Road Trip со Peugeot Rifter

Со новиот Peugeot Rifter бев на дводневен Road Trip до Берово!

Rifter е замена за моделот Partner Tepee и во споредба со тој модел сега има многу поавантуристички и понтересен изглед. Rifter не само што изгледа голем и робустен, туку навистина нуди мноогу простор во внатрешноста. Задните врати се лизгачки, а влегувањето и излегувањето од возилото е доста лесно. За разлика од сите тие нови фенси „SUV” модели, Rifter нуди дупло повеќе простор во целата кабина, а исто така е и многу попрактичен.

Ентериерот во Rifter изгледа модерно како и во другите модели на Peugeot. Ми се допадна тоа што i-Cockpit дизајнот што го имаат сите нови модели на брендот е имплементиран и во Rifter. Овој сетап каде што управувачот е помал и е поставен малку пониско од нормалата, а инструмент таблата е поставена повисоко предизвика мала контроверзија на почетокот бидејќи кога прв пат ќе седнете во некои од моделите на Peugeot ќе Ви биде малку чудно. Искрено, привикнувањето на се ова е многу брзо. За разлика од другите модели кои што ги имам возено- 2008, 3008 и 508 во кој во некои ситуации горниот дел на управувачот знае да го попречува погледот кон инструмент таблата. Но во Rifter ситуацијата е комплетно различна, во ниеден момент управувачот не го попречува погледот кон инструмент таблата, а многу лесно се наоѓа идеална и комфорна возачка позиција. Кабината е добро поставена и сите контроли за возачот се лесни и јасни за користење. Повеќето од материјалите кои се искористени во ентериерот се фини на допир, но не очекувајте премногу луксуз. Издржливост наместо луксузно чувство е доминантната сензација во овој модел. Единствената работа која ми фалеше во ентериерот е 8 инчниот infotainment дисплеј(стандард во Allure и GT Line) кој доаѓа со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto.

Доколку размислувате за вакво возило една од побитните работи со сигурност е просторноста која ја нуди во внатрешноста, а Rifter има со што да се пофали. Предните седишта се подесуваат по висина и покривот е доста висок,а тоа овозможува многу лесно наоѓање на идеална и комфорна седечка позиција. Исто така, напред има и многу делови за одлагање на ситници. Влегувањето на задните седишта е преку лизгачки задни врати со што дури и во некои тесни места влегувањето и изглегувањето е многу лесно. Назад се поставени три седишта со идентична големина и има повеќе од доволно простор за тројца патници. Како и напред, така и назад има многу места за одлагање на сите ситници на патниците. Во багажникот на располагање имате 775 литри, а доколку ги спуштите задните седишта прераснуваат на импресивни 3,000 литри. За љубителите на кампување, Rifter e перфектното возило бидејќи со спуштени задни седишта има навистина доволно простор за две лица да преспијат во возилото. Целосно рамниот под и широкото отворање го прават многу лесно ставањето и вадењето на големи работи од багажникот. Исто така, многу корисна опција е тоа што ако сте паркирани во некое потесно место и неможете да го отворите целиот багажник, а треба да ставите некои помали работи може да го отворите само задното стакло.

За ваков тип на возило, Rifter вози многу добро. Возењето во град не е воопшто тешко благодарение на големите стаклени површини и добрата прегледност. Воланот е лесен и директен за маневрирање, а суспензијата добро се справува со сите нерамнини и дупки на нашите улици. Но за ова возило побитно е тоа како вози на отворен пат и на подолги релации бидејќи тие што ќе го купат Rifter сигурно и ќе патуваат на многу различни дестинации. Возењето на автопат е комфорно и релаксирано и долгите патувања ќе ги поминувате без никакви потешкотии. Единствената замерка која ја имам е бучавата која доаѓа од големите ретровизори, но во ниеден момент не треба да се надвикувате со другите патници во возилото. Исто така, би сакал и воланот да има малку повеќе тежина на поголеми брзини. Кога ќе се најдете на пат со кривини има навалување(што е и очекувано) но не е многу нагласено за да дојде до тоа да им се лоши на патниците на задните седишта. Моделот кој што го возев го имаше 1.5-литарскиот BlueHDi дизел мотор со 102 коњски сили и 250Nm вртежен момент, а силата се пренесува само на предните тркала и во овој случај преку 5 степен мануелен менувач. Моторот има солидни перформанси, но во некои моменти се осеќа дека фали уште малце моќ и на автопат фали таа шестта брзина. Мојата просечна, комбинирана потрошувачка изнесуваше од 6 до 7 литри на 100 изминати километри, што реално е одлично. Rifter е достапен и со 1.2-литарски PureTech турбо бензински мотор, како и уште два дизел мотори. Доколку навистина патувате многу со возилото, моја препорака би бил појакиот 1.5 дизел мотор кој има 130кс и стандардно доаѓа со 6 степен мануелен менувач, а како опција достапен е и со 8 степен автоматски менувач.

Секако, Rifter не е наменет за сите, но доколку просторноста и практичноста ви се побитни од надворешниот изглед на возилото и не сакате да платите повисока цена за некој SUV модел, Rifter е одлична и идеална опција за Вас!

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да посетите некои од продажните салони на Peugeot!