ТЕСТ: Ford Focus ST-Line 1.0 EcoBoost 125

Четвртата генерација на Focus ја имам возено веќе неколку пати до сега и тоа во различни нивоа на опременост и различни мотори. Овој пат, на тест пристигна Focus во спортската ST-Line изведба со основниот турбо-бензински мотор и мануелен менувач. Кога првпат се запознав со новиот Ford Focus, ми остави многу позитивни впечатоци. Па дали и во оваа комбинација Focus е интересен за возење? – Прочитајте ги моите импресии за да дознаете.

Ајде да се потсетиме на неколку основни факти за четвртата генерација на Ford Focus. Новиот модел кој е поставен на модуларната C2 платформа, во споредба со својот претходник е подолг за 18 милиметри, поширок за 2 милиметри, додека најголемата промена е во меѓуоскиното растојание кое е зголемено за цели 52 милиметри. Надворешниот дизајн нема преголема револуција, но не е ни само еволуција. Како глобален модел, треба да се обиде да привлече клиенти на различни континенти, што не е воошто лесно. Мене лично ми се допаѓа целокупниот дизајн бидејќи не е премногу нападен како некои конкурентни модели, а сепак изгледа модерно и привлечно. А тоа особено важи за тестираниот модел кој е во ST-Line изведба, плус оваа „Desert Island Blue“ боја ми е омилена кај Focus. ST-Line моделот уште на прв поглед се разликува од другите стандардни модели, а тоа е благодарение на поспортскиот преден браник, дискретните екстензии на праговите, заден спортски браник со назначен дифузер, двоен издувен систем (со вистински цевки) и стандардни 17-инчни бандажи кои се ексклузивни за ST-Line. Тестниот модел беше опремен и со дополнителниот ST-Line X пакет кој вклучува зголемен заден спојлер, црвени шепи на дисковите, дополнително затемнети задни стакла, дигитален инструмент кластер и уште неколку плус детали во внатрешноста. Исто така, конкретниот модел ги има опционалните LED света кои одлично изгледаат и одлично го осветлуваат патот навечер. А освен овие светла, достапни се и адаптивни Full LED светла со автоматско нивелирање.

Голем фан сум на надворешниот дизајн на Focus, но буквално сум воодушевен од внатрешноста. Ford научи од грешките на претходната генерација, односно напливот на разни копчиња низ целата кабина, а во исто време успеа да го избегне скандалот од сегашното време, кога производителите на автомобили ги кријат сите функции и контроли во екранот на допир од инфозабавниот систем. Работното место на возачот има совршено избалансиран впечаток, што само ја нагласува речиси одличната ергономија. Без разлика дали зборуваме за контролите на воланот, централната конзола или контролите околу рачката на менувачот, едноставно се е јасно поставено и на дофат на раката. По неколку возења, можете без никаков проблем да ракувате со контролирате на повеќето функции дури и на „слепо“. Како што напонемав и погоре, тестниот модел е опремен со 12.3-инчни дигитална инструмент табла која има добра графика и ги прикажува сите информации околу возењето, навигацијата или медиата. Исто така, достапни се и неколку различни прикази во однос на кој режим на возење ќе го одберете. На централната конзола се наоѓа 8-инчен екран за Sync 3 инфозабавниот систем на Ford, а може да се пофали со добра брзина и едноставност. Стандардно се добива и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Единствената замерка која ја имам е тоа што можеби има и претерано пристоен графички интерфејс – би сакал нешто поразиграно и поинтересно. ST-Line моделот добива спортски волан со перфорирана кожа, поспортски седишта кои нудат релативно добра поддршка, карбон елементи на контролната табла, како и многу црвени детали низ целата кабина.

Продолжувањето на меѓуоскиното растојание имаше позитивно влијание врз просторот на задните седишта, тука има навистина многу простор, како и за нозете, така и за главата. По потреба може да се смести и трет патник во средина, но не за некои долги релации. Багажниот простор ветува основен волумен од 392 литри, а се пристапува преку релативно голем отвор. По преклопување на задните седишта, волуменот се зголемува до максимум 1.354 литри багажен капацитет. Меѓутоа, дури и ако бројките не изгледаат блескаво, самиот багажен простор ќе ве задоволи со прилично едноставните форми, благодарение на што можете да го искористите максимално целиот простор.

Моторот од кој е придвижуван тестираниот модел, веќе ми е добро познат бидејќи пред две години го возев во Focus Titanium Business и пред неколку месеци во новата Puma (каде што беше спарен со автоматски менувач). Станува збор за 1.0-литарскиот EcoBoost трицилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 125 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 170 Nm вртежен момент од 1400 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала, во овој случај преку супер прецизен 6-степен мануелен менувач. Океј, перформансите на овој мотор не се зачудувачки, од 0 до 100 километри на час забрзува за рамно 10 секунди, додека максималната брзина изнесува 200 километри на час. Она што изненадува е еластичноста и респонзивноста на овој мотор, за таа кубикажа работи доста добро и непречено, без притоа да има досадни вибрации во кабината. При поагресивно притискање на педалата за гас се слуша оној карактеристичен трицилиндарски звук, но тука е прилично пријатен. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење се движеше од 7 до 7.5 литри на 100 изминати километри, на отворено оваа бројка се намалува на околу 6 литри.

Доколку сакате да го извлечете максимумот од автомобилот и сакате нешто побрзо, достапен е и 1.5-литарски EcoBoost мотор во две верзии – со 150 и со 182 коњски сили.

Без оглед на моторизацијата, дури и со последната генерација на Focus, Ford успеа да постигне такво неверојатно добро подесување на шасијата, а токму тоа ја направи првата генерација толку позната. Првиот позитивен впечаток доаѓа од нивото на удобност. Веднаш е јасно дека сте во верзија со спортски карактер, ST-Line моделот добива потврда и пониска суспензија за 10 mm, но во ни еден момент не станува неудобно возењето – Focus покажа голем компромис помеѓу удобноста и безбедноста во секој свиок. Во нормални градски услови на возење, автомобилот е лесен за маневрирање, благодарение на одличната прегледност, како и паркинг сензорите и камерите многу лесно ќе може да се снајдете во урбаниот метеж. Но она што е најважно за Focus е динамичноста и забавата која ја имате зад воланот. Едноставно префрлете во Sport режим, со што педалата за гас станува пореспонзивна и воланот добива плус тежина и станува уште подиректен и уживајте во возните карактеристики кои ги нуди автомобилот. Импресиониран сум од директноста и респонзивноста на управувачкиот систем, едноставно насочете го каде сакате и Focus веднаш оди таму. Друга пофалба оди кон суспензијата и шасијата, едноставно нема друг автомобил во оваа класа кој нуди толку добро и сигурно управување во свиоци. На предните тркала не им е тешко да најдат тракција, дури и ако е деактивиран traction control системот – нешто што тука се прави со едно копче, без да треба да чепкате во менито на инфозабавниот систем. Добрата слика за ST-Line моделот ја надополнуваат и сопирачките кои се доволно јаки, но не и преагресивни.

Почетната цена за Ford Focus 1.0 EcoBoost 100 Trend изнесува 18.300 евра.

Цената на тестираниот модел Ford Focus ST-Line 1.0 EcoBoost 125 изнесува 25.550 евра.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.

ЗАКЛУЧОК
Ford Focus во ST-Line изведба останува најзабавниот модел во својата класа, а благодарение на одличното подесување на шасијата и суспензијата нуди одличен компромис помеѓу удобност и сигурност при возење. 1.0-литарскиот EcoBoost дефинитивно нема да ги задоволи потребите на сите купувачи, но е навистина солиден мотор.
Многу добри возни карактеристики.
Одлична ергономија во ентериерот.
Модерен и привлечен дизајн.
Просечен багажен простор.
Некои битни работи се дополнителна опција.
Достапни се само трицилиндарски турбо-бензински мотори.
4.8