ТЕСТ: Fiat 500 Hybrid Launch Edition

Fiat 500 е еден култен автомобил кој нема кој не го знае (буквално), сите го имаат видено или се имаат возено во легендарното, старо „Фиќо“. Всушност, овој автомобил постои 63 години! Првиот Fiat 500 се произведуваше од 1957 година, па се до 1975 година. После 50 години од првото „фиќо“, во 2007 година Fiat ја претстави новата генерација на овој легендарен автомобил. Од тогаш до сега, овој модел не претрпе преголеми измени, освен во 2015 година кога доби мало освежување и нови технологии. Денес, после 13 години од постоењето на оваа генерација, Fiat 500 добива електрифицирана верзија, а ова е и еден од првите електрифицирани автомобили на Fiat. Во денешно време голем дел од купувачите како да забораваат на придобивките кои ги нудат овие мали градски автомобили и се повеќе се одлучуваат за големи SUV модели, а реално ретко кога ќе го искористат целосниот потенцијал на тие автомобили. Па ајде да видиме зошто според мене Fiat 500 Hybrid е еден од најдобрите градски автомобили моментално на пазарот.

Дизајнерите на Fiat имаат направено одлична работа – формата, стилот и оној „фраерски ефект“ од оригиналниот модел, многу успешно го имаат пренесено и на овој нов модел. Едноставно Fiat 500 изгледа совршено од секој агол, а оние кои ќе кажат дека не им се допаѓа овој автомобил – лажат. Поради безвременскиот и иконски дизајн, фејслифт моделот не претрпе никакви големи промени. Предните светла се малку поголеми и имаат нова графика, под нив се поставени LED дневни светла, а променета е и маската за ладилникот на долниот дел од браникот. На задниот дел, поставен е редизајниран браник, додека задните светла претставуваат револуција – светат само трапезоидните контури, а центарот е во боја на каросеријата. На прв поглед можеби не е нешто многу значајно, но е интересен стилски додаток. Одлично му прилега и „нежната“ боја која ја имаше тестираниот модел, а сликата ја заокружуваат 16-инчните алуминиумски бандажи кои се со ретро дизајн. Исто така, малиот 500 нуди широк спектар на персонализација, достапни се 15 бои за каросеријата, околу 10 различни алуминиумски бандажи, дополнителни стикери за надворешноста и многу, многу други работи со што е убедливо еден од моделите со најмногу можности за индивидуализација во својот сегмент. Ова е автомобил кој има толку силна персоналност што да бидеме искрени не е ни потребно никакво агресивно рекламирање. Автомобил кој е насочен кон врвен стил, имиџ и шармантност. Овој хибриден модел добива и неколку ознаки кои посочуваат дека се работи за хибрид модел, па затоа логото е со две капки утринска роса кои заедно ја формираат буквата „H“. Ова го симболизира изгрејсонцето, што ја поздравува новата, електрична ера меѓу Италијанците.

Ајде да одиме внатре – ја отворате вратата и ве пречекува еден прекрасен и многу „cute“ ентериер. Дизајнот можеби е едноставен, но изгледа совршено и целата кабина е супер-практична. Сите копчиња и контроли се онаму каде што очекувате да бидат, се е јасно поставено и не ви е потребно никакво привикнување. На горниот дел од централната конзола вниманието го привлекува новиот UConnect инфозабавен систем кој има 7-инчен екран на допир. Графиката е одлична, менито е едноставно за ракување и целиот систем е доста респонзивен. Стандардно добивате Apple CarPlay и Android Auto поврзување, а тест моделот имаше дополнително и вградена навигација. На долниот дел од централната конзола се поставени контролите за клима уредот кој се супер-едноставни и лесни за користење, а како опција е достапен и автоматски клима уред. Седењето е малку повисоко од она што би очекувале за ваков автомобил, но тоа придонесува за подобра прегледност која во случајов е одлична. Тестираниот модел е во Launch Edition ниво на опременост па затоа добива многу кул спортски седишта, кој освен што изгледаат добро нудат и перфектна странична поддршка. Инаку, овие седишта се направени од рециклирани шишиња, а материјалот се нарекува морско влакно, главно затоа што 10 проценти од рециклираниот материјал доаѓа од шишиња уловени од морето. Од Fiat велат дека 100.000 продадени модели ќе го исчистат Лигурското море помеѓу Франција и Италија. Пред возачот е поставена 7-инчна дигитална инструмент табла на која се прикажуваат најбитните информации и според мене одлично се вклопува со целиот дизајн на кабината. Исто така, во оваа Launch Edition верзија добивате и спортски волан со рамен долен дел и хромиран прстен во средината на горниот дел. Генерално, материјалите кои се искористени не се со врвен квалитет, но завршната обработка е за пофалба. Реално гледано на работите неможе да се очекува премногу луксуз во овој тип на возила, а со оглед на тоа што целата кабина изгледа многу интересно и е навистина убаво место за поминување на времето, квалитетот на материјалите не е ни толку битен.

Со оглед на тоа што Fiat 500 е навистина мал автомобил со компактни димензии и нема задни врати, просторот на задните седишта е многу мал. Возрасни луѓе можат едвај да се сместат и тоа само за некои многу кратки релации. Намената на овие седишта генерално е за помали деца или пак доколку пренесувате повеќе работи и не ги собира сите во багажникот, може да ги ставите на задните седишта. Кога сме кај багажникот, просторот има волумен од 185 литри, а доколку ги спуштите симетрично поделените задни седишта добивате волумен од 550 литри. Сосема доволен простор за еден секојдневен автомобил.

Стигнавме до најважната работа за овој модел на Fiat 500, а тоа е погонот. Под хаубата се наоѓа нов 1.0-литарски трицилиндричен атмосферски бензински мотор од новата генерација наречена GSE (Global Small Engine) кој располага со 70 коњски сили достапни при 6.000 вртежи во минута и 92 Nm вртежен момент достапен на 3.500 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку нов, супер-прецизен 6-степен мануелен менувач. Конвенционалниот мотор работи заедно со хибриден систем наречен BSG (т.е. стартер-генератор од 12v). Италијанците го монтираа овој електричен мотор директно на бензинската единица кој е контролиран од ремен, а под возачкото седиште е поставена и литиум-јонска батерија со капацитет од 11 Ah. Во пракса, ова работи на таков начин што кога ќе го ставите менувачот во „лер“ при брзини до 30 км/ч, автомобилот го исклучува моторот со внатрешно согорување. Дигиталниот дисплеј зад воланот ви покажува кога е вистинското време за акција, а енергијата која е сочувана од сопирање потоа ги напојува сите уреди во автомобилот и помага при тргнување. Резултатот е еден вид на супер mil-hybrid технологија – една од најавтентичните на пазарот. BSG системот никогаш нема да ви дозволи да возите само на електрична енергија, но Fiat е горд што СО2 емисиите тука се под 90 грама на километар (според NEDC мерења) поради оваа електрична магија, а новиот трицилиндарски мотор има за 30 проценти помала потрошувачка на гориво од стариот 1.2-литарски мотор. Во градски услови на возење јас измерив просечна потрошувачка која се движеше од 5.5 до 6.5 литри на 100 изминати километри, секако во зависност од начинот на возење оваа потрошувачка реално може и да се намали. Перформансите кој ги нуди овој мотор не се кој знае колку импресивни, но за градски услови, каде што овој автомобил ќе го поминува голем дел од времето се навистина доволни. Кога станува збор за возење на отворен пат, перформансите се солидни, но не и перфектни. При претекнување ќе треба да вратите за два степени подоле, за да го извлечете максимумот.

Fiat 500 Hybrid е достапен во четири нивоа на опременост – Lounge, Star, Rockstar и Launch Edition. Тест моделот беше во највисокото Launch Edition ниво, а дел од стандардната опрема вклучува – 7-инчна дигитална инструмент табла, фиксен стаклен кров, 16-инчни алуминиумски бандажи, мануелен клима уред, спортски управувач, 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, задни паркинг сензори и многу друго…

Fiat 500 однадвор создава многу убав и весел впечаток, а штом седнете внатре веднаш го пренесува истото. По стартувањето се добива еден многу интересен звук од издувниот систем (слично како кај Abarth моделите, но секако тука е потивок), што искрено пријатно ме изненади и на некој начин ви нуди дополнителна возбуда и емотивност. Веднаш ќе приметите дека педалите се поставени близу една до друга и е малку различно од другите автомобили, па затоа ќе ви треба мало привикнување. 500 е автомобил кој е создаден за градот, имате одлична прегледност од кабината, суспензијата убаво ги впива сите нерамнини на патот и лесно се прилагодувате на сите контроли. Управувачот е лесен и прецизен, но не добивате премногу повратни информации назад, исто така со притискање на копчето „CITY“ кое е поставено на централната конзола, управувачот омекнува уште повеќе и тогаш буквално можете само со еден прст да го вртите. Сепак, ова се однесува само за возење со помали брзини во градски услови, на отворен пат кога возите со поголема брзина управувачот си добива плус тежина и нуди многу подобро чувство за тоа што се случува со предните тркала. Рачниот менувач е идеално прилагоден за главната цел – градот. Тука може да заборавите на непотребно долгите преноси, бидејќи ракувањето е доста фино, но кога сакате да го извлечете максимумот од моторот потребно е константно работење со менувачот. Fiat 500 не се плаши да оди и надвор од градот, ова е автомобил со кој може да патувате и на подолги релации. Океј, внатре не е рафинирано како во некој поголем автомбил и при брзини од 130-140 км/ч во кабината има мала бучава, но генерално возењето е навистина добро. Сигурно ве интересира и каков е автомобилот за подинамично возење – во оваа ситуација треба да се потпрете на прилично добрата стабилност и на сопствените вештини за возење, а тоа е и главната поента во оваа ситуација, нели? Fiat 500 тежи само 980 килограми, што значи дека кога ќе налетате на некоја поголема нерамнина, задниот дел знае малку да се заниша – но ова не е нешто што треба да ве исплаши, напротив, автомобилот ви дозволува малку да си поиграте кога тоа ќе го побарате од него.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Fiat 500 Hybrid Launch Edition со моменталниот промотивен попуст изнесува 16.280 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Fiat.

ЗАКЛУЧОК
Fiat 500 не е најсовршениот мал автомобил, некои се попространи, а некои малку поудобни. Но, во однос на посакуваност, впечатливост и стил, Fiat 500 е на врвот во својата класа! Плус, оваа хибридна верзија сега нуди и подобрена ефикасност.
Совршен спој на модерен и ретро дизајн.
Лесен за возење.
Одлична ергономија во кабината.
Просторност.
Звучна изолација.
4