Оваа трета генерација на Octavia беше претставена во 2013 година, а во 2017 година го доби и својот фејслифт.Промените кои беа направени се мали детали на надворешниот и внатрешниот изглед, нов 9.2 инчен дисплеј за infotainment системот и многу повеќе стандардна опрема. Ја користи MQB платформата како и VW Golf, SEAT Leon и Audi A3, но Octavia нуди многу повеќе простор од сите овие модели.
Должината на возилото изнесува 4.659мм, ширината 1.814мм, меѓуоскиното растојание 2.686мм и висината е 1.461мм.

Кога ќе ја споредите Octavia со другите конкурентни модели некако повеќе наликува на седан одколку на хечбек, тоа не е ништо лошо, надворешниот дизајн сепак изгледа убаво.Но има многу други модели од оваа класа што имаат многу попривлечен и поинтересен надворешен изглед. Освен во хечбек изведба, Octavia е достапна во караванска и off-road SCOUT изведба. Може да одберете помеѓу пет нивоа на опременост: ACTIVE, AMBITION, STYLE, L&K и спортското ниво RS. Тестираниот модел беше во AMBITION нивото со уште некои плус ситници.Токму тоа е и нивото кое што би ви го препорачал бидејќи за цената добивате ама баш се што ви е потребно за едно вакво возило.
Ентериерот во Octavia има едноставен дизајн и изгледа убаво, сите контроли и копчиња се јасно поставени и се лесни за користење при возење.Исто така ме изненади и тоа што повеќето материјали се меки на допир и се од солиден квалитет, да нормално некои делови се тврди пластики, а тие делови се во долниот дел на вратите и долниот дел на централната конзола.Единствено нешто што изгледа многу ефтино се сите копчиња на воланот, чувството е како да притискате копчиња кои се на некоја играчка за деца, а не на волан во вистинско возило. Просторот кој го нудат предните седишта е многу повеќе од доволен, луѓе кои се повисоки од 190cm многу лесно ќе можат да си ја најдат идеалната возачка позиција бидејќи има многу подесувања за седиштето и воланот. Infotainment системот има многу лесно и едноставно мени, одлична јасна графика и е доста респонзивен-еден од најдобрите системи на пазарот. Тестираниот модел го имаше основниот SWING систем со 6.5 инчен дисплеј кој доаѓа со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Во понудата достапни се уште 3 системи- со BOLERO системот добивате 8 инчен дисплеј и SmartLink, следниот AMUNDSEN ситем има исто така 8 инчен дисплеј, но тука може да доплатите за навигациски систем со мапи на Европа и најдобриот систем кој може да го земете е COLUMBUS кој има 9.2 инчен дисплеј, 64GB вградена меморија, Smart Link и интегрирани мапи за Европа. Основниот систем работи супер, но моја препорака е да го земете BOLERO бидејќи добивате поголем дисплеј што е малку подобар и е нешто што цело време ќе го користите, а оваа опција ќе ве чини 120 евра што не е воопшто скапо.
Нешто со што Octavia може многу да се пофали е просторот на задните седишта и големината на багажникот. Просторот кој го нуди на задните седишта е многу поголем од сите конкурентни модели, луѓе до 200cm без никаков проблем може да седат удобно и да имаат доволно простор за нозете и главата, а за тројца патници е многу поудобно одколку во Golf, Focus или Leon. Исто така го има и најголемиот багажен простор во оваа класа, а на располагање имате 590 литри. Отворањето е широко и доста практично, со подот кој се подесува по висина просторот е комплетно рамен и лесно може да ставате и вадите потешки работи од него – со спуштени задни седишта просторот прераснува во 1.580 литри.
Достапни се три бензински и три дизел мотори:
Бензински:
1.0 TSI со 115 коњски сили
1.5 TSI со 150 коњски сили
2.0 TSI со 190 коњски сили (4×4)
Дизел:
1.6 TDI со 115 коњски сили /има опција за 4х4
2.0 TDI со 150 коњски сили /има опција за 4х4
2.0 TDI со 184 коњски сили (4×4)
2.0 TSI со 245 коњски сили (RS)
Сите овие мотори се достапни и со DSG автоматски менувач со 7 брзини.
Тестираниот модел го имаше 1.6 TDI моторот опремен со мануелен менувач со 115 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Дефинитивно најидеалниот мотор за Octavia, има добри перформанси, работи тивко и е сосема доволен за возење низ град и на отворен пат.Единствената работа што му фали на овој мотор е шестта брзина…Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 6.5 до 7 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат измерив потрошувачка од 5.1 литри на 100 изминати километри. Кој мотор би го препорачал јас? Искрено 1.6 TDI ќе ги задоволи сите потреби на повеќето луѓе, сепак доколку сакате малку подобри перформанси би ви го препорачал 1.5 турбо-бензинецот со 150 коњски сили кој има многу добра технологија за заштедување на гориво, а тоа значи дека кога не е потребна целосната сила на моторот гаси два цилиндри со што потрошувачката на гориво се намалува.
AMBITION нивото има стандардна опрема како што се: SWING систем со 6.5 инчен дисплеј, мануелен клима уред, борд компјутер, LED дневни светла, Hill Hold, хром пакет во ентериер, управувач и менувач обложени во кожа, преден потпирач за раце, предни и задни светла за магла и уште многу други ситници… а сега со промотивната понуда добивате и плус дополнителна опрема: Skoda sound system, темпомат, задни паркинг сензори и мултифункционален управувач…
Од возењето во Octavia бев пријатно изненаден бидејќи чувството при возење е како да возите возило што е една класа погоре. Суспензијата во споредба со некои конкурентни модели е на помеката страна и одлично се справува со сите нерамнини на патот, но затоа во кривини има мало навалување и не е до толку забавна за возење како што е Ford Focus или SEAT Leon. Управувачот е прецизен и имате контрола каде одат тркалата, исто така и менувачот е доста прецизен и лесен за користење. На отворен пат Octavia e од тие возила што долгите патувања нема да ви претставуваат никаков проблем. Возењето е многу комфорно и релаксирано, а изолацијата е на многу високо ниво и внатре во кабината е тивко без никаква несакана бучава. Прегледноста напред и од страните е одлична, но назад не е до толку прегледно, затоа добивате задни паркинг сензори во стандардната опрема и паркирањето нема да ви претставува никаков проблем.
Почетната цена за Skoda Octavia ACTIVE 1.0 TSI изнесува 15.870€.
Промотивната цена на тестираниот модел Skoda Octavia AMBITION 1.6 TDI изнесува 17.550€ со гратис зимски пакет.
Повеќе информации може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Skoda.

















