F-Pace е првиот SUV модел на Jaguar. Кога се појави на пазарот во 2016 година многу брзо стана вистински хит кај купувачите и воедно е најпродаваниот модел на брендот. Искрено, воопшто не сум изненаден од тоа бидејќи автомобилот има прекрасен дизајн, нуди голема просторност во внатрешноста и многу нови технологии. Во последниве неколку години конкуренцијата во овој сегмент драстично се зголемува, а тоа беше и повеќе од доволна причина за Jaguar да го освежи својот бестселер.
Моделите на Jaguar отсекогаш имале уникатен и многу привлечен дизајн, а не е исклучок ни F-Pace. Автомобилот изгледа навистина прекрасно и би рекол дека е еден од најубавите SUV модели во овој сегмент. Новиот модел сеуште ја користи истата D7a платформа што ја користат и моделите XE и XF – 80% од платформата е алуминиум. F-Pace како исклучително важен автомобил за Jaguar, дотерувањата мораа да бидат суптилни, но ефективни. Надворешниот дизајн на прв поглед, не изгледа дека многу се променил. Но тоа не е никаков проблем, бидејќи мислам дека дизајнот на овој теренец отсекогаш изгледал одлично – превземањето на фарови од XJ и задни светла од спортскиот F-Type воопшто не беше лоша идеја. Новиот фејслифт модел добива нов редизајниран преден браник со променети отвори за воздух, редизајнирана предна решетка, нови фарови со Full LED технологија, како и нова хауба со променети форми. Страниците немаат никакви значајни промени, а сега се достапни и нови алуминиумски бандажи кои одат до 22-инчи во големина – тест моделот е опремен со 20-инчни бандажи и дополнително има и црвени шепи на кочниците. На задниот дел, поставен е комплетно редизајниран браник, задните светла се со нова графика и LED технологија. Сите овие промени се далеку од драстични, но секако внесува свеж воздух во надворешниот дизајн и сега F-Pace изгледа помодерно.
Големите и значајни промени се направени во внатрешноста, F-Pace изгледа исто толку добро однадвор, како и одвнатре. Внатрешноста е елегантна, изгледа фантастично и е задоволство да се поминува време внатре. Сите материјали кои се поставени се од врвен квалитет и доминира луксузна кожа, а добро изработените шевови може да се најдат не само на седиштата, туку и на цела контролна табла. Најважната промена е во центарот на контролната табла, а тоа е новиот Pivi Pro инфо-забавен систем со нов поголем 11.4-инчен дисплеј (претходно беше 10-инчен) кој е малку закривен и има тенка рамка од магнезиум. Дисплејот има кристално чиста графика и многу поинтуитивна и поедноставена логика на работа (според англиските инженери, до 90% од најчестите функции може да се пристапи со два или помалку допири на дисплејот). Инфо-забавниот систем располага со wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Исто така, при секое стартување на возилото, на централниот дисплеј ве пречекува натпис кој се менува според времето во денот – т.е. Good Morning, Good Afternoon or Good Evening – мала работа, но интересна. Под инфо-забавниот систем се задржани делумно-физички контроли за клима уредот кои се супер-лесни за користење. Тркалцата служат за вкупно три работи – подесување на температурата, со влечење се подесува јачината на клима уредот, а со притискање се уклучува греење или ладење на седиштата – уникатно и многу практично решение. Нов дисплеј е поставен и пред возачот каде што инструмент таблата сега има 12.3-инчен дисплеј со подобрена графика, како и можност за конфигурација на тоа што сакате да се прикажува.
Други јасни еволуции се редизајнирањето на панелите на вратите (чии џебови сега се пошироки) и поместувањето на копчињата за отворање/затворање на прозорци во полесно достапна област за двајцата патници на предните седишта. Новиот F-Pace го „позајми“ и системот за јонизација на воздухот и филтерот за полен од електричниот I-Pace, што ќе ги израдува сите оние кои имаат алергии. Додека аудио системот успева да ја намали надворешната бучава со звучни бројачи на фреквенција, слично на технологијата што се користи кај слушалките од високата класа. Целата кабина добива нови инсерти во алуминиум, Piano Black и нова кожа според верзијата. Централната конзола сега има комплетно нов распоред кој е доста пофункционален од претходно. Во средината е поставена рачката за менувачот која е од алуминиум и високо квалитетна кожа што ја прави совршено да се вклопува во дланката на возачот – ова го заменува стариот ротирачки селектор кој не беше баш практичен за ракување. Лево од менувачот е копчето за стартување на моторот, додека десно е нов селектор за избирање на режим на возење (Comfort, Eco, Rain/Ice/Snow и Dynamic).
Седиштата сега се пошироки, со напредок во функциите за масажа и греење/ладење, што совршено се совпаѓа со целокупното подобрување на квалитетот во кабината. Кога се појави во 2016 година, Jaguar F-Pace беше еден од најпространите теренци во својата класа, во голем дел затоа што има најдолго меѓуоскино растојание. Ова важи и за новиот фејслифт модел, на задните седишта удобно ќе се сместат двајца патници со повеќе од доволно простор и за нозете и за главата. Поради големиот тунел во средина, трет патник може да се смести, но нема да има баш доволно простор за нозете. Багажникот нуди капацитет од 650 литри што е просечно за оваа класа на возила, со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 1731 литар. Просторот е во правилна коцкаста форма и подот е комплетно рамен со браникот, а тоа значи дека ставањето на големи и тешки работи ќе биде доста лесно и едноставно.
Со фејслифт верзијата, Jaguar ја освежи и ја електрифицира понудата на мотори. Тест моделот е придвижуван од нов 2.0-литарски дизел мотор кој сега е дополнет со 48-волтен mild-hybrid систем (MHEV), моторот испорачува 204 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен ZF автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае рамно 8 секунди, а максималната брзина изнесува 210 км/ч. Моторот работи тивко и многу рафинирано, во кабината нема никаква бучава и некој што прв пат ќе седне во автомобилот може и да не погоди дека станува збор за дизел мотор. Перформансите се навистина доволни и скоро во секоја ситуација автомобилот има доволно моќност. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 8.5 до 9 литри на 100 изминати километри, на отворено потрошувачката се движи околу 7 литри. Ова е повеќе од одлична потрошувачка за автомобил кој тежи скоро 2 тони.
Освен овој мотор, достапен е уште еден 2.0-литарски дизел кој испорачува 163 коњски сили, а доколку сакате нешто помоќно на располагање е и 3.0-литарски дизел мотор со 300 коњски сили. Кај бензинците понудата започнува со 2.0-литарски мотор кој испорачува 250 коњски сили, следен е 3.0-литарски мотор со 340 коњски сили, а истиот мотор е достапен и со 400 коњски сили. Новиот F-Pace добива и Plug-in Hybrid верзија (P400e) која користи 2.0-литарски бензинец и електромотор за вкупна моќност од 404 коњски сили и 640 Nm вртежен момент. На врвот на понуда е спортската SVR верзија која има 5.0-литарски V8 бензинец со 550 коњски сили. Сите модели стандардно се опремени со погон на сите четири тркала и 8-степен автоматски менувач.
F-Pace е еден од оние уникатни автомобили во својата класа. Зошто? – Затоа што е перфектен „daily“ автомобил кој со задоволство ќе сакате да го возите. Сфатете го како SUV модел за ентузијасти…да, очигледно ова постои. После неколку километри поминати зад воланот веднаш е очигледно дека F-Pace има спортски гени, океј, океј ова е далеку од спортски автомобил, но динамичноста и агилноста која може да ја понуди е импресивна. Навалувањето во свиоци е сведено на минимум и оние кривулести патишта може да ги возите со мерак без другите патници во автомобилот да се чувствуваат лошо. Каков е F-Pace во секојдневното градско возење? – Одличен и многу рафиниран, голема пофалба заслужува и изолацијата во автомобилот, буквално сите надворешни бучави се филтрирани и внатре во кабината е екстремно тивко. Тест моделот беше со стандардната суспензија која мора да признаам е малку на потврдата страна споредено со некои други конкурентни модели. Но тоа не значи дека комфорот е нарушен, дупките и нерамнините добро ги впива само во некои одредени ситуации се чувствуваа таа плус тврдина. Како опција достапна е пософистицирана „Adaptive Dynamics“ адаптивна суспензија. Воланот е лесен за маневрирање и воедно супер прецизен, спремно реагира на сите ваши команди, но повратните информации од подлогата се малку лимитирани, што е и сосема очекувано. На автопат, благодарение на одличната изолација и удобноста која ја нуди, возењето е исклучително лесно и релаксирано, а благодарение на сите оние системи за асистенција при возење без никаков проблем може да се поминат стотици, па и илјадници километри.
Кога сме кај асистентите, F-Pace ги добива и оние off-road системи за асистенција иако скоро никогаш нема да биде возен во екстремни теренски услови – сите го знаеме тоа. Но, да не заборавиме дека Jaguar ги дели овие технологии со Land Rover, што е репер во областа на луксузни теренски возила. Со други зборови, Hill Start Assist или систем кој одржува постојана брзина при стрмни и лизгави спуштања не е само за украс и F-pace веројатно е многу поспособен на терен отколку што изгледа на прв поглед.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Цената на тестираниот модел Jaguar F-Pace D200 SE Prestige изнесува 88.098 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Jaguar!