Ford Focus Active

Четвртата генерација на Ford Focus ја имам по трет пат на тест, прв пат го возев во спортското ST-Line ниво со најмоќниот 1.5 -литарски турбо бензински мотор, вториот пат во средно ниво на опрема со 1.0-литарски турбо бензински мотор со 125 коњски сили. Новиот Focus е достапен во неколку различни изведби- хечбек, седан, караван и Active. Овој пат поминав неколку дена со Active хечбек изведба опремена со 1.5 EcoBoost турбо бензинец со 150 коњски сили. Какви бенефиции нуди оваа изведба во споредба со стандарниот конвенционален модел?- Прочитајте го тестот за да дознаете.

Што всушност е Active?- Оваа изведба е наменета за луѓе кои не сакаат кросовер или SUV модел, туку некој покомпактен автомобил кој има SUV елементи на надворешноста и малку повисока суспензија. Focus Active во споредба со стандардниот хечбек се разликува по тоа што добива различен надворешен дизајн и поголем “ground clearence” за 30мм на предниот дел и 34мм на задниот дел. Поставени се редизајнирани браници со заштитни пластики на нив, црни пластики има и на крилата околу тркалата, понагласени странични прагови, “Active” ознаки на предните крила, црни лајсни околу страничните прозори, уникатна предна решетка во црна боја и кровни носачи во црна боја. Сите овие SUV детали му даваат еден поробустен и подинамичен изглед на Focus- и морам да признаам дека изгледа навистина добро. Голема улога игра и бојата на тест моделот која изгледа доста интересно и ги истакнува сите off-road елементи на возилото. Доколку ви е потребна поголема практичност, Focus Active е достапен и во караванска изведба која има доста поголем багажен простор.
Должината на возилото изнесува 4378мм, ширината 1844мм, висината 1483мм и меѓуоскиното растојание е 2700мм.

Ентериерот во Focus Active е идентичен како и во стандардниот Focus, единствената разлика е дизајнот на седиштата на кој што стои логото “Active”. Кабината е со модерен дизајн и одлична ергономија. Сите места кои често ги допирате се од квалитетни и фини материјали, а сите контроли и копчиња се поставени на идеално место. Просторот на предните седишта е повеќе од доволен и многу лесно ќе ја најдете вашата идеална возачка позиција. Седењето е импресивно ниско- но доста удобно. Единствената работа која што ми пречеше во ентериерот е позицијата на која е поставено копчето за стартување/исклучување на моторот- се наоѓа од десната страна кај управувачот и е малку затскриено. Infotainment дисплејот е поставен на горниот дел од централната конзола и е на перфектно место бидејќи не треба да го тргате погледот од патот премногу. Стандардно добивате 8-инчен дисплеј кој има добра графика, лесно мени, поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, но не е најинтуитивниот систем на пазарот. Како опција достапен е и одличен Head-Up дисплеј, но опција која не е достапна кај Focus, а голем дел од конкурентните модели ја имаат е целосно дигитална инструмент табла. За љубителите на музика би им го препорачал опционалниот Bang & Olufsen аудио систем со 10 звучници и subwoofer- добивате одличен звук, а не е премногу скапа опција.

Освен патниците на предните седишта, удобно ќе седат и патниците на задните седишта-благодарение на одличното меѓуоскинот растојание Focus Active нуди импресивна пространост на задната клупа. Луѓе со висина од 180-190cm ќе имаат доволно простор како и за нозете, така и за главата, а патувањето на подолги релации нема да претставува никаков проблем. Кога станува збор за сместување на тројца патници на задната клупа, не е баш удобно и јас лично не би сакал да се возам на средното седиште на некои подолги релации. Багажникот нуди 375 литри капацитет, а со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 1354 литри. Просторот е во правилна форма и нуди лесен пристап со што потешките и поголеми работи ќе ги ставате без потешкотии.

Focus Active е достапен со неколку трицилиндарски турбо бензински и четирицилиндарски дизел мотори. Доколку сакате бензинец може да одберете помеѓу- 1.0-литарски EcoBoost со 125 коњски сили, 1.5-литарски EcoBoost со 150 или 182 коњски сили. Љубителите на дизел имаат опција да одберат 1.5-литарски EcoBlue со 120 коњски сили или 2.0-литарски EcoBlue со 150 коњски сили. Сите модели се само со преден погон и 6-степен мануелен менувач или како опција достапен е и 8-степен автоматски менувач.
Тест моделот под хаубата го имаше според мене најидеалниот мотор, а тоа е 1.5-литарскиот турбо бензинец со 150 коњски сили и 240Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.3 секунди, а максималната брзина која може да ја постигне е 203 км/ч. Голем дел од луѓето имаат предрасуди за трицилиндарските мотори, но во реалноста овие мотори нудат одлични перформанси. Плус, EcoBoost моторите на Ford неколку години по ред добиваат награди за најдобри трицилиндарски мотори…Кога работи во место, моторот е толку тивок што некогаш може и да не приметите дека работи. Исто така, при возење нема пренагласена бучава и несакани вибрации во кабината, а тоа дека станува збор за мотор со три цилиндри може да познаете само кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај. Импресивно е тоа што дури и на пониски вртежи моторот е доста флексибилен и динамичен, а за пофалба е и прецизниот мануелен менувач. Просечната потрошувачка која што ја измерив во неколку дневното тестирање(голем дел од километрите беа поминати во градски услови) изнесуваше околу 8 литри на 100 изминати километри. Доколку сте повнимателни со педалата за гас оваа бројка може многу лесно да се намали на 7 литри.

Focus Active е достапен во две нивоа- тест моделот беше во првото ниво, а стандардната опрема вклучува: 17-инчни алуминиумски бандажи, LED предни дневни светла, LED магленки активни во свиоци, 8-инчен infotainment дисплеј, мануелен клима уред, темпомат, алуминиумски педали, lane keep assist, сензор за дожд, електронска рачна сопирачка, EBA-помош при сопирање и многу друго…

Ford Focus е еден од најуправливиот и најзабавен модел во својата класа кога станува збор за возењето. Дали и кај оваа Active изведба останува истото?- Па, би рекол дека останува истото, поради повисоката суспензија има мала разлика, но за да ја приметите треба добро да ги познавате и двете изведби. Шасијата кај Active изведбата е модифицирана во споредба со таа кај стандардната изведба- има друга геометрија, различно подесување на амортизерите и сите модели се опремени со мултилинк задна оска. Возењето во град е комфорно и покрај тоа што суспензијата е малку потврда успева одлично да се справи со сите дупки и нерамнини на улиците без да биде нарушена удобноста на патниците. При подинамично возење навалувањето во свиоци е сведено на минимум и шасијата не се буни ако возите со “малку” поголема брзина. Focus Active нуди и многу прецизно управување со убав фидбек, а автомобилот има и одлична комуникација со возачот. Сепак, ова не е автомобил кој ќе ви го крене адреналинот премногу, а реално не ни треба да го очекувате тоа. Но, тоа што го добивате е за пофалба. Покрај стандардните модови за избор на возење(Eco, Normal и Sport), оваа Active изведба добива уште два нови модови- Trail и Slippery, кој ќе ви помогнат при возење надвор од асфалтираниот пат. Да не заборавите, ова не е SUV возило и не треба да очекувате дека ќе има теренски способности како такво. Сепак, некој лајт off-road пат каде што со стандарден модел нема да може да стигнете, Focus Active ќе ве однесе без никакви проблеми.

Ford Focus Active е одлична алтернатива за луѓето кои не сакаат, а и не им е потребен класичен кросовер/SUV автомобил. Нуди сосема доволна практичност, интересно изгледа и може да понуди забава кога тоа ќе го побарате од него.

Промотивната цена на тестираниот модел Ford Focus Active 1.5 EcoBoost 150 M6 изнесува 23.500 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на МИ-ДА Гранд Моторс.

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар