Моделот 911 е достапен во повеќе изведби, а ова е најновата достапна изведба – 911 Targa. Модел за оние кои имаат малку поспецифичен вкус и сакаат да возат малку поуникатна изведба на 911.
Моделот 911 Targa за прв пат беше претставен во 1965 година, а со текот на времето и различните генерации на 911 рецептот за овој модел минимално се менуваше. Овој најнов модел, како и оригиналот нема Ц-столб. Наместо тоа, голем Б-столб оди од едната страна на кабина до другата, а зад тој столб се наоѓа големо едноделно стакло. Поставен е и подвижен стаклен панел за покривот, кој електронски се собира зад задните седишта со притискање на копче, времето потребно за ова е точно 19 секунди. Други промени на возилото во споредба со нормалниот 911 нема и овој Targa модел ги задржува еволуционерните промени на дизајнот што беа воведени во најновата генерација на 911 – широк заден дел со активен спојлер, Full LED предни светла и задни LED светла кои се поврзани со линија. Исто така и внатрешноста останува непроменета во споредба со другите 911 модели.
911 Targa е достапен во две верзии – 4 и 4S. Двете верзии користат 3,0-литарски шестцилиндричен боксер мотор, но со различна моќност. Кај првата верзија на располагање имате 385 коњски сили, а пак втората верзија располага со 450 коњски сили. Силата се пренесува преку 8-степен PDK автоматски менувач кон сите четири тркала. Поради зголемената тежина на возилото, забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 4.4 секунди (4.2 со Sport Chrono), односно 3.8 секунди(3.6 со Sport Chrono). Максималната брзина е 289 км/ч, односно 304 км/ч. За оние што сакаат да се повеќе инволвирани во возењето, во иднина Targa 4S ќе биде достапен и со 7-степен мануелен менувач и за оваа опција нема да треба да доплатите.
Шасијата на Targa содржи адаптивна суспензија, електронски контролиран заден диференцијал и најновиот “Wet Mode”, кој го прилагодува автомобилот за подобра стабилност на дожд. Влезниот модел е опремен со дискови од 330мм на сите четири тркала, додека „Targa 4S“ има дискови со дијаметар од 350мм. Целата шасија и суспензијата се специјално подесени за овие Targa модели.






