Ова е новата Ford Puma ST!

Ford ја претстави спортската ST верзија за Puma – после Fiesta и Focus, кросоверот Puma е третиот модел кој се приклучува на сегашната линија на ST перформансни модели на синиот овал.

Надворешниот изглед во споредба со обичната Puma е зацврстен и поагресивен благодарение на ST стилскиот пакет. Предниот дел добива нов дизајн на решетката и исто така го подобрува ладењето на моторот, додека сплитерот го зголемува предниот downforce за 80 проценти во однос на стандардниот модел. Задниот дел добива нов поголем спојлер, нов заден браник со дифузер што помага да се избалансира downforce на задниот дел – а тука се и двете вистински цевки за издувот. Puma ST е достапна и во оваа нова „Mean Green“ металик боја која е прикажана на сликите. Без разлика дали ќе ја изберете оваа боја или некоја друга од вкупно петте достапни бои, покривот и спојлерот, предната решетка и страничните ретровизори секогаш доаѓаат во црна боја.

Внатрешноста, исто така добива спортски ST третман. Промените вклучуваат спортски волан со рамно дно, спортски педали и менувач и одлични Recaro спортски седишта. Puma ST добива доста богата стандардна опрема што вклучува – безжично полнење на телефон, предни и задни сензори за паркирање,Ford SYNC 3 инфозабавен систем и дигитален дисплеј за возачот од 12.3 инчи – чијашто графика се менува во зависност од избраниот режим на возење. Во багажникот, Puma ST го задржува големиот 80-литарски „Mega Box“ и волуменот од 456 литри останува непроменет.

Механички, Puma ST е многу тесно поврзанa со Fiesta ST. Под хаубата се наоѓа 1.5-литарскиот турбо-бензинец со 200 коњски сили од Fiesta ST, но кај Puma ST издувниот систем е малку ревидиран и поцивилизиран отколку во суперминито – инженерите од Ford велат дека издувниот систем кај Puma е за еден децибел потивок. Како и кај Fiesta ST, силата се пренесува на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач. Со вкупна тежина од 1.358 килограми, Puma ST е потешка за приближно 100 килограми во споредба со помалата Fiesta ST. Со вклучен Launch Control, Puma ST од 0 до 100 км/ч забрзува за 6.7 секунди – две десетини поспоро од Fiesta ST, додека максималната брзина која може да ја постигне е 220 км/ч.

Спортската шасија на Puma ST е исто така превземена од Fiesta ST, но доби и неколку измени, задната торзија е за 40 проценти поцврста за да се компензира дополнителната тежина и висина, а променети се и неколку други панели. Управувачкиот систем на Puma ST е за 25 проценти побрз и пореспонзивен од тој во стандардната Puma, а на купувачите ќе им биде понудена опција за Quaife механички limited-slip диференцијал со што се добива подобрена тракција при излегување од свиоци – ова работи заедно со Torque Vectoring систем кој ги притиска сопирачките на внатрешното тркало за да се добие многу подобро и побрзо возење во свиоци. Сопирачките имаат дискови од 325мм напред и дискови од 271мм назад, а стандардно се поставени 19-инчни бандажи (достапни се два дизајни) обвиени во Michelin Pilot Sport 4 гуми.

Респонзивноста на Puma ST може да се прилагоди преку неколку различни режими на возење. Во Sport режим, педалата за гас реагира побрзо, управувачот добива плус тежина и се отвораат вентилите на издувниот систем за да се добие похрабар звук. Во Track режим, контролата за тракција се исклучува и се намалува интервенцијата од системот за стабилност, а доколку сакате и ова може комплетно да го исклучите. За порелаксирано возење тука се Normal и Eco режимите – во Eco, возилото максимално го користи Start/Stop системот и деактивира некои од цилиндрите за да се добие пониска потрошувачка на гориво.

More Stories
Kia ги претстави PHEV верзиите за Ceed Sportswagon и XCeed