ТЕСТ: Kia Rio 1.0 T-GDi 120 iMT MHEV

Тековната четврта генерација на моделот Kia Rio е на пазарот од 2017 година, а минатата година автомобилот доби едно мало освежување кое донесе неколку естетски и технолошки промени, но главната иновација беше електрификацијата и инсталирањето на нов интелигентен мануелен менувач. Денес ќе зборуваме токму за овој нов електрифициран мотор и новиот мануелен менувач, но пред тоа ајде накратко за дизајнот.

Освежувањето на надворешноста е навистина минимално, на предниот дел препознатливата маска е малку променета, браникот е редизајниран и фаровите сега се со LED технологија. Профилот нема никакви промени и достапни се нови алуминиумски бандажи кои се движат од 15 па се до 17-инчи, во зависност од нивото на опременост. Тестираниот модел е со 16-инчни бандажи кои според мене се идеалниот компромис помеѓу комфор и добар изглед. На задниот дел, промените се исто така суптилни и браникот е со малку различен дизајн од претходно. Конкретниот тест модел е во второто ниво на опременост, па затоа добива LED предни и задни светла, 16-инчни бандажи, хромирани детали на предната маска и околу страничните прозорци, дополнително затемнети задни стакла и друго.

Откако ќе седнете зад воланот, возачот е пречекан со едноставно дизајниран, јасен и лесен за користење ентериер кој не се обидува да импресионира со атрактивност и дигитализација. Меѓу класичната аналогна инструмент табла се наоѓа 4,2-инчен Supervision дисплеј, на воланот се поставени аудио контроли, контрола за темпомат, копче за Lane keeping assist системот и практично сите важни контроли се лесно видливи и се на дофат. Кабината на Rio ергономски е многу добро смислена, дури и прв пат да седнувате во автомобилот веднаш ќе знаете кое копче за што е и многу брзо се навикнувате на користењето на сите контроли.

На горниот дел од централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, менито е едноставно за ракување и работењето е доста респонзивно. Исто така, поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto е wireless. Под екранот се наоѓаат класични физички контроли за клима уредот кои се премногу едноставни за користење – ова е нешто што стана вистина реткост во новите автомобили, за жал… Кабината има елементи во сјајно црна и сребрена боја, а сето тоа придонесува за еден свеж и не толку досаден изглед. Цврстата пластика е добро обработена и усогласена, така што внатрешноста дури и не изгледа толку „евтино“ како што би очекувале. Генерално, задоволен сум и од големиот простор за складирање, а класичната рачна сопирачка стана пријатна новина. И ова не се гледа толку често овие денови.

Истовремено, со оглед на класата во која припаѓа Rio, просторот на задните седишта е сосема задоволителен. Двајца возрасни патници без никаков проблем ќе може да се сместат на задните седишта и притоа да имаат доволно простор и за нозете и за главата, трет патник би можел да се смести исклучиво само за итни ситуации. Багажникот нуди стандарден волумен од 325 литри, а доколку се спуштат задните седишта се добива волумен од 1.103 литри. Отворот е широк и едноставните форми го прават ставањето и вадењето на работи многу лесно, само штета е што просторот под подот го зафаќа батеријата на хибридниот систем.

Ајде да се префрлиме на најважната работа за овој автомобил, а тоа е секако моторот и менувачот. Rio е достапен со вкупно три мотори, основниот е 1.2-литарски атмосферски бензинец со 84 коњски сили, следен е 1.0-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили и на врвот на понудата е моторот за кој што ќе зборуваме сега.

Под хаубата на тестираниот автомобил се наоѓа погонска единица со прилично долга ознака – 1.0 T-GDI GPF iMT MHEV. Што значат овие ознаки? T-GDI означува турбополнач со директно вбризгување на бензин, GPF е филтер за честички, iMT е интелигентен рачен менувач и MHEV традиционално значи mild-hybrid електрификација од 48 V. Вкупната моќност на овој мотор е 120 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 172 Nm вртежен момент од 1500 до 4000 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.2 секунди и максималната брзина изнесува 190 км/ч, вака бројкиве можеби и не звучат најблескаво, но во реалноста реакцијата и флексибилното забрзување се доста интересни.

А уште поинтересно е како функционира целиот mild-hybrid систем додека возите. Дури и првото стартување на моторот е различно од она на што сте навикнати. Моторот нема класичен стартер, туку стартува со mild hybrid системот. Односно стартер-генератор од 48 V, кој е директно поврзан со радилицата на моторот со внатрешно согорување и го нема она класично „верглање“. Ова е побрзо и во исто време многу помазно стартување отколку во случајот со класичен стартер. Секако, постои и Start/Stop систем кој може да се исклучи, но тоа навистина не е потребно, бидејќи деактивирањето и последователното активирање на моторот е речиси незабележливо. Покрај тоа, моторот може да се деактивира и додека возите, обично кога под 20 км/ч. Автомобилот може да „плови“ со исклучен мотор дури и додека возите, но мора да биде во Eco режим на возење и потребно е само да ја тргнете ногата од педалата за гас, а на екранот во инструмент таблата се појавува „Sailing mode“. Веднаш штом ќе ја притиснете повторно педалата за гас или почнете да сопирате, моторот веднаш се вклучува.

Може да се примети дека овој мотор е трицилиндричен, но звучната изолација на автомобилот е многу добра при тивко возење на ниски вртежи. Звукот на моторот ќе допре до внатрешноста само ако ја притиснете педалата за гас посилно. Моторот, исто така, задоволува и со неговите реакции по притискање на педалата за гас, бидејќи практично нема никакво задоцнување. Почетната реакција ја обезбедува стартер-генераторот, на кој момент подоцна незабележливо се приклучува и моторот со внатрешно согорување. Инаку, достапни се три режими на возење – Eco, Normal и Sport. При секое стартување, автомобилот е во Eco режим, а во овој режим како што веќе и споменав со секое отпуштање на педалата за гас се активира „Sailing mode“, додека во Normal режимот при отпуштање на педалата за гас се добива регенеративно сопирање, интензитетот не е толку голем како кај PHEV или целосно електричните автомобили, но сепак минимално го успорува автомобилот и користењето на сопирачките е многу помало. Но, каква е всушност потрошувачката на овој погон? – многу зависи од тоа во кој режим е и како го возите автомобилот. Во градски услови на возење со посмирено возење измерив потрошувачка од 6 до 6.5 литри, со малку поагресивно возење таа бројка се качува на 7.5 до 8 литри. На автопат доколку возите со брзина „по знаци“ потрошувачката изнесува околу 5.5 литри. После неколку дневното возење, потрошувачката што ја прикажа борд компјутерот кога го вратив автомобилот изнесуваше 6.7 литри.

Ајде малку и за менувачот, со фејслифт верзијата на Rio, брендот го претстави и овој нов iMT (Intelligent Manual Transmission) 6-степен мануелен менувач. Визуелно ништо не е сменето, во кабината има три педали и класична рачка за менувачот, но работите што ние не ги гледаме се нови. Првиот контакт со педалата за кумплунгот е малку чуден, но многу брзо се навикнувате. Спојката тука се контролира чисто електронски, односно „by-wire“ и веќе нема никаква механичка врска помеѓу педалата на куплунгот и самата спојка, а сè работи само на база на сензори – патем истото е и со педалата за гас и сопирачките. По притискање на педалата на куплунгот, сè е исто како и во секој друг автомобил. Тргнувањето може да биде мазно, а исто така и менувањето на брзини, а првиот контакт е чуден бидејќи не чувствувате никаков отпор под левата нога. Ова решение има за цел да заштеди на потрошувачката на гориво, а исто така да го продолжи животниот век на куплунгот. Она што најмногу ме изненади е тоа што во Sport режим на возење има „rev-matching“, односно при менување во понизок степен автоматски се зголемуваат вртежите на моторот за да одговараат на брзината во која менувате (пример – кога менувате од трета во втора брзина), а ова придонесува за мазно и непречено менување на брзини.

Повеќето градски автомобили сега нудат многу добри возни карактеристики, но малку од нив нудат навистина добра звучна изолација. Возењето на автопат не е предизвик за Kia Rio, музиката се слуша убаво, а бучавата во кабината не е заморна. Дополнително, за оваа класа на возила, Rio нуди исклучително удобни седишта од кои и после неколку часа возење нема да се чувстувате заморно и нема да ве боли грбот. Суспензијата навистина добро се справува со нашите (лоши) патишта и обезбедува соодветна удобност при патувањето. Исто така шасијата е доволно крута, а тоа значи дека при подинамично возење, во свиоци не се чувствувате како да сте на брод фрлен над разбрането море. Управувањето е природно и обезбедува удобно маневрирање во град и правилен отпор при поголеми брзини.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Kia Rio 1.2 DPi Edition 1 изнесува 15.450 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Македонија.

ЗАКЛУЧОК
Kia Rio е од оние автомобили на кои не може да им се најдат некои посебни забелешки и нема нешто што ќе ве изнервира при возење. Визуелно изгледа добро и нема „претеран дизајн“, а аналогниот карактер во внатрешноста го прави еден од ретките и веројатно последен ваков модел. Комбинацијата од овој mild-hybrid мотор и новиот iMT менувачот прават да патувањето со Rio биде многу пријатно и рафинирано.
Еден од најдобрите мануелени менувачи
Комфорна шасија
Практичност
Ергономија во кабината
Просечна просторност на задните седишта
Lane keeping assist системот е автоматски уклучен при секое стартување
4