивен и квалитетен ентериер.
НЕГАТИВНО
Ривалите нудат попрактичен багажен простор.
така-така infotainment систем.
4
More Stories
Peugeot управувач: Од едноставна „рачка“ до мултифункционален управувач