Porsche Driving Experience 2019

И оваа година се одржа настанот Porsche Driving Experience на кој имав шанса да ги пробам сите модели од гамата на Porsche, меѓу кои и новото 911! Ова е мојот втор пат да присуствувам на овој ексклузивен настан на кој поминавме повеќе од 250 километри, а дел од тие километри беа поминати низ одличните патишта на Маврово и Галичник.
Моделите кои беа на располагање оваа година се: 718 Cayman T, 718 Boxster GTS, 911 Carrera S, 911 Carrera 4S, Panamera Turbo S E-Hybrid, Macan S и Cayenne Turbo.

Овој пат решив возењето да го започнам од големиот SUV на Porsche, моделот Cayenne, а да го завршам со најмалиот модел-718 Cayman.

Porsche Cayenne Turbo-
После 2 минути од седнувањето зад управувачот на овој модел мојата реакција беше Damn! This thing is really fast!
Turbo моделот е најјаката верзија на Cayenne и има 4.0 V8 Twin-Turbo бензински мотор со 550 коњски сили и 770Nm вртежен момент.Силата се пренесува на сите четири тркала и за разлика од Panamera која има PDK трансмисија, Cayenne има друг 8-степен torque converter автоматски менувач кој е подобар зa off-road возење и влечење на приколки.
Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.9 секунди, а максималната брзина е 285 км/ч.Бројки кои реално не би ги очекувале од SUV, нели? За возењето, искрено неможе да се најде никаква замерка, едноставно перфектно! Чувството при возење е како да возите спортски автомобил кој што е повисок.Управувачот е многу прецизен и точно знаете каде одат тркалата, плус поради тоа што и задните тркала помагаат во вртењето Cayenne е лесен за маневрирање во тесни места и попрецизен во кривини кога возите со поголема брзина.Како за волку голем и тежок SUV, нема преголемо навалување со што кога возите малку подинамично патниците позади нема да се бунат дека им е неудобно.Сепак, при кочење ја осеќате тежината од 2 тона и габаритот на возилото. За разлика од Cayenne S кој што го возев лани, Turbo моделот стандардно доаѓа со воздушна суспензија со три комори и разликата помеѓу Comfort и Sport режим е многу голема и осетлива. Исто така, Cayenne Turbo има и многу добар звук кој доаѓа од четирите издувни цевки позади од кој понекогаш има и pops & bangs.
Јас лично не сум голем фан на SUV модели, но со Cayenne приказната е комплетно различна.Се однесува баш како спортско возило а не SUV!

Porsche Macan S-
После големиот Cayenne, на ред за возење е помалиот SUV- моделот Macan и тоа во S верзијата. Моторот кој го користи овој модел е 3.0 турбо-бензински V6 со 348 коњски сили и 480Nm вртежен момент.Силата се пренесува на сите четири тркала преку 7-степен dual-clutch автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 5.1 секунди(со Sport Chrono пакетот е 4.9 секунди), а максималната брзина е 250 км/ч. Ако Cayenne се однесува како повисоко спортско возило, а не SUV, Macan е уште поблиску до тоа.Бидејќи е полесен и помал имате уште повеќе забава во возењето, а и не за џабе Porsche своите SUV модели ги нарекува спортски возила…Во нормален режим Macan е доста комфорен и лесен за секојдневно возење.Префрлете во спортски режим и ќе бидете изненадени од забавата која може да ви ја понуди, управувачот е прецизен и директен, а целото возило е многу стабилно во кривини и на доста поголеми брзини.

Porsche Panamera Turbo S E-Hybrid-
Доста беше од SUV возила, сега на ред е одличната лимузина на Porsche.Воедно, ова е и најјаката изведба на Panamera! Моторот кој го носи е 4.0 V8 twin-turbo кој има 550 коњски сили.Но, тоа не е се, има и plug-in хибриден систем со батерија од 14.1 kWh и електромотор кој произведува уште плус 136 коњски сили-вкупната моќност е 680 коњски сили и 850Nm вртежен момент-WOW! Забрзувањето до 100 км/ч трае 3.4 секунди додека максималната брзина е 310 км/ч.Ова се бројки кој што ги имаат супер-спортските возила! Интересно е и тоа што само на електрична енергија може да поминете и до 40 километри, а нормално и ако внимате на тоа колку ја притискате педалата за гас може да добиете и многу ниска потрошувачка на бензин. Panamera е таков тип на возило што слободно може да се нарече 911 кој има плус задни седишта на кој многу комотно ќе се сместат двајца патници и уште две задни врати.Зошто го викам тоа? Па, да бидам искрен забрзувањето кое го има е брутално брзо што дури ги осеќате и органите во телото како ви се мрдаат кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај.Овој модел го возев на пат со многу кривини каде што може многу добро да видите дали ова Porsche го има тој спортски дух и дали стварно може да ви понуди забавно возење.Иии, да, може многу да Ве возбуди.Толку е добро и стабилно во кривини што заборавате дека возите возило кое тежи над 2 тона…Има одличен баланс на комфор и динамичност. Според мене ова е перфектниот модел на Porsche за оние фамилијарни луѓе на кои им треба поголема практичност од таа што ја нуди 911, но сепак сакаат да имаат спортски автомобил со кој ќе може исто така да уживаат и да го возат доста динамично кога децата не се во возилото…

Porsche 911 Carrera S и Carrera 4S-
Конечно, дојде ред да седнам зад воланот на новото 911!
Новата генерација на 911 во Carrera 4S изведбата има 3.0 twin-turbo боксер мотор со 450 коњски сили и 530Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.2 секунди, а максималната брзина е 305 км/ч. Силата се пренесува на сите четири тркала преку одличниот 8-степен PDK автоматски менувач(наскоро ќе има опција и за мануелен менувач).
Ентериерот во оваа нова генерација е комплетно сменет во споредба со претходната генерација и е спој на модерен и ретро дизајн, а сето тоа изгледа многу кул! Одма штом седнете на возачкото седиште добивате чувства кои неможе да се опишат со зборови…а пак кога ќе ја притиснете педалата за гас и ќе ви се крене адреналинот добивате насмевка како мало дете која ќе ви остане и одкако ќе излезете од возилото. Седите многу ниско до земја баш како што треба за едно спортско возило и знаете дека Вие ја имате целата контрола на возилото.Искрено, не треба да возите премногу брзо за да уживате, дури и во нормални услови возењето е предобро. Она што доста ме изненади е разликата кога ќе смените од Sport во Normal режим.Промената се осеќа многу и во Normal возилото станува помеко и покомфорно.Океј, сепак се работи за спортско возило кое не е до толку удобно како во некоја лимузина, но е доста комфорно. После 911 Carrera 4S пак седнав во 911, но овој пат во Carrera S.Разликата помеѓу овие два модели е тоа што Carrera S силата ја пренесува само на задните тркала, а тоа значи малку повеќе забава во кривини! Разликата не е преголема, но сепак се осеќа.Тука задницата понекогаш знае да заигра ама поради сите нови системи кој ги има и малку да претерате самото возило ќе ве поправи. Моторот кој го има е исто така ист- 3.0 twin-turbo боксер со 450 коњски сили и 530Nm вртежен момент.Забрзувањето од 0 до 100 км/ч тука е подолго за 0.2 и е 3.4 секунди, а максималната брзина останува иста- 305 км/ч.
Porsche 911 е едно од најдобрите спортски возила, кое исто така е добро и лесно и за секојдневна употреба.

Porsche 718 Boxster GTS-
После перфектните и брутално брзи 911, седнувам во Boxster GTS(моето омилено Porsche).
Тука моторот има 2 цилиндри помалку, но тоа не значи дека е помалку забавен, напротив, ова е најзабавниот модел на Porsche. Користи 2.5 турбо-бензински 4-цилиндарски мотор кој е поставен на средина и на располагање имате 365 коњски сили и 430Nm вртежен момент.
Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4.1 секунди, а максималната брзина е 290 км/ч. Бидејќи ова е помало mid-engine возило, има перфектен баланс што резултира со доста стабилност и грип во кривини.Управувачот е многу прецизен и одма реагира на секоја ваша команда.GTS моделите добиваат и PASM(Porsche Active Suspension Management) суспензија која е за 10мм пониска.Разликата помеѓу Normal и Sport режим е доста голема и осетлива, а тоа го прави Boxster GTS одлично возило за секојдневна употреба и доста брутално кога сакате динамично возење.Една од работите зошто толку многу го сакам овој модел е звукот кој го има… многу гласен и со многу pops & bangs.Да бидам искрен, Boxster GTS е многу погласен од новото 911…
Многу луѓе сигурно ќе се запрашаат зошто баш овој модел ми е омилен кога тука е и новото 911-Океј, 911 е секако многу побрзо од Boxster и Cayman и чувството при возење не се споредува со овие помали модели. Но, лани кога за прв пат возев Cayman GTS ми остави многу голем впечаток, конекцијата помеѓу мене како возач и возилото е поголема од таа во 911, а и некако возилото е поинтересно.

Porsche 718 Cayman T-
Овогодинешниот Porsche Road Tour за мене заврши со овој модел.
Моторот кој го користи е 2.0 турбо-бензински 4-цилиндарски кој има 300 коњски сили и 380Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4.7 секунди, а максималната брзина е 275 км/ч. За прв пат до сега моделите 718 добиваат ваква “Т” изведба што значи промени на шасијата, Porsche Torque Vectoring, limited-slip диференцијал, PASM(пониска суспензија за 20мм) и 20 инчни бандажи.Ова е модел кој е фокусиран на тоа да добиете што подобро возачко искуство. Нормалното возење низ град е слично како и во “обичниот” Cayman само што седите малку пониско, а големата разлика на овој модел ќе ја приметите кога ќе префрлите во Sport или Sport+ режим и ќе уживате целосно на некој пат полн со кривини! Управувачот е многу прецизен и инстантно реагира на секоја ваша команда, има одличен грип и со поголема брзина во кривини возилото е многу стабилно. Со овој модел стандардно добивате 6-степен мануелен менувач кој според мене перфектно се вклопува со идеата на ова возило, а како опција достапен е 7-степен PDK автоматски менувач.
За жал, моделот кој што беше на располагање го имаше PDK автоматскиот менувач…

Ова беше од оние денови што несакате никогаш да завршат…Голема благодарност до Porsche Македонија за поканата!