Ова е новиот Audi A3 Sedan

Audi ја прошири својата гама со претставување на новата седан изведба на моделот А3. Базиран е на популарната хечбек изведба и ја користи новата MEB платформа на Volkswagen групацијата. Новиот A3 Sedan е достапен со најновата технологија на mild-hybrid погони, а најновите системи за асистенција за возачот, поврзување и инфозабава кои беа претставени кај новиот A3 Sportback, се присутни и во оваа нова седан изведба.

Предниот дел на A3 Sedan е идентичен како и кај A3 Sportback, вниманието го привлекува новата решетка со октагонален дизајн, како и новите LED светла кои се достапни со Matrix LED технологија. Автомобилот ги задржува карактеристичните линии од хечбекот, но страничната линија е малку различна за да го потенцира подолгото тело. Задниот дел, исто така има малку различен дизајн, додека задните LED светла остануваат исти како и кај хечбек изведбата.Новиот A3 Sedan е многу поарединамичен од својот претходник, како и од хечбек изведбата. Голема улога тука има и електричното прилагодување на предната решетка која по потреба се отвора или затвора. Должината на автомобилот во споредба со хечбекот е поголема за 40мм, додека маргинално е поширок за 20мм и повисок за 10мм. Меѓуоскиното растојание останува непроменето, а Audi тврди дека просторот на задните седишта е ист како и во хечбек изведбата. Големината на багажникот е секако поголема и на располагање имате 425 литри, додека A3 хечбек располага со 380 литри.

Кога станува збор за ентериерот, нема никакви промени од тој што ќе го најдете во А3 хечбек. На централната конзола е поставен 10,1-инчен екран на допир, а пред возачот се наоѓа виртуелниот кокпит на Audi кој стандардно има 10,25-инчен дисплеј, но како опција достапен е поголем 12,3-инчен дисплеј. Централниот екран ги вклучува сите нови опции претставени кај A3 Sportback, вклучувајќи ја и опцијата која што им овозможува на корисниците природно да пишуваат упатства и насоки директно на екранот со прст. Audi тврди дека овој нов систем е десет пати помоќен од неговиот претходник, овозможувајќи им на корисниците да гледаат податоци за сообраќајот во реално време, да го видат работното време на ресторани, бензински станици и слично. До шест возачи можат да си го зачуваат својот профил во автомобилот, зачувување на уникатни поставки за положбата на седење (ако возилото е опремено со електрични седишта), контрола на климатизацијата и радио станица.

На почетокот A3 Sedan ќе биде достапен со еден бензински и еден дизел мотор. Бензинскиот модел 35 TFSI користи 1,5-литарски четирицилиндричен мотор кој развива 150 коњски сили и достапен е со 6-степен мануелен менувач или 7-степен S-Tronic автоматски менувач. Верзијата опремена со автоматски менувач има 48-волтна mild-hybrid технологија, поддржувајќи го моторот со дополнителни 50Nm вртежен момент за да се намали оптоварувањето на моторот, како и CO2 емисиите. Енергијата се собира при кочење и се чува во мала батерија која е поставена под предното седиште на совозачот. Што се однесува до дизелот, станува збор за 2,0-литарски TDI мотор кој развива 150 коњски сили и стандардно е опремен со 7-степен S-Tronic автоматски менувач.

Понатаму ќе бидат достапни повеќе мотори – уште еден 2.0-литарски TDI мотор со 115 коњски сили и 6-степен мануелен менувач, како и трицилиндричен 1.0-литарски бензински мотор со 110 коњски сили – овој мотор ќе се нуди и со 6-степен мануелен менувач и со 7-степен автоматски менувач. Audi сeуште ги нема претставено спортските S и RS верзии од новата генерација на А3, но се очекува дека S3 верзиите ќе користат 2.0-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор со околу 310 коњски сили, додека врвните RS3 верзии ќе го користат легендарниот 2,5-литарски петцилиндричен турбо бензински мотор кој ќе испорачува повеќе од 400 коњски сили.