ТЕСТ: BMW 2 Series 218i Gran Coupe M sport

Првиот продукт на BMW во оваа класа на возила нема да биде по сечиј вкус, а реално и не треба да биде.

BMW ја прошири својата понуда на компактни модели со новата серија 2 Gran Coupe, а воедно ова е и првиот модел на BMW во оваа класа на возила. Во последните неколку години, BMW претстави нови модели кои се базирани на UKL платформата, а тоа значи дека овие автомобили се примарно со преден погон (за некои мотори е достапна и опција за погон на сите четири тркала). Во оваа група на модели спаѓа и новата серија 2 Gran Coupe, а моделот што го имав на тест беше опремен со основниот турбо-бензински мотор.

Модуларната UKL платформа ја користат моделите X1, X2, новата серија 1, серија 2 Active Tourer и Gran Tourer и сега новата серија 2 Gran Coupe. Исто така, оваа платформа ја користат и моделите на MINI. Сега сигурно се прашувате зошто серија 2 GC е со преден погон кога серија 2 Coupe и Cabrio користат заден погон – тоа е така поради тоа што овие два модели користат комплетно друга платформа, додека серија 2 GC е поставен на платформата од новата серија 1 (тестот за тој модел прочитајте го тука) и исто така ги користи истите технологии. Да се навратиме на новото купе со четири врати и да позборуваме малку за дизајнот – Серија 2 GC е компактен седан кој има опаѓачка кровна линија и фраерски „frameless“ врати. Во однос на надворешниот дизајн, серија 2 GC изгледа точно како што би очекувале кога ќе го слушнете името Gran Coupe – автомобилот има елементи и линии кои веќе ги знаеме од други модели на брендот. На предниот дел се карактеристичните „бубрези“ и full LED светлата кои имаат сличен дизајн на оние кај серија 1, а и целиот преден дел заликува на серија 1, но сепак не е идентичен. Страничниот дел е низок и изгледа баш купеовски, додека задниот дел е со малку несекојдневен и нов изглед. Поставени се долги и тесни светла кои малку потсеќаат на серија 8, светлата ги спојува сјајно црна линија која се протега по целиот заден дел, а спортскиот изглед го заокружува големата вистинска цевка за издувот поставена на левата страна(моделот 220d има две цевки, по една на секоја страна). Тест моделот беше опремен со M Sport пакетот со кој добивате поспортски браници, странични прагови, дискретен спојлер и 18-инчни M алуминиумски бандажи. Според мене, надворешниот дизајн на серија 2 GC е малку поларизирачки бидејќи има луѓе на кои им се допаѓа премногу и има луѓе на кои не им се допаѓа воопшто, а има и такви на кои им се допаѓа само одреден дел од возилот – во оваа група сум и јас бидејќи предниот и страничниот дел ми се допаѓаат, а не сум голем фан на задниот дел бидејќи ми изгледа малку чудно.

Ентериерот на повеќето од вас ќе ви биде добро познат бидејќи го има истиот дизајн како и серија 1, а тоа не е воопшто лошо бидејќи има одлична ергономија, врвни материјали и секако спортски стил. Седењето е ниско, а спортските седишта нудат одлична поддршка и цврсто ве држат во кривини. Централниот панел е свртен накај возачот со што ракувањето со сите контроли поставени на тој дел е многу едноставно. Ми се допаѓа и тоа што BMW се уште користат физички копчиња за одредени функции, додека голем дел од конкурентите копчињата ги заменија за големи екрани што е понепрактично за ракување, особено при возење. Екранот на допир за infotainment системот е поставен на горниот дел од централната конзола и добрата работа е тоа што немора да го допирате за да го контролирате системот. На долниот дел од централната конзола е поставено добро познатото тркалце преку кое може да го контролирате infotainment системот, како и физички копчиња кои се кратенки за одредена функција. Обидувајќи се да притиснете со прст на одреден дел од екранот го одзема вашето внимание при возење многу повеќе отколку се тоа да го правите со контролите кои се поставени при рака до менувачот. Затоа, според мене iDrive системот на BMW е еден од најдобрите моментално на пазарот. И не само поради функционалноста, туку и за едноставната контрола и целокупната агилност. Тестираниот модел го имаше стандардниот 8.8-инчен infotainment дисплеј кој има одлична графика, а добивате и вграден навигациски систем. Пред возачот се наоѓа инструмент табла која е комбинација на аналогни инструменти со централен дигитален дисплеј. Како опција достапен е BMW Live Cockpit Professional со кој наместо 8.8 добивате 10.25-инчен дисплеј и целосно дигитална инструмент табла со исто 10.25-инчен дисплеј. Генерално, кабината на серија 2 GC е одлично место за поминување на времето и немам никакви негативни критики.

Што нуди серија 2 GC кога станува збор за практичност и простор на задните седишта? – Споредено со конвенционален хечбек модел практичноста е можеби за нијанса помала. Гледано од надвор, ниската кровна линија сугерира дека патниците на задните седишта ќе се соочат со едно ограничување, а тоа е просторот за главата. Во реалноста, тоа е и точно, за разлика од серија 1, тука има помалку простор за главата, но просторот за нозете е и повеќе од доволен. А да бидеме реални, сигурно нема да возите кошаркари на задните седишта, така што двајца патници со просечна висина нема да имаат никакви проблеми. Возење на тројца патници јас не би ви препорачал, освен за некои многу кратки релации. Багажниот простор нуди пристоен волумен од 430 литри, но сепак поради формата на возилото отворот е релативно мал и подот не е комплетно рамен со браникот. Практичноста може да ја зголемите со преклопување на задните седишта кои се во сооднос 40:20:40.

Тестираниот модел беше со ознака 218i, а тоа значи дека под хаубата се наоѓа 1.5-литарски трицилиндарски турбо-бензинец со 140 коњски сили достапни при 4600-6500 вртежи во минута и 220 Nm вртежен момент достапни при 1480-4200 вртежи во минута. Силата ја пренесува на предните тркала и конкретно во овој случај преку 7-степен Steptronic автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.7 секунди, а максималната брзина изнесува 215 км/ч. Овие бројки вака можеби и не звучат како многу, а додека го имав возилото на тест имаше и коментари од типот “какво е тоа BMW со трицилиндарски мотор…” и слично. Во реалноста се покажа дека овој мотор нуди навистина солидни перформанси како и за возење во град, така и за на отворен пат, а може да се уверите во ова само ако седнете да го возите возилото. Воедно, овој мотор е меѓу најдобрите трицилиндарски мотори што ги имам возено и во ниеден момент не се слуша оној класичен звук кои го имаат другите мотори со три цилиндри. Автоматскиот менувач работи беспрекорно и одлично е усогласен со моторот, менувањето на брзини скоро и да не го чувстувате, а кога сакате малку подинамично возење е доста респонзивен и брзо реагира. Просечната потрошувачка на гориво од неколку дневното возење, од кои голем дел од километрите беа поминати во градски услови изнесуваше 8.5 литри на 100 изминати километри. Освен овој мотор, во понудата се достапни и – 216d кој користи 1.5-литарски дизел мотор со 116 коњски сили, 220d кој користи 2.0-литарски дизел мотор со 190 коњски сили и на самиот врв е моделот M235i xDrive кој користи 2.0-литарски турбо-бензинец со 306 коњски сили. xDrive системот за погон на сите четири тркала е достапен како опција само кај моделот 220d, додека спортскиот M235i е опремен стандардно со овој систем.

Ова не е прв пат да седнам зад управувачот на BMW модел кој е примарно со преден погон, при крајот на минатата година поминав неколку дена со новата серија 1 и впечатокот кој ми го остави беше доста позитивен. Да, концептот на овие возила е малку различен од она што сме навикнати кога станува збор за BMW автомобил, но во никој случај не треба да се потценат овие модели само поради тоа што се со преден погон. Каква е серија 2 Gran Coupe зад управувачот? – чувството при возење е многу слично како и во серија 1, дури во некои ситуации би рекол дека и малку подобро. Да започнеме со комфорот, возењето е покомфорно од тоа што јас очекував. Тест моделот беше со 18-инчни бандажи и бидејќи е со M Sport пакет има малку потврда шасија и во овој случај ја имаше стандардната суспензија (како опција достапна е и адаптивна суспензија), нерамнините на улиците ги чувствувате малку повеќе, но не би рекол дека возењето е непријатно. Покрај тоа, тркалата не отскокнуваат на нерамна површина. При нормално возење, серија 2 GC е пријатен, тивок и опуштен автомобил. Кога сакате динамично и забавно возење серија 2 GC има што да понуди – правецот на движење го менува одлично и брзо реагира на сите ваши барања, а стабилноста и агилноста се на доста високо ниво. Автомобилот има перфектен баланс на комфор и динамичност, благодарение на прецизното управување секогаш знаете што се случува под тркалата и контролата на автомобилот е во ваши раце. И покрај тоа што серија 2 GC има „frameless“ врати, немам никакви замерки за изолацијата. Рафинираноста при возење на автопат со брзини од 120-130 км/ч е на одлично ниво и во кабината нема никаква несака бучава.

Серија 2 GC користи многу напредни и корисни системи кои нудат многу подобро возење, поточно се работи за – actuator contiguous wheel slip limitation technology (ARB). Оваа технологија користи контролер за пролизгување поставен директно во контролната единица на моторот наместо во контролната единица за DSC, ARB испраќа информации за пролизгувањето на тркалото три пати побрзо отколку во конвенционалниот систем. Ова решение е искористено поради тоа што автомобилот е со преден погон, а овој систем ја прави контролата на пролизгувањето многу почувствително и побрзо. Користејќи ја својата врска со DSC, ARB нуди значително помал „understeer“. Со ова се добива и подобро управување бидејќи ARB автоматски ги активира сопирачките на тркалата кои што се од внатрешната страна на свиокот за да се избегне пролизгувањето и така се добива автомобил кој има неутрално управување.

Уште една многу кул опција која треба да се напомене е Reversing assistant системот кој ги памти сите вртења во последните 50 метри што сте ги поминале и потоа се што треба да направите е да ставите во рикверц, а системот сам ќе ве врати до местото од каде што сте тргнале.

Почетната цена за BMW серија 2 Gran Coupe изнесува 31.980 евра.

Тестираниот модел BMW 218i Gran Coupe M Sport моментално има промотивна цена од 36.500 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW M Car!

ЗАКЛУЧОК
Првиот продукт на BMW во оваа класа на возила нема да биде по сечиј вкус, а реално и не треба да биде. Овој автомобил е наменет за посебна таргет група, односно луѓе кои сакаат малку постилски и поуникатен автомобил од конвенционален хечбек модел. Серија 2 Gran Coupe го има тој „wow ефект“ кога станува збор за дизајн, нуди солидна практичност и опремена е со многу нови и многу корисни системи кои придонесуваат за подобри возни карактеристики.
ПОЗИТИВНО
Комфорен но забавен за возење.
Одличен infotainment систем.
Високо квалитетен ентериер.
НЕГАТИВНО
Поларизирачки изглед.
Простор за глава на задна клупа.
4
More Stories
Audi ја претстави новата фејслифт верзија на моделот RS5