Opel ја претстави фејслифт верзијата на Crossland

Ова е новиот фејслифт модел на Opel Crossland. Ревидираниот модел ќе се најде во продажба подоцна оваа година, со нов смел изглед и низа подобрувања на шасијата.

Освежениот модел го добива новиот “Vizor” преден дел кој за прв пат беше виден на втората генерација на Mokka. Се состои од нова, затворена сјајно црна маска, која се спојува со новите LED фарови. Поставен е и нов преден браник кој е со сличен дизајн како тој кај новата Mokka, заедно со нова врата за багажникот, затемнети LED задни светла, а достапни се и нови 17-инчни бандажи. Како и новата Mokka, така и Crossland ја отфрла наставката „Х“ од своето име.

Промените во внатрешноста се минимални и скоро не приметливи. Дизајнот на кабината и инфозабавниот систем остануваат исти како и во претходниот модел. Сепак, на купувачите ќе им бидат понудени сите најнови безбедносни системи – освежениот кросовер ќе доаѓа со систем за препознавање на пешаци, предупредување за судир и камера за паркирање од 180 степени.

Ажурираната гама на мотори ќе биде скратена на вкупно четири опции – два бензинци и два дизели. Бензинците се 1.2-литарски турбо мотори, од кој основниот е со 85 коњски сили, а појакиот е со 130 коњски сили. Понудата на дизел мотори остана непроменета и на располагање имате 1.5-литарски мотор со 110 или 120 коњски сили.

За подобро возни карактеристики, Opel постави комплетно нова суспензија и обновен систем за управување со што сега ќе се добиваат подобри повратни информации од управувачот и генерално подобрена динамика во возењето.

More Stories
Peugeot 3008 ALLURE