Претставен новиот BMW серија 8 Gran Coupe!

BMW ја претстави новата серија 8 Gran Coupe, директен ривал на Porsche Panamera и Mercedes-Benz CLS.
Изгледот на новиот модел не e големо изненадување, бидејќи Gran Coupe го дели истиот дизајн со Coupe и Cabriolet моделите на серијата 8. Овој модел има малку подолга силуета, додека предниот и задниот дел се идентични како и кај другите две верзии од овој модел.
Gran Coupe верзијата има 201мм поголемо меѓуоскино растојание со цел да се сместат тие екстра задни врати, а целото возило е подолго за 231мм во споредба со Coupe верзијата. Исто така, покривот е повисок за 61мм за да се добие повеќе простор на задните седишта, додека каросеријата кај задните крила е проширена за 30мм.

Во внатрешноста, Gran Coupe е ист како и другите модели од серија 8. Добивате дигитална инструмент табла со 12.3-инчен дисплеј и 10.25-инчен дисплеј за infotainment системот- овој е дисплеј е чувствителен на допир, но исто така може да го контролирате преку гласовни и новите гест контроли, плус го добивате и традиционалното iDrive тркалце поставено во долниот дел на централната конзола. Друга стандардна опрема која ја добивате содржи, безжично полнење за вашиот паметен телефон, греење на предните и задните седишта, LED предни и задни светла, дигитален клуч со дисплеј преку кој може да го видите нивото на гориво во возилото и да проверите дали прозорците се затворени или не, како и многу други работи…Големата промена во ентериерот е тоа што централната конзола во овој модел се протега до задните седишта каде што има две USB порти и контроли за климата, за оние кои ќе седат позади.

BMW, моделот Gran Coupe го нарекува 4+1 бидејќи има простор за пет патници, но со оглед на тоа што централната конзола оди се до задните седишта, тој што ќе треба да седи во средина ќе нема баш доволно простор за нозете. За кратки релации можеби е океј, но за подолги патувања дефинитивно нема да биде баш удобно. Сепак, просторот за нозете и главата на задните седишта е значително зголемен во споредба со моделите со две врати. Багажниот простор е исто зголемен за 20 литри и сега на располагање имате вкупно 440 литри.

Поради зголеменета каросерија, овој модел е потежок за 70 килограми, па затоа BMW направи мали измени во стандардната M Sport суспензија, како и во опционалната адаптивна суспензија за да се добие совршено возење.

Под хаубата достапни се еден дизел и два бензински мотори- моделот 840i користи 3.0-литарски шест-цилиндарски турбо-бензински мотор со 340 коњски сили и до 100 км/ч забрзува за 5.2 секунди, најјакиот M850i xDrive модел користи 4.4-литарски V8 твин-турбо мотор со 530 коњски сили и 750Nm вртежен момент, а забрзувањето до 100 км/ч трае само 3.9 секунди. Дизел моделот, 840d xDrive користи 3.0-литарски мотор со 320 коњски сили и до 100 км/ч забрзува за 5.1 секунди. Сите модели се електронски ограничени на 250 км/ч максимална брзина.