Со специјална верзија Porsche го прославува 911 од 1960-тите и раните 1970-ти – новиот ексклузивен модел го носи името 911 Sport Classic.
Porsche 911 Sport Classic е вториот модел според новата „Heritage Design стратегија“ на Porsche, по 911 Targa 4S Heritage Design Edition од 2021 година. Исто така, тој е наследник на 911 (997) Sport Classic од 2009 година, кој како и овој нов модел, инкорпорираше многу класични дизајнерски детали и елементи. Со својата Heritage Design стратегија, Porsche вели дека има за цел да го врати духот на минатите децении на Porsche, но создавајќи нешто ново.
Новиот 911 Sport Classic не е само визуелна почит на класичните 911. Оваа верзија добива 3.7-литарски шестцилиндарски твин-турбо мотор кој испорачува 550 коњски сили и тоа само на задните тркала. Овој модел е заснован на Turbo верзијата која има погон на сите тркала, но тука моќноста е малку намалена и Sport Classic верзијата не ги користи истите воздушни канали кои се наоѓаат во задните странични панели на тој автомобил. Интересно е тоа што оваа специјална Sport Classic верзија добива и нов 7-степен мануелен менувач, а тоа го прави да е најмоќниот 911 достапен со мануелен менувач во моменталната понуда. Стандардно добива и специјален Sport издувен систем кој треба да се слуша повеќе во кабината бидејќи Porsche извади одредена звучна изолација.
Суспензијата, Porsche Active Suspension Management (PASM), е иста како таа во сегашните Turbo и GTS модели, но со мали измени на оската поради отстранувањето на системот за погон на четири тркала. Керамички сопирачки се стандардни за Sport Classic верзијата.
Во однос на дизајнот, новиот модел има многу влијание од минатите 911 Classic модели. Sport Grey Metallic е ексклузивна боја за Sport Classic, но автомобилот е достапен и во Agate Grey Metallic, Gentian Blue Metallic и црна боја. Графиките на страните се бесплатна опција и клиентите можат да изберат кој било број помеѓу 0 и 99 за да ја подобрат ретро естетиката. Двете ленти се движат од хаубата па се до спојлерот, исто како и на Sport Classic од 2009 година. Една од најистакнатите надворешни карактеристики е повторното воведување на „ducktail“ спојлерот. Тоа е референца од иконата 911 RS 2.7 од 1972 година и е направен од карбон за да помогне да се заштеди тежина.
Друга интересна карактеристика се Fuchs-style бандажите. Предните се 20, додека задните 21-инчи и му оддаваат почит на 911 S од 1967 година – првиот 911 што го носи овој сега иконски дизајн на бандажи. На други делови од автомобилот поставени се специјални златни „Porsche Exclusive Manufaktur“ значки, а на решетката од капакот на моторот има „Porsche Heritage“ ознака.
Внатрешноста, исто така, добива мноштво на ретро елементи и детали, како што е иконскиот „houndstooth“ дизајн кој се наоѓа на панелите на вратите и централниот дел на седиштата. Инструмент таблата е исто дотерана со Sport Classic ознака, како и зелени бројки кои може да се најдат и во легендарниот Porsche 356. Златната значка со персонализираниот број на возилото се наоѓа над фиоката на контролната табла.
Новиот 911 Sport Classic ќе биде произведен во само 1.250 примероци, а нарачките се веќе отворени.























