2020 година ќе биде година на електричните / хибрид возила. Многу брендови ги најавуваат хибрид верзиите од своите модели. Ајде да видиме што има Volvo да ни понуди…
Volvo решија да ја претстават првата plug-in hybrid верзија за моделот XC40 (Т5 Twin Engine) како и збогатена понуда на опрема и нови мотори.
Т5 Twin Engine моделот ќе може да се нарача на почетокот на 2020 година со 1.5-литарски турбо бензински мотор со три цилиндри и 180 коњски сили, спарен со електричен мотор кој додава уште 82 коњски сили. Двата мотори заедно ќе ги придвижуваат предните тркала со што забрзувањето од 0-100 ќе трае 7.3 секунди и ќе резултира со крајна брзина од 205 километри на час. Користејќи ги само електричните мотори, овој модел ќе може да помине од 41 до 45 километри. При комбинирана употреба на двата мотори, со еден литар гориво ќе може да се поминат од 47 до 60 километри.
Возачот ќе има можност рачно да одбере како сака да го вози овој автомобил со селекција на различните модови: “Pure” за целосно електричен погон, “Hybrid” ги комбинира двата мотори по потреба, “Power” го користи само бензинскиот мотор и “Individual” за индивидуално подесување по желба на возачот. Со помош на “Hold and Charge” функцијата, возачот има увид во тоа колку се троши батеријата при движење на возилото, додека “Regenerative Stability Control” системот на Volvo помага при полнење на батериите додека возилото запира.
Кога веќе ги спомнав новите мотори на почетокот, дојде ред да ви кажам кои се измените. Entry level моторот од 1.5 литри Volvo за прв пат го нуди со автоматски менувач со 8 брзини. Освен менувачот и самиот мотор добива повеќе сила – 7 коњски сили, со што вкупната сила сега изнесува 163 коњски сили. Како резултат на тоа овој автомобил ќе забрза до 100 км/ч за 9.3 секунди. Помоќниот 2.0-литарски бензински мотор со 4 цилиндри, освен со погон на сите четири тркала, сега Volvo го нуди и само со погон на предните тркала и има забрзување од 0-100 км/ч за 8.4 секунди.


Стандардната опрема е збогатена со автоматско преклопувачки ретровизори, 12V приклучок во багажникот, фиока која се заклучува и мрежа во багажникот. Како дополнителна опрема овој автомобил може да се нарача со “Winter Plus pack” кој додава греење на предни и задни седишта како и греење на волан. За крај, додадени се и нови бои во палетата – Thunder Grey, Glacier Silver и Pebble Grey.






