Оваа година Porsche слави еден многу значаен јубилеј – а тоа е 50 години од првиот сериски Porsche автомобил со бензински турбо мотор. Благодарение на Porsche Македонија имав навистина ексклузивна и уникатна можност да седнам зад воланот на 6 различни Turbo модели кои се дел од Heritage колекцијата на Porsche.
Локацијата каде што се одржа овој настан е Stuttgart, а имав прилика да возам фантастични автомобили по исто толку фантастични патишта во околината на Stuttgart. Но, пред да зборуваме за автомобилите кои ги возев, да се навратиме малку назад низ годините и да видиме како всушност почна приказната наречена „Turbo“.
Во раните 1970-ти, Porsche за првпат го направи својот прв чекор кон зголемување на перформансите на моторите со турбополначи во областа на мотоспортот. Сето ова беше многу успешна и победничка идеја. За нешто повеќе од две години, оваа технологија ќе биде префрлена од егзотични тркачки прототипови на серискиот Porsche 911. Во текот на следните три децении, работничкиот тим и клиентите на мотоспортот постигнаа бројни триумфи во тркачките и рели верзиите на 911 Turbo. Турбо технологијата стоеше и зад успесите на Porsche во Формула 1 и рели трките. 17 од вкупно 19-те победи на Porsche на Ле Ман беа освоени со автомобили кои имаа турбо мотори. Турбо моторите од Porsche победија на светскиот шампионат во Формула 1 и на рели маратонот Париз-Дакар. Porsche, исто така, ја искористи турбо моќноста во своите неодамнешни успеси во Светскиот шампионат во издржливост (WEC) и северноамериканскиот IMSA GTP шампионат со најсовремени хибридни погонски единици.
Can-Am беше една од најпопуларните тркачки серии во Северна Америка. Бенчмарк погонските единици беа атмосферски мотори со повеќе од осум литри зафатнина и околу 800 коњски сили, кои напојуваа лесни спортски прототипови со отворена кабина. Porsche веќе имаше многу успешен тркачки автомобил во светскиот шампионат со Type 917. Сепак, 580 коњски сили испорачани од неговиот 4,5-литарски мотор тешко беа доволни за да се борат за победи во Can-Am трките. Дури и по завршувањето на програмата Can-Am, Porsche продолжи да се потпира на турбо технологијата – во тркачките верзии на 911 и во специјално развиените прототипови кои не се засноваат на сериски автомобили. На 24 март 1974 година, Porsche 911 Carrera RSR Turbo 2.1, произведен исклучиво за употреба на трки, ги помина своите први громогласни кругови на тестирање во Ле Ман. 2,1-литарскиот шест-цилиндарски мотор во задниот дел на првиот тркачки автомобил со турбо полнач во Ле Ман беше опремен со интеркулер – ладењето на воздухот на патот од турбополначот до коморите за согорување го направи погуст и, според тоа, побогат со кислород. А ова е клучно за перформансите. Првиот 911 со турбополнач ја заврши 24-часовната трка на сензационално второ место во генералниот пласман.
По кратката презентација и утринското кафе, време е да тргнеме на авантура со шестте Turbo автомобили кои не чекаат надвор. Првиот автомобил на распоредот е тековната генерација на 911 (992) – секако во Turbo верзија. Како што тргнуваме од нашата почетна точка почнува силен дожд, а Германија е позната по дождливите денови…Сепак, радоста и адреналинот не исчезнуваат, а 911 992 Turbo е исто така одличен автомобил и за вакво време. Дури има и специјален режим наречен „Wet“ – токму за вакви услови. 992 не ми е непознат автомобил, но секоја прилика да се помине време зад валонат на овој автомобил е повеќе од добредојдена.
Во оваа генерација 911 Turbo користи 3.8-литарски шест-цилиндарски твин-турбо мотор кој испорачува 580 коњски сили (повеќе од дупло од првиот 911 Turbo) и 750 Nm вртежен момент. Силата секако оди кон сите четири тркала – што е идеално за вакви „влажни“ услови на патот. Во комбинација со PDK автоматскиот менувач, автомбилот се катапултира до 100 км/ч за 2.8 секунди, а стрелката застанува на 320 км/ч. Постојат многу спортски автомобили кои се конкуренти на 911 Turbo, но ни еден од нив не е толку добар во мултифункционалност. Со овој автомобил нема да имате никаков проблем да го возите секојдневно, пример до работа и назад, а истовремено за викенд да може да одите на некои прекрасни планински патишта каде што ќе го извлечете максимумот кој го нуди. Дури и во вакви врнежливи услови, 911 Turbo нуди исклучетолно добра тракција и едноставно е лесен за возење.
Од легендарниот 911 време е да се префрлам во нешто сосема различно. На следната промена седнувам зад воланот на новиот фејслифт Taycan Turbo, а во меѓувреме дождот полека, но сигурно го снемува. Да, во Porsche одличија дека секој модел ќе добие своја Turbo верзија, а тоа се однесува и на електричните автомобили. Тука можеби нема „турбо“ во погонот, но не може да се негираат екстремно лудите перформансите кои ги нуди оваа верзија на Taycan. Поточно, под десната нога на располагање се 884(!) коњски сили и 940 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч е 2.7 секунди, односно 0.1 побрзо од 992 Turbo…Иако ова се навистина импресивни перформанси, она што највеќе недостига се емоции и секако звук од бензински мотор. Ова се чудни години за автомобилската индустрија и според мене „струјата“ е можеби и не потребно исфорсирана во одредени ситуации, но тоа е што е. Претходно имам возено неколку различни верзии на Taycan, а ова беше прв пат да ја возам новата фејслифт верзија. Визуелните промени се суптилно, но под телото има навистина драстични промени. Како прво, новата стандардна воздушна суспензија е многу, многу подобра од претходно – во секакви услови на возење. Работено е и на звучната изолација и на целиот управувачки систем – и овие работи веднаш се приметуваат.
Стигнуваме до третата промена и на ред е автомобил за кој никогаш до сега не сум верувал дека ќе имам можност да го возам. Веќе претпоставувате за што станува збор – да, тоа е 911 (930) Turbo или првиот 911 со турбо мотор. А интересен факт е тоа што конкректниот примерок е произведен во 1974 година и е точно 32-от примерок од производната лента. Во моментот имаше поминато нешто повеќе од 145.000 километри, а луѓето од Porsche ми кажаа дека е во беспрекорна механичка состојба- а на тоа јас им реков „значи без никаков проблем би можел да се вратам назад во Скопје со него“. Одговорот беше дека автомобилот би го издржал тој пат, но за жал не можат да ми го дадат…На секој вистински автомобилски ентузијаст, 930 Turbo му е слаба точка и барем во некој период од детството имал некаков постер од овој автомобил. И после поминати неколку километри зад воланот сфатив дека ова е можеби и најдобриот спортски автомобил…
Пред да ги пренесам целосните импресии од возењето, а искрено тешко може да се пренесат со зборови да позборуваме за почетокот и развојот на 930 Turbo. Во годината на првата нафтена криза, на меѓународниот саем за автомобили во Франкфурт во 1973 година беше претставен сребрениот 911 (930). Логото „Turbo“, сјајно на задното крило, откри дека ова е прототип на планираната верзија со турбополнач на 911. А сепак, ќе помине уште една година пред да започне сериското производство. Дури и во компанијата во тоа време постоеја сомнежи дали овој модел има смисла со оглед на нафтената криза. Од друга страна, ентузијастичките клиенти не се двоумеле ниту секунда. Динамиката на возење на спортскиот автомобил со високи перформанси, изведена од технологијата за моторспорт и збогатена со исклучително удобен и луксузен ентериер, едноставно беше премногу примамлива. Porsche првично имал план 911 Turbo да биде како престижна серија со ограничен број на примероци, но бројките за продажба ги надминаа сите очекувања на компанијата. Во првите три години од производството, Porsche произведе 2.850 единици од 911 Turbo 3.0 – моделот познат како 930 и кој беше прв од ваков вид со boost-pressure контролиран турбополнач.
После поминати неколку часа зад воланот на нови и модерни автомобили кои се исклучително лесни за возење, кога седнав во 930 Turbo морав да направам еден „рестарт“. Ова е автомобил кој нема серво-управувач, нема ABS систем за сопирачките, нема модерен ESP систем и дополнително има навистина тврди педали за кумплунг и сопирачки, како и „груб“ 4-степен мануелен менувач. Полека тргнуваме од паркингот каде што правевме промена, а нема да лажам првите неколку километри ги поминав со мала доза на „страв“. Во задниот дел на автомобилот е сместен 3.0-литарски турбо мотор кој испорачува 260 коњски сили само кон задните тркала. Оваа верзија на 911 доби многу елементи од тркачките автомобили, вклучувајќи ги крутите глави на тркалата и кинематиката на предната и задната оска. После одредено време се опуштам и време е да видиме што има да каже 930 Turbo. Пред мене е пат со правци и долги свиоци, доаѓа правиот момент и префрлам од трета во втора брзина (секако со меѓу гас) и ја притискам педалата за гас до подот – до 4000 вртежи во минута забрзувањето е смирено, но штом ја поминав таа граница добив забивање во седиштето дополнето со фантастичен звук и пукање (дополнето со пламен – потврдено) при секое менување на брзина. Со колегата од Босна и Херцеговина сме постојано насмеани од „шестка до шестка“ и се радуваме буквално како мали деца – неописливо чувство.
Во 1974 година, возните карактеристики и перформансите беа на границата на она што беше замисливо во тоа време, а до ден денес ова е сеуште многу, многу импресивно. Забрзувањето до 100 км/ч трае 5.4 секунди, а максималната брзина е преку 250 км/ч – која во тоа време била незамислива. Со оглед на испораката на експлозивна моќност на моторот со турбополнач, малку дополнителна концентрација при возење е и тоа како потребна. Не е ни чудо што 911 Turbo од првата генерација брзо се здоби со репутација на спортски автомобил неменет за „вистински мажи“. До сега имам возено многу различни автомобили, но ниту еден не може да се спореди со 930 Turbo – вие како возач ја имате целата контрола на автомобилот и треба да имате многу искуство за да може да го извлечете максимумот од автомобилот.
Пријателите од Porsche ни даваат знак треба да свртиме десно и одеднаш се наоѓаме на спортски аеродром, а тука не чекаат уште неколку изненадувања. Прво, тука беше изложен тркачкиот 956 модел кој се натпреваруваше во Ле Ман во 1982 година, а освен тоа што можевме одблиску да се запознаеме со автомобилот, имавме можност и да го видиме (и слушнеме) во „акција“. Во задниот дел на автомобилот се наоѓа 2.6-литарски шест-цилиндричен боксер битурбо мотор кој испорачува 620 коњски сили и постигнува максимална брзина од преку 352 км/ч. Официјалниот тркач на Porsche ни приреди навистина уникатна глетка збогатена со прекрасна симфонија од моторот.
Второт изненадување беше тоа што тука беа присутни тројца господа кои во различни временски периоди дадоа голем придонес во создавањето на неколку сериски и тркачки модели на Porsche. Најстариот меѓу нив беше инженерот Hermann Burst, кој од крајот на шеесеттите до неговото пензионирање се занимаваше со аеродинамички решенија на неколку сериски и тркачки модели, меѓу кои и 930, како и Carrera 2.7 RS. Инженерот Thomas Krickelberg сè уште работи во Porsche, а поранешниот приправник во одделот предводен од легендарниот Hans Mezger од самиот почеток е вклучен во развојот на моторите кои ги придвижуваат Turbo верзиите. Сега веќе во пензија е и британскиот дизајнер Tony Hatter, кој има потпишано неколку Turbo модели од сериите 993, 996 и 997 и легендарниот Carrera GT, а заедно со тимот ги дизајнираше и тркачките модели 911 GT1.
Навистина интересно беше да се слушнат бројните приказни на овие господа од аналогното минато и да се видат вистински(!) фотографии (направени пред повеќе од 40 години) од тестирањето на моделите на Porsche во Северна Африка, донесени со себе од господинот Burst, кој оправдано не му се допаѓа тоа што одредени политички партии во Германија го користат зборот „Turbo“ за да ги промовираат своите програми и да ги анимираат гласачите.
Време е за вториот дел од возењето, а ми преостаа уште три Turbo модели. Овој пат, возењето го започнувам зад воланот на 944 Turbo произведен во 1989 година. Овој модел ја продолжи приказната на моделот 924 и понуди верзии со мотор со четири-цилиндри, а на врвот на понудата беше 944 Turbo кој под хаубата има 2.5-литарски четири-цилиндричен турбо мотор кој испорачува 250 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Силата оди кон задните тркала преку прецизен и лесен 5-степен мануелен менувач.
Овој модел никогаш не стекна голема популарност, а тоа е можеби главно поради моторите и малку несекојдневниот дизајн за модел на Porsche. Ако за 930 Turbo треба вистинско знаење при возење и буквално „борење“ со автомобилот, 944 Turbo е сосема спротивното. Тука има серво-управување, помеки педали и далеку подобар мануелен менувач. Возењето е доста комфорно, а не се за занемерување ниту перформансите – до „стотка“ стига за 5.9 секунди и има максимална брзина од 261 км/ч. 944 Turbo јас би го опишал како одличен Grand Tourer автомобил, ги пакувате куферите и со понежната половина одите на некој далечен road-trip и едноставно уживате во возењето.
Полека се приближуваме кон Stuttgart, а сега седнувам зад воланот на првата генерација на Panamera Turbo произведена во 2010 година. Во тоа време, Porsche одлучи дека ќе влезе во светот на спортските седани и ќе понуди автомобил на целосно нова група на клиенти. Panamera може да се опише и како „фамилијарен 911“ кој има место за четири патници и нуди голем багажен простор. Тоа време електрификација не се ни спомнуваше, па затоа, под хаубата на оваа Panamera има 4.5-литарски V8 битурбо мотор кој испорачува 500 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Благодарение на погонот на четири тркала и одличниот PDK менувач, забрзувањето до 100 км/ч трае 4.2 секунди и не застанува се до 303 км/ч. А патниците што ќе се возат конкретно во оваа Panamera Turbo ги пречекуваат прагови на вратите на кои е испишано „No Panic“. Возните карактеристики на оваа Panamera и ден денес се над просечни и може да понуди комфорно и смирено возење или пак брутално и агресивно возење со префрлување во Sport Plus режимот.
Кривулестите патишта ги оставивме зад нас и сега се наоѓаме на популарниот „autobahn“, а јас сум зад воланот на Cayenne Turbo S од првата генерација, произведен во 2006 година. И конкретниот примерок има поминато нешто повеќе од 8000 километри, па затоа внатре се чувстувам како во „нов автомобил“. Porsche беше меѓу првите спортски брендови кои во својата гама понудија и „спортски-SUV“. Исто така, овој модел е од големо значење за брендот бидејќи и во тоа време се продаваше во доста голем број, па затоа може да се каже дека и на некој начин ја спаси компанијата и придонесе за понатамошен развој на легендарната 911-ка. Оваа генерација на Cayenne во најмоќната Turbo S верзија користи 4.5-литарски V8 битурбо мотор кој испорачува 521 коњски сили – а во тоа време беше и вториот најмоќен модел во понудата на Porsche, после врвната Carrera GT. Инаку, и покрај тоа што станува збор за автомобил кој е стар скоро 20 години, нуди навистина одлични возни карактеристики и се покажа како добар автомобил и на доста повисоки брзини.
За крај, ми беше навистина чест да присуствувам на еден ваков специјален настан, а особено сум благодарен за можноста да седнам зад воланот на 930 Turbo – после ова, желбата за еден ден да го имам во мојата гаража е уште поголема!
50 години не е е мала бројка, а од Porsche јасно и гласно кажуваат дека цела Turbo приказна ќе трае засекогаш – и покрај тоа што во наредните години ќе има целосна „електрична“ трансформација. Turbo верзиите се уникатни на еден свој начин, а успеваат да понудат нешто што конкурентите тешко може да го постигнат.
*Инаку, додека бев во Stuttgart го посетив и спектакуларниот Porsche музеј, како и така наречениот „Secret Storage“ на Porsche каде што се изложени буквално сите модели што некогаш се произведени. Затоа наскоро очекувајте засебна објава со многу, многу фотографии!
ГАЛЕРИЈА