Kia XCeed Vision

При крајот на минатата година за прв пат се дружев со новиот кросовер на Kia, примерокот што го имав тогаш на тест беше во највисокото Launch Edition ниво на опременост и 1.4 T-GDi мотор со 140 коњски сили (тестот за тој модел прочитајте го тука), а впечатокот што ми го остави тогаш возилото беше многу позитивен. Сега, на тест го имав XCeed во “entry-level“ изведба со 1.0-литарски турбо бензинец и Vision ниво на опременост. Дали овој основен модел ја поседува сета опрема која е потребна и дали впечатоците ќе останат позитивни како и при првото возење на моделот? – Прочитајте го тестот за да дознаете.

Автомобилскиот пазар моментално е преполн со кросовери и SUV модели, а тоа е и сосема очекувано бидејќи голем дел од купувачите на нови автомобили се повеќе и повеќе се одлучуваат за SUV модели наместо конвенционален хечбек или седан модел. Класата во која се наоѓа XCeed е многу конкурентна, но продуктот кој го нуди Kia има доста атрактивен купеовски дизајн и уште во првото ниво на опременост се добива многу богата стандардна опрема. Би рекол дека XCeed со својата силуета и дизајн е еден од најубавиот и најпривлечен модел на Kia во последните неколку години. Платформата на која е поставен XCeed е истата таа на која се поставени и сите други Ceed модели, а во споредба со Ceed хечбек, XCeed е за 85мм подолг(4.395мм), 26мм поширок(1.826мм) и повисок за 48мм(1.495мм). Исто така, има и зголемен “ground clearence“ за 44мм, а ако мислите дека ова е само “подигнат“ Ceed грешка сте. Единствените делови кои се исти кај овие две возила се само предните врати, сите други панели и делови кај XCeed се нови и комплетно различни.

Ентериерот има идентичен дизајн како и во другите модели на семејството Ceed. Голем дел од материјалите кои се искористени во кабината се меки и фини на допир, но на подолните места кој не ги допирате толку често поставени се малку потврди материјали што е и сосема нормално за класата во која припаѓа XCeed. Големи пофалби имам за ергономијата и поставеноста на сите копчиња и контроли бидејќи се е поставено на идеално место и е многу лесно за користење при возење. Кај повеќето конкурентни модели, кабината е целосно дигитализирана и физичките копчиња ги има во минимален број. Кај XCeed приказната е малку различна, клима уредот се контролира преку физички копчиња кои се поставени под дисплејот за infotainment системот, Start/Stop системот исто така се исклучува и уклучува преку физичко копче поставено до менувачот, а копчето за lane assist е поставено од левата страна кај управувачот. Сите битни функции кои често се користат се направени да имаат брз и едноставен пристап, додека кај другите модели кои се дигитализирани сите овие работи се контролираат преку екран на допир, а тоа е доста покоплицирано особено доколку треба да смените нешто додека возите. Во ова прво Vision ниво, пред возачот се наоѓа аналогна инструмент табла (во второто Advance ниво добивате дигитална инструмент табла), а на горниот дел од централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј за infotainment системот(во Advance добивате 10,25-инчен дисплеј). Системот е едноставен за ракување и доста респонзивен, но има други конкурентски модели кои нудат малку подобра графика – Apple CarPlay и Android Auto поврзување е вклучено во стандардна опрема.

Предните седишта нудат доволно простор дури и за оние со малку поголема висина, лесно се наоѓа и идеална возачка позиција благодарение на тоа што управувачот се подесува по висина и длабочина. Патниците на задните седишта нема да се чувствуваат стиснато бидејќи XCeed нуди импресивна пространост, во средина подот е рамен и може да се сместат тројца патници, но само за некои пократки релации. Багажникот нуди 426 литри капацитет, просторот е во коцкаста форма и рамниот под го прави ставањето и вадењето на потешки работи многу лесно.

1.0-литарскиот трицилиндарски T-GDi турбо бензинец со кој што беше опремен тест моделот располага со 120 коњски сили достапни при 6000 вртежи во минута и 172 Nm вртежен момент достапен помеѓу 1500-4000 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку прецизен и лесен 6-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.9 секунди и постигнува максимална брзина од 184 км/ч. Голем дел од купувачите имаат предрасуди конкретно за овие мотори, но во реалноста перформансите кои ги нудат се навистина доволни(секако не за секого). Ако често патувате на долги релации и возите повеќе патници во возилото, во тој случај подобра опција се некои од појаките достапни мотори. Но ако голем дел од времето го поминувате во градски услови, овој 1.0 T-GDi е повеќе од доволен. Моторот е тивок и работи рафинирано, освен на повисоки вртежи кога доаѓа до израз тој класичен трицилиндарски звук, а да бидам искрен кај XCeed и не звучи толку лошо. Просечната потрошувачка од неколку дневното возење во градски услови изнесуваше 7.5-8 литри на 100 изминати километри, што не е многу далеку од официјалната декларирана потрошувачка од 6.8 литри. Освен овој мотор, на располагање е уште еден 1.4-литарски турбо бензинец со 140 коњски сили и 1.6-литарски дизел со 136 коњски сили. Стандардно доаѓаат со мануелен менувач, а како опција достапен е и 7-степен DCT автоматски менувач.

Најголемиот плус кај XCeed е стандардната опрема која е вклучена уште во првото ниво, а голем дел од овие работи кај конкурентските модели се во дополнителна опрема. Што содржи Vision нивото? – LKAS –систем за одржување на возилото во лента, FCA – систем за избегнување фронтален удар со детекција на возила и пешаци, задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски двозонски клима уред, сензор за дожд, 8-инчен дисплеј, предни и задни Full LED светла, 16-инчни алуминиумски бандажи и многу друго..

Освен на дизајнот, од Kia посветиле големо внимание и на шасијата. Поради поголемиот “ground clearence“ направено е различно подесување на шасијата во споредба со Ceed хечбек, но производителот не застанал таму, туку направени се многу други битни промени. XCeed добива пофлексибилни амортизери и помеки спирали за 7% на предниот дел и 4% на задниот дел. Најважната новост се хидрауличните амортизери поставени на предните тркала, а нивната предност е тоа што нудат помеко и “потивко“ поминување преку дупки и нерамнини. Една од причините за купување на кросовер/SUV возило е подобрата прегледност која кај XCeed е одлична. Возењето во град е навистина лесно, управувачот е прецизен и има перфектна тежина, а благодарение на софистицираната суспензија и 16-инчните бандажи, в0зењето е и многу комфорно. Претходниот XCeed што го имав на тест беше со 18-инчни бандажи и разликата во удобност е доста приметлива, но со “18ки“ изгледа мноогу подобро…Така што, ако ви е битен комфорот во возењето одберете “16ки“. Дополнително е работено и на подобрување на звучната изолација, при возење на автопат со брзини од 120-130 км/ч навистина нема пренагласена бучава во кабината и возењето е релаксирано и рафинирано. XCeed воодушевува и со својата стабилност – сите модели добиваат multi-link задна оска. Однесувањето на возилото во свиоци е поблиску до хечбек отколку SUV модел, ги следи вашите команди и не се навалува онолку колку што би очекувале од ваков тип на возило. Комуникацијата со подлогата не е на највисоко ниво, но имате апсолутна доверба зад управувачот.

XCeed е автомобил кој не е направен само бидејќи побарувачката за овие модели е голема, туку инженерите во Kia навистина се потрудиле да направат што е можно подобар автомобил и затоа XCeed е најсофистициран модел во семејството Ceed.

Оваа изведба со 1.0 T-GDi мотор и Vision ниво на опременост ќе ги задоволи потребите на голем дел од купувачите бидејќи е еден комплетен автомобил и поседува се што е неопходно.

Цената на тестираниот модел изнесува 18.900 евра.

Повеќе информации и ценовник може да најдете ТУКА.

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар