ТЕСТ: DR Automobiles DR3

Компанијата DR е основана пред повеќе од 50 години и во 1980 година станува водечка компанија во Италија и Европа за дистрибуција на возила. Името DR доаѓа од името на основачот на компанијата, Massimo di Rissio. Во 2006 година користејќи го сопственото технолошко искуство и во соработка со некои добро познати Азиски производители на автомобили, DR успева да го направи првиот автомобил и со тоа влегува во редот на италијански производители. Компанијата започнува се повеќе и повеќе да се шири на европскиот пазар и настапува со потполно нови SUV модели.

DR во својата гама има четири SUV модели со различни големини, а јас поминав неколку дена со најмалиот модел- DR3. DR3 генерално е изработен во Кина, а завршните детали и дотерувања се направени во Италија. Инаку, овој модел е базиран на Chery Tiggo и ако погледнето поубаво ќе видите некои делови на возилото на кои стои ознаката Tiggo. Но, реално тоа и не е воопшто лошо бидејќи Chery е една огромна и добро позната компанија за автомобили. Сепак, надворешниот дизајн на DR3 е сосема различен и постилски. Формата на DR3 е компактен coupe-SUV модел кој доаѓа со современ и модерен дизајн, а тука голема улога има и портокаловата боја во која беше тестираниот модел заедно со двобојната комбинација, односно црниот покрив. Добивате и двобојни 17-инчни алуминиумски бандажи, а сите оние заштитни пластики поставени на предниот и задниот браник го комплетираат тој SUV изглед. Генерално, DR3 изгледа сосема океј и европски, единствено мене лично не ми се допаѓа задниот дел и тоа што назад е некако премногу висок.

Иако се работи за компактен SUV модел во внатрешноста има и повеќе од доволно простор. Дизајнот на ентериерот е едноставен и нема некој “wow” ефект. Голем дел од материјалите кои се искористени се тврди на допир, но се на се завршната обработка е на солидно ниво. Пред Вас е поставена аналогна инструмент табла, а на централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј за infotainment системот. Интерфејсот на овој систем е сличен како на Android таблет уредите и менито е јасно и лесно за ракување, но не очекувајте преголема респонзивност и интуитивност. Кабината нуди солидна ергономија и сите контроли се јасно поставени и лесни за користење при возење. Оние што се малку повисоки ќе имаат проблем со наоѓање на идеална возачка позиција бидејќи седиштето не се нагодува по висина и управувачот не се нагодува по длабочина…Благодарение на сончевиот кров кој го добивате во стандардната опрема влегува доволно светлина и кабината не е премногу темна.

На задната клупа има доволно место удобно да се сместат двајца патници и притоа да имаат доволно простор за нозете и главата. Како и со повеќето модели од оваа класа, доколку треба да седнат тројца патници нема баш доволно место. Багажникот нуди сосема солиден капацитет од 420 литри кои прераснуваат на 790 литри доколку ги спуштите задните седишта. Отворањето е широко и просторот е во коцкаста форма со што ставањето и вадењето на потешки работи нема да претставува проблем.

DR3 е достапен само со 1.5-литарски четирицилиндарски атмосферски бензински мотор со 106 коњски сили и 135Nm вртежен момент. Силата се пренесува на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 11.5 секунди, додека максималната брзина е 175 км/ч. Перформансите на овој мотор се солидни и доволни за голем дел од купувачите, а единствената замерка која ја имам е тоа што на повисоки вртежи моторот е доста гласен. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 10 литри на 100 изминати километри. Исто така, DR3 може да го нарачате и со фабрички вграден плински уред.

DR3 се нуди само со едно ниво на опременост кое вклучува доста богата стандардна опрема: електричен сончев кров, електрични ретровизори со греачи, задни паркинг сензори, задна паркинг камера, Hill Hold, 17-инчни алуминиумски бандажи, 8-инчен infotainment дисплеј со поддршка за поврзување на мобилен телефон, клима уред, LED дневни предни светла, LED задни светла и друго.

Поради компактните димензии DR3 е навистина лесен за возење низ градските улици. Повисоката седечка позиција помага во прегледноста која напред и од страните е одлична, а кон задниот дел поради помалиот прозор е малку лимитирана, но добивате задни паркинг сензори и задна камера кои ќе ви го олеснат маневрирањето и паркирањето. Управувачот не е баш прецизен и не добивате многу повратни информации, но е лесен за маневрирање. Суспензијата успева одлично да се справи со дупките и нерамнините на улиците со што возењето низ град е комфорно. Бидејќи се работи за кросовер возило, при подинамично возење се осеќа нагласеното навалување во кривини, а искрено не ни треба да очекувате дека ваквите возила ќе бидат нешто посебно забавни за возење. На отворен пат на поголеми брзини фали малку повеќе изолација бидејќи во кабината е присутна бучава која генерално доаѓа од ретровизорите и тркалата.

Цената на тестираниот модел изнесува 14.900 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на DR Automobiles.

ЗАКЛУЧОК
DR3 нема да биде по сечиј вкус и можеби не е најидеалниот автомобил, но сепак е еден солиден производ со докажани технологии и италијански дизајн.
3
ДОБАР
More Stories
2018 Ford Fiesta-Review