Volkswagen го претстави новиот целосно електричен SUV ID.4

Ова е новиот SUV на Volkswagen, моделот ID.4 е првиот целосно електричен SUV на Германскиот бренд. Позициониран е како SUV модел со 5 седишта и во големина е сличен со доста популарниот Tiguan.

Како втор модел во целосно електричната линија на Volkswagen ID, ID.4 ги консолидира дизајнерскиот јазик и темите воведени со моделот ID.3, претворајќи многу елементи на електричниот хечбек во поголем SUV пакет. Како такво, голем дел од надворешноста ќе ви биде добро препознатлива. Површината на возилото е чиста како и на ID.3 моделот, поставени IQ. Light LED фарови кои формираат преден дел кој се состои од LED-светлосна лента со целосна ширина и чист преден дел кој е без решетка. Страничната линија е елегантна и чиста исто како и кај помалиот електричен модел. Добива различна задна врата за багажникот со 3D LED задни светла кои ги спојува светлосна линија, додека SUV елементите кои се поставени вклучуваат пластики околу тркалата и на долниот страничен дел што помага да се даде поробустна форма на возилото. ID.4 е долг 4,580 мм, ставајќи го помеѓу обичниот Tiguan и Tiguan Allspace (верзијата со 7 седишта). Просторот во багажникот нуди 543 литри багажен капацитет или 1.575 литри со спуштени задни седишта.

Меѓуоскиното растојание од 2.700 мм, во комбинација со подното пакување на батеријата и електричниот мотор поставен на задната оска, значи дека Volkswagen ID.4 има скоро толкав простор како и автомобилите од еден сегмент погоре. Дизајнот на кабината е познат бидејќи многу елементи се позајмени од хечбекот ID.3. Тенка централна конзола со држачи за чаши и простор за складирање се наоѓа ниско помеѓу возачот и патникот, а контролната табла е дефинирана со аголни отвори за клима уредот. Сепак, најистакнатите детали се екраните – централен инфозабавен дисплеј со големина од 10 инчи и поголем 12 инчен за моделите во повисоко ниво на опременост, а тука е и малата дигитална табла со инструменти. Двата екрани може да се конролираат преку новиот систем за говорна контрола „Hello ID“. Исто така, ID.4 воведува и целосно нов Head-Up дисплеј со аугментирана реалност – ова е способно да проектира 3Д графика на предното стакло, како што се предмети на патот или инструкции за навигацијата со што ви покажува точно во која лента треба да бидете на кружен тек. За разлика од хечбекот ID.3, ID.4 е достапен со адаптивна суспензија и динамична контрола на шасијата. Lane keep assist и automatic emergency braking ќе бидат стандард во сите модели, додека адаптивниот темпомат, како и најновата верзија на полуавтономниот асистент за возење на Volkswagen (Travel Assist) ќе бидат достапни како дополнителна опција.

ID.4 е базиран на новата MEB платформа на Volkswagen групацијата, со што овој модел ќе биде достапен во две верзии – основната верзија има батерија од 52kWh, додека појаката верзија користи батерија од 77kWh. На почетокот на продажбата ќе бидат достапни само појаките верзии, а послабите верзии ќе бидат достапни подоцна во 2021 година. Основните модели на ID.4 со помалата батерија ќе имаат опсег од 360 километри со едно полнење. Погонот е обезбеден од електричен мотор, достапен со 148 или 170 коњски сили, а силата се пренесува само на задните тркала. Верзиите со поголемата батерија од 77kWh нудат импресивен опсег од 520 километри со едно полнење. Електричниот мотор тука произведува 204 коњски сили кои се способни за забрзување од 0 до 100 км/ч за 8.5 секунди и максимална брзина од 160 км/ч – силата и тука се пренесува само на задните тркала. Volkswagen овој модел ќе го нуди и во послаба верзија со 180 коњски сили, додека брендот исто така потврди дека ќе биде достапна и врвна верзија со погон на сите четири тркала.

Што се однесува до полнењето, се очекуваат три нивоа. Сеуште не е потврдено, но се очекува дека основниот модел со 52kWh батерија, стандардно ќе се полни на 50kW, што ќе овозможи полнење од 0 до 80 проценти за околу еден час. Сепак, потврдено е полнење од 100kW, што би ја дуплирало брзината на полнење. Верзиите со батерија од 77kWh, ќе бидат достапни со полнење од 125kW, способно да додаде опсег од 320 километри за половина час.

More Stories
Новиот Toyota Yaris пристигна во Македонија