Renault ја претстави новата втора генерација на компактниот SUV- моделот Captur, кој сега има многу повеќе простор во кабината и доаѓа со сите најнови технологии.
Промените на надворешниот дизајн можат лесно да се видат, новиот Captur има нови LED предни светла(како на новото Clio) и доаѓаат како стандард во сите модели, нов преден браник, а на задниот дел има исто така, променет дизајн со нов браник и нови ‘C-shaped’ LED задни светла. Достапни се 11 бои за каросеријата како и 4 контрасни бои за покривот, а купувачите можат да одберат помеѓу 90 различни конфигурации на бои. Големината на бандажите почнува од 16-инчи, додека најголемите се 18-инчни. Целиот автомобил сега е за 110мм подолг, 20мм поширок и маргинално повисок во споредба со претходната генерација. Овие нови пропорции му помогнаа на Captur да стане вистински кросовер модел. Багажниот простор сега изнесува 536 литри, што е 81 литар повеќе од претходниот модел.
Ентериерот е комплетно сменет и сега има целосно нов и помодерен дизајн. Како стандард добивате 7-инчен дисплеј за infotainment системот и 7-инчен дисплеј кој е замена за аналогната инструмент табла. Како опција достапен е поголем 9.2-инчен дисплеј за infotainment системот кој има поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, а исто така опција е и поголемиот 10.2-инчен дисплеј за инструмент таблата.
Изборот на мотори вклучува три бензински и два дизел мотори. Кај бензинците понудата започнува со 1.0-литарскиот TCe со 100 коњски сили и доаѓа само со 5-степен мануелен менувач, следен е 1.3-литарскиот TCe мотор кој е достапен во две изведби, со 130 и 155 коњски сили- двете верзии се достапни со 7-степен автоматски менувач, додека послабата верзија е достапна и со 6-степен мануелен менувач. Кај дизелот на располагање го имате 1.5-литарскиот Blue dCi со 96 и 116 коњски сили, а двете верзии имаат 6-степен мануелен менувач, а пак појаката верзија е достапна и со 7-степениот автоматски менувач.
Најбитната новост е тоа што Captur ќе се нуди и во plug-in хибрид варијанта, наречен E-Tech plug-in. Оваа верзија користи 1.6-литарски четири-цилиндарски бензински мотор заедно со два електрични мотори напојувани од 9.8 kWh батерија и ‘multimode direct-transmission’ менувач. Според Renault, овој модел може да помине до 45 километри само на електрична енергија.










