Renault го претстави освежениот Captur 

Французите не успоруваат и презентираат нови производи. Renault Captur за 2025 има значително освежен стил, кој несомнено ќе го привлече вниманието на многу луѓе.

Слободно може да се каже дека гамата на Renault не била волку модерна како што е сега. Практично сите модели неодамна дебитираа во нови генерации или претрпеа големи освежувања во последните две години. Сега на ова семејство му се придружува и освежениот Renault Captur. Промените воведени овде се изненадувачки. Прво – подиференциран изглед на Captur и Clio, и второ – малиот кросовер стана сличен на електричниот Scenic и водечкиот Rafale.

Предниот дел е променет до непрепознатливост. Кажете им збогум на LED фаровите во форма на буквата C, користени досега. Сега, овде дебитираат нови тесни светла, кои визуелно се слични на оние од Scenic и Rafale. Под нив се поставени LED дневни светла. Порано беа „огради“ интегрирани со главните светла, сега се посебен елемент вграден во браникот. Намалена е и маската – сега е под логото, вградена во украсената лента. Кажете му збогум на карактеристичниот „нос“ на Renault – тој веќе е пензиониран.

Задниот дел ја задржа својата сегашна линија – променета е само формата на браникот, а светлата се полупроѕирни, како во фејслифтираниот Clio. Покрај тоа, Французите се фокусираа на поатрактивни дизајни на алуминиумски бандажи и нови нијанси на бои.

Внатрешноста не претрпе револуција. Дури може да се каже дека речиси и ништо не се промени. Овде ќе најдете само нови модели на тапацир и освежени бои на панели на контролната табла. Мала револуција е промената на мултимедијата – тука дебитира системот OpenR Link, кој веќе го знаеме од Austral или Megane E-TECH Electric. Се базира на софтверот Android Automotive 12 и користи екран од 10,4 инчи. Ова е интересен пресврт, бидејќи Clio ја задржува постарата мултимедија. Заедно со новиот оперативен систем, дебитира и модифицирана дигитална инструмент табла со екран од 10,25 инчи.

А што можеме да најдеме под хаубата на освежениот Renault Captur? Понудата овде не е променета. Палетата се отвора со 1.0 TCe моторот, кој нуди 90 или 100 коњски сили, помоќната верзија е достапна со ТНГ. Следен е 1.3 TCe моторот со моќност од 160 коњски сили, споен со 7-степен EDC автоматски менувач. Тука се појави и благ хибриден систем. Секако, останува во понуда и класичната хибридна верзија, која се базира на 1.6-литарски мотор и генерира вкупно 145 коњски сили.

Интересно е што најмоќните варијанти (хибрид со 145 коњски сили и благ хибрид со 160 коњски сили) имаат целосно нови амортизери за да обезбедат подобри возни својства.

Што друго не чека оваа година? За неколку месеци ќе го запознаеме поголемиот брат на Captur. Местото на класичниот Megane со мотор со внатрешно согорување, кој се уште се нуди во намалена форма, ќе го заземе моделот Symbioz. Тоа не е ништо повеќе од фејслифтиран Captur, со подолго меѓуоскино растојание и попространа внатрешност.