Официјално доделени наградите за Златно Тркало 2026!

Вчеравечер во свечена и елегантна атмосфера, беа доделени наградите од најновото издание на изборот за Најпосакуван автомобил во Македонија – Златно Тркало 2026. Настанот повторно ги собра на едно место претставниците на автомобилската индустрија, медиумите и автомобилските ентузијасти, потврдувајќи дека оваа манифестација веќе се етаблира како значаен и препознатлив настан на домашната сцена.

На церемонијата беа доделени признанијата за најпосакуваните модели, врз основа на гласовите на публиката. Наградите ги примија претставници на официјалните увозници и брендови кои годинава се најдоа на врвот, во рамки на изборот организиран од водечките автомобилски медиуми во земјата.

Победници по категории за 2026 година:

  • Renault Clio – Најпосакуван градски автомобил
  • Opel Frontera – Најпосакуван семеен автомобил
  • Lynk & Co 08 – Најпосакуван електрифициран автомобил
  • Audi Q5 – Најпосакуван нов автомобил во Македонија

Годинава беше доделено и специјално признание за исклучителен придонес во промоцијата на Македонија на меѓународната автомобилска сцена. Наградата му припадна на Игор Стефановски – Иџе, еден од најуспешните македонски автомобилисти и вистински амбасадор на државата во светски рамки.

Златно Тркало претставува уникатен концепт кој директно го вклучува мислењето на публиката во изборот на најпосакуваните автомобили. Организиран во соработка со Авто Плус, CARClub, и RPM, изборот од година во година бележи раст на интересот и учеството.

Гласањето традиционално се одвива преку официјална онлајн платформа, овозможувајќи им на љубителите на автомобили да го изберат својот фаворит во повеќе категории. Ваквиот пристап дава реална слика за пазарните трендови и преференците на купувачите.

Со континуиран раст и сè поголема поддршка од јавноста и индустријата, Златно Тркало продолжува да се развива како една од водечките автомобилски манифестации во Македонија, поставувајќи нови стандарди за идните изданија.