Citroën се познати по тоа да во својата понуда имаат модели кои се уникатни, несекојдневни и тотално различни од сите други. Најновата ваква креација од францускиот бренд е моделот C4 X – и на прв поглед ретко кој ќе погоди за каков тип на автомобил станува збор. Поставен е на платформа од Б сегмент, но има должина од 4,6 метри. Делумно изгледа на хечбек, но всушност е седан, а не е ни класичен седан бидејќи има зголемен клиренс, плус задниот дел е во форма на купе. Навистина е тешко C4 X да се стави во некоја од постоечките категории на автомобили. Па ајде детално да го разгледаме новиот C4 X.
Тековната генерација на Citroën C4 беше претставена во средината на 2020 година, заменувајќи го претходниот концепт со кросовер стил. Втората изведба, односно C4 X, која беше прикажана за прв пат минатата година, продолжува со својот неконвенционален дизајн. Генерално, брендот го доживува моделот C4, вклучително и новата C4 X верзија, како своја пресвртна точка и следен чекор во електрификацијата на портфолиото. Покрај тоа, на одредени пазари, автомобилот ќе се продава само во електричната ë-C4 X верзија. Се разбира, ова не важи за нашиот пазар, но до тоа ќе дојдеме подоцна. Во исто време, Citroën вели дека ë-C4 X е единствениот електричен седан во сегментот.
Сепак, Citroën C4 X не е традиционален седан, се вели дека е комбинација на седан и фастбек со SUV елементи. Накратко, кросовер. Пристигнувањето на оваа изведба се очекуваше од самиот почеток, па дизајнот беше развиен заедно со стандардната изведба на C4. Поточно, при цртањето на автомобилот, дизајнерите најмногу време го подготвувале седанот, а потоа од него го извлекле хечбекот. Интересно, нели?
Затоа и воопшто не е чудно што надворешниот дизајн на C4 и C4 X има многу сличности. Предниот дел е идентичен и кај двата модели, тука се стандардните LED фарови во V-облик кои се поделени на два дела. Во горниот тенок дел се дневните светла, додека во долниот дел се главните светла. Логото на брендот се спојува со фаровите и дава еден карактеристичен изглед. Околу цело возило се поставени и оние класични црни пластики кои даваат до знаење дека станува за кросовер модел, а разликите помеѓу C4 и C4 X почнуваат од задните врати.
Профилот на C4 X има сосема различен дизајн, а тоа благодарение на понагласената купеовска форма и продолжениот багажник. Од овој агол, морам да признаам дека автомобилот изгледа многу долго и според мене многу чудно. Истото важи и кога го гледате од позади, високата форма на багажникот придонесува за некако чуден изглед – и ова е дефинитвно автомобил кој или ќе ви се допадне премногу уште на прв поглед или спротивно од тоа нема воопшто да ви се допадне. Филозофијата на Citroën за надворешниот дизајн е доста интересна и е навистина за почит. C4 X на задниот дел добива и целосно нови LED светла. На вратата од багажникот со букви е испишано и името Citroën, додека долниот дел од браникот има голем елемент во мат црна боја, „дифузер“ и две вистински цевки од издувот.
Како што споменав и погоре, C4 X е поставен на истата CMP платформа како и обичниот C4, но има значајни промени во димензиите. Должината на автомобилот изнесува 4600 мм – што е за 240 мм поголема во однос на C4, ширината останува иста и изнесува 1834 мм, а истото важи и за висината од 1525 мм. Нема промени ни во меѓуоскиното растојание, а тоа изнесува 2670 мм. Интересен факт е тоа што кај C4 X патеката на предните тркала е зголемена за 15 мм. Растојание од подлогата е идентично и кај двете верзии и тоа изнесува 156 мм.
Одиме внатре, а тука не пречекува комплетно идентична внатрешност како и кај C4 – и тоа не е воопшто лоша работа. Како и надворешноста, така и внатрешноста има специфичен и уникатен дизајн. Но, целата кабина е во еден смирен и минималистички стил, а тоа значи дека нема да ви треба премногу време за да научите што каде се наоѓа и кој копчиња за што служат. Обрнато е големо внимание на ергономијата и целото искуство што ќе го имате додека возите. Материјалите и завршната обработка се на доста солидно ниво и оние тврди и не толку убави пластики ги има во навистина минимален број. До сега веќе неколку пати сме ги зборувале Advanced Comfort седиштата на Citroën, а тие ги добивате и во новиот C4 X. Овие седишта се толку многу удобни и долгите патувања со овој автомобил ќе ги поминувате многу релаксирано и без болки во грбот. Кај Citroën, исто така, голема улога има и практичноста, па затоа во кабината има „еден куп“ места за слкадирање на секакви работи, плус пред совозачот, освен класичната фиока, над неа се наоѓа и уште една фиока во која може да ставите некои помали работи.
Нема „бегање“ од дигитализацијата, па и во новиот C4 X може да се најдат големи екрани, најнови техлогии и така натаму, но тука се тоа е направено во умерени количини. Пред возачот е поставен мал екран од 5.5-инчи, за денешни стандарди ова е навистина многу мал екран, но после некое време сфаќате дека функционира навистина добро. Ги прикажува само оние работи кои ви се навистина потребни да ги гледате и не ви го одзема вниманието со дополнителни „ефекти“ и други не потребни работи. На горниот дел од централната конзола се наоѓа 10-инчен екран кој тука го користи најновиот Citroën Connect инфозавен систем – како во C5 X и фејслифт верзијата на C5 Aircross. Целиот систем е значително подобрен во однос на претходната генерација, менито е релативно лесно за користење и работи многу респонзивно. Секако, се добива и wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto – функционира перфектно. Ми се допаѓа начинот на Citroën што сепак успеале да задржат одреден број на класични физички копчиња за најважните функции. Исто така, контролите за клима уредот се со физички копчиња и тркалца.
Што се однесува до просторноста во кабината, на предните седишта има одличен простор и лесно се наоѓа идеална возачка позиција. На задните седишта, просторот е сосема солиден, двајца патници со просечна висина ќе можат удобно да се сместат со доволно простор за нозете, но закосениот покрив може да претставува проблем за одредени патници. Тројца возрасни патници ќе може да се „стиснат“, но патувањето дефинитивно нема да биде толку удобно.
Најголем дел од тие зголемени димензии се „отидени“ во багажниот простор. Па така, C4 X нуди багажен капацитет од 510 литри, зголемување од 130 литри во однос на обичниот C4. Просторот е поголем, но во однос на практичност и големина на отвор, обичниот C4 е всушност подобар. Отворот кај C4 X е помал и не толку широк, а поради шините при затворање кои влегуваат во багажниот простор треба убаво да ги распоредите работите кои ги ставате.
На нашиот пазар, новиот C4 X е достапен со бензински и дизел мотори, како и целосно електрична верзија. Понудата започнува со 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец со 100 коњски сили и 6-степен мануелен менувач. Истиот овој мотор е достапен и со верзија од 130 коњски сили кој доаѓа исклучиво со 8-степен автоматски менувач. Доколку сакате дизел, тука е 1.5-литарскиот BlueHDi мотор со 130 коњски сили кој стандардно е спарен со 8-степен автоматски менувач.
Тестираниот модел е опремен со според мене најидеалната комбинација за овој автомобил, односно 1.2-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили достапни при 5.500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежо во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 8-степен EAT автоматски менувач, а сето ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 9.4 секунди и максимална брзина од 200 км/ч.
Перформансите кои ги нуди оваа комбинација се навистина идеални за C4 X, моторот убаво повлекува уште од ниски вртежи и добра ја распределува моќноста, а во комбинација со одличниот автоматски менувач, возењето е релаксирано и многу лесно. Исто така, иако станува збор за трицилиндарски мотор, оној класичен звук за овие мотори е добро изолиран и се појавува само при агресивно забрзување. Дополнително, моторот работи доста тивко и рафинирано без никакви несакани вибрации. Во однос на потрошувачката, во градски услови на возење измерив потрошувачка која се движеше од 8 до 8.5 литри, на автопат со брзини според пропишани знаци, потрошувачката изнесува околу 6.8 литри. На отворен пат, со полн резервоар гориво без никаков проблем може да се поминат околу 700 километри.
Тест примерокот е во второто Feel Pack ниво на опременост, кое ќе биде и најпопуларно на нашиот пазар. Стандардната опрема што се добива тука, меѓу другото, вклучува и – Active Safety пакет, темпомат, hill assist, LED светла, 18-инчни алуминиумски бандажи, лумбарно прилагодување, Advanced Comfort седишта, автоматски двозонски клима уред, Citroen Connect инфозабавен систем со 10-инчен екран, задни паркинг сензори, задна паркинг камера итн.
Чувството зад воланот кај новиот C4 X е исто како и кај обичниот C4, односно максимален комфор и врвна рафинираност. Моделите на овој бренд се едноставно направени за да уживате додека возите, ретко кој друг модел од конкурентите може да го понуди овој комфор. Една од главните причини за тоа е и иновативната суспензија што ја користи Citroën. Всушност, станува збор за суспензија која користи прогресивни хидраулични перничиња, а тоа пак овозможува многу помеко возење. И навистина, работата на оваа суспензија може веднаш да ја почуствувате на нашите (не)многу добри патишта, филтрирањето на сите дупки и нерамнини е беспрекорно и оние удари и тресења при поминување на некои поголеми дупки тука се многу добро исфилтрирани. Дури и со големите 18-инчни тркала што ги има тест примерокот. Инаку, возењето во град е лесно, воланот е доволно директен и е многу лесен за маневрирање. Прегледноста напред и од страните е одлична, но оваа C4 X изведба има многу лимитирана прегледност кон задниот дел, поради закосениот покрив и издигнатиот багажник, прегледноста низ задното стакло е доста лимитирана. Сепак, ова нема да претставува проблем при паркирање бидејќи се добиваат и задни паркинг сензори и задна паркинг камера кој го олеснуваат целиот процес. Е сега, овој сетап на суспензија кој е направен за да се добие врвна удобност има свои „негативни“ страни кога станува збор за подинамично возење. Навалувањето во свиоци е понагласено, а и не се добиваат многу повратни информации од воланот. Но, и покрај ова, C4 X останува стабилен во свиоци и треба ептен да ја надминете границата за да го вознемирите автомобилот. А да бидеме искрени, купувачите на овој автомобил никогаш нема да возат ни малку динамично, така што за намената за која што е направен е и повеќе од одличен. За крај, имам пофалба и за звучната изолација, на автопат на брзина од 130 км/ч во кабината е доста тивко и нема пренагласена бучава ни од тркалата, ни од моторот.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за Citroën C4 X 1.2 PureTech 100 Feel изнесува 22.390 евра.
Цената на тестираниот модел Citroën C4 X 1.2 PureTech 130 EAT8 Feel Pack изнесува 27.690 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroën.