Мислевте дека BMW M2 Competition е врвот кој ќе го достигне серијата 2 на BMW? Се лажете.. BMW штотуку го претстави BMW M2 CS кој ќе се произведува во лимитирана серија и ќе биде наменет за оние возачи кои често ја посетуваат тркачката стаза.
Под хаубата на овој автомобил останува 3.0-литарскиот твин-турбо бензински мотор со 6 цилиндри од Competition моделот, со измени кои го “частат” овој автомобил со повеќе коњски сили и сега има вкупно 450, како и подобрени перформанси на стаза. Интересно да се напомене е тоа што и покрај зголемувањето на моќта на овој автомобил, влечната сила останува иста – 550Nm. Соединувајќи го овој мотор со 7 степениот автоматски менувач со две спојки му овозможува забрзување до стотка за 4 секунди. Мануелниот менувач е нешто поспор со 4.2 секунди до стотка. Во двете верзии крајната брзина изнесува 280 километри на час.
Адаптивна М суспензија, М спорт кочници со црвени шепи, уникатни 19- инчни бандажи “облечени” во Michelin Cup гуми се дел од стандардната опрема. М Carbon керамички кочници може да се одберат како дополнителна опрема. Со цел да се намали тежината, хаубата и кровот се направени од карбон. Нов преден сплитер, дифузер на задниот браник и лип спојлер на багажникот се исто така направени од екстра лесни материјали. Со ова се добива подобрена аеродинамика и зголемен downforce при поголеми брзини.
Внатрешноста на овој автомобил ја краси микс од карбон и алкантара, додека целосно новата централна конзола направена целосно од карбон е 50 проценти полесна од истата во претходниот модел.
Активниот М диференцијал има специфичен сетинг во кој DSC системот дозволува за поголемо пролизгување на гумите. Што се добива со ова? Возачот, како што тврди BMW – “ќе може да ги истражува лимитите на автомобилот”. Веќе познатите модови на BMW (Efficient, Sport и Sport +) се присутни и во овој автомобил и ги регулираат одзивот на педалата за гас, времето за менување на брзини и тежината на воланот.


















