Ова е целосно новиот Renault ZOE, најпродаваниот електричен автомобил во Европа. Редизајниран внатре и надвор, а според Renault, новиот електричен супермини може да помине до 390 километри со едно полнење благодарение на новата поголема 52kWh батерија.
И покрај тоа што ова е најголемото ажурирање на ZOE во овие седум години, колку што е на пазарот, промените на надворешниот изглед не се многу големи. ZOE останува ист во големина како и порано. Renault наместо да направи голема промена, се одлучи за мал редизајн на надворешниот изглед, додавајќи нов преден браник, нови C-shaped LED фарови и дополнителни хромирани детали. Како и претходно, на предниот дел зад Renault логото се наоѓа портата за полнење на ZOE, која сега поддржува брзо DC полнење до 50 kW.
Во ентериерот промените се многу поочигледни, Renault целосно ја редизајнираше централната конзола, додавајќи нов 9,3-инчен екран на допир кој доаѓа како стандард на секој модел. Под него се наоѓа нов електричен менувач, копче за рачната кочница и безжично полнење за паметни телефони. Новиот infotainment систем на Renault, наречен Easy Connect, исто така, е додаден во ZOE. Тоа му овозможува на возачот да управува со многуте функции на автомобилот преку својот паметен телефон, може да управувате со навигацијата, да го проверите статусот на батеријата, да видите каде има достапни јавни станици за полнење на електрични возила и да ја уклучите климата во автомобилот.
Капацитетот на батеријата во ZOE е зголемен од 41kWh на 52kWh, а тоа е постигнато без физичко зголемување на батеријата. Поврзан со стандарден 7KW полнач, Renault вели дека батеријата може целосно да се надополни за девет часа и 25 минути. Благодарение на додавањето на DC брзото полнење од 50kW, околу 145 километри од опсегот може да се наполнат за 30 минути. Поради поголемата батерија сега има и помоќен електричен мотор со 137 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Сепак, купувачите сеуште можат да го купат моделот со помала моќност од 110 коњски сили. Со новиот мотор, ZOE од 0 до 100 км/ч забрзува за помалку од 10 секунди, а ќе достигне зголемена максимална брзина од 140 км/ч.
За да се добие што поголем опсег од батеријата, сега има нов ‘B-mode’ режим на возење. Тоа во суштина овозможува возење само со педалата за гас и не е потребно притискање на педалата за кочница бидејќи е зголемена регенеративната ефикаснот кога ќе ја отпуштите педалата за гас. Исто така, додадени се многу нови системи за безбедност, вклучувајќи препознавање на сообраќајни знаци, предупредување за слепи точки, автоматска помош при тргнување на нагорнина, автоматско сопирање во итни случаи и помош за одржување на возилото во лента.









