Новиот Mercedes-Benz CLE Coupe пристигна во Македонија

Во салонот на Мак Аутостар периодов има доста премиери на нови модели – пристигна електричниот EQE SUV, потоа имаше премиера на новата генерација на E-Class, а сега пристигна и целосно новиот CLE Coupe. Mercedes-Benz CLE е спортско купе кое го зазима местото на два модели понудени во последните години. Звучи како враќање во минатото, нели? Новото име овде крие докажан рецепт. CLE е спортско купе кое повторно ги комбинира карактеристиките на автомобили од два сегменти.

Целата оваа приказна започна со моделот CLK, кој изгледаше како поголема Е-Class. Сепак, ова беше трик, бидејќи имаше многу повеќе заедничко со C-Class во однос на дизајнот. Истиот рецепт подоцна беше искористен за првото купе од Е-Class, исто така добиено од C-Class. Сега овие два автомобили повторно се комбинирани во еден. Затоа CLE е враќање во минатото, иако во модерно и визуелно привлечно издание. Пред се, овде може да се види дека дизајнот многу повеќе потсетува на C-Class. На силуетата на автомобилот и е дадена пријатна мускулеста форма, која изгледа многу импресивни во живо. 

Предниот дел на овој автомобил донекаде потсетува на помалиот Mercedes CLA. Истото важи и за задниот дел од телото. Убаво нагласените браници и уредно нацртаната линија на покривот оставаат многу добар впечаток. Конкретно примероците кои се пристигнати се опремени со AMG пакет на надворешност што дополнително ги прави да бидат уште поатрактивни. Едниот примерок е и во специјалната Manufaktur Alpine Grey боја која е доста популарна во последно време. 

Внатрешноста на Mercedes CLE е целосно префрлена од C-Class. Ова значи дизајн типичен за новите автомобили на марката, со хоризонтален MBUX екран и карактеристични отвори за воздух. Мултимедијата го користи новиот софтвер кој дебитираше во E-Class. Ова значи пристап до многу апликации, вклучувајќи игри (Angry Birds) и TikTok. Квалитетот на материјалите е на врвно ниво и токму во внатрешноста се гледа дека димензиите на автомобилот се слични со E-Class Coupe отколку со C-Class Coupe. 

Mercedes CLE е исто така поголем од конкурентите. Меѓуоскиното растојание од 2865 мм значи дека овде добиваме многу повеќе простор отколку кај конкурентните автомобили. Од Mercedes нагласуваат дека просторот во задниот дел е навистина задоволителен (+72 мм во однос на старата C-Class Coupe), а багажникот има 60 литри повеќе отколку во споменатиот автомобил.

Најголемото изненадување е тоа што под хаубата на Mercedes CLE има и шестцилиндрични мотори! Сетот на погонски единици овде е прилично изненадувачки. Во понудата на погонски единици може да се најдат мотори кои се достапни и во новата Е-Class, сите се опремени со Mild Hybrid систем. 

Понудата на мотори се отвора со 2.0-литарски бензински и дизел мотори, кои се движат од 197 коњски сили за CLE220d и 204 коњски сили за CLE200. Во двата случаи, силата се испраќа на задните тркала преку 9-степен автоматски менувач. Потоа следува верзијата CLE300, која генерира 258 коњски сили од истиот 2.0-литарски мотор. Овде се добива и 4MATIC погон на сите тркала. Изненадувањето е Mercedes CLE450, кој е опремен со 3.0-литарски шестцилиндричен бензинец кој генерира 381 коњски сили. Спринтот до стотка кај овој модел трае само 4.4 секунди, а максималната брзина е 250 км/ч. 

Наскоро ќе бидат претставени и спортските AMG верзии CLE 53 и CLE 63, но какви погонски единици ќе бидат под хаубата на овие модели сеуште нема никакви официјални информации. Според мене, врвната CLE 63 верзијата би требало да го добие новиот хибриден систем со 2.0-литарски мотор, познат од новиот C 63 S E performance.