MINI го претстави својот прв електричен модел- MINI Electric.
Надворешниот изглед на MINI Electric во споредба со нормалното MINI 3-Door се разликува по неколку дизајнерски детали како што се- нов преден и заден браник, нова предна затворена решетка, MINI Electric лого на предната решетка, багажникот и од страните…а овој модел е за 15мм повисок од нормалниот модел. Приклучокот за полнење на возилото е на истото место каде што е и капачето за полнење гориво на конвеционалното MINI- на десниот заден дел одма над задното тркало. Како и конвенционалното MINI, достапни се голем број на опции за персонализација, може да ја промените бојата на ретровизорите и покривот и да одберете помеѓу 16 или 17-инчни алуминиумски бандажи.
Ентериерот е многу сличен како и секое друго MINI, но она по што се издвојува овој Electric модел е 5.5-инчниот дисплеј кој е замена за аналогната инструмент табла и на него се прикажуваат информации како што се, брзината на возење, статусот на батеријата и статусот на сите системи за асистенција. Стандардно добивате 6.5-инчен дисплеј за Infotainment системот со вграден навигациски систем и поддршка само за Apple CarPlay.
Новото MINI Electric користи сличен мотор како оној што се наоѓа во BMW i3s и има 184 коњски сили. MINI тврди дека новиот електричен модел има слични перформанси со MINI Cooper S, достигнувајќи 100 км/ч за 7.3 секунди(Cooper S тоа го прави за 6.8 секунди). Максималната брзина изнесува 150 км/ч. Можете да изберете помеѓу четири различни режими за возење, во зависност од вашето расположение: Sport, Mid, Green и Green+. MINI Electric со полна батерија може да помине од 200 до 232 километри.
Полнењето од 0% до 100% трае три и пол часа преку полнач од 11KW – вид на енергија што би ја добиле доколку ставите полнач во вашиот дом. Со полнач од 50KW, полнењето од 0% до 80% трае само 35 минути.











