Новиот лимитиран BMW M4 CSL пристигна во Македонија!

Во салонот на BMW во Скопје, пристигна новиот хардкор M4 CSL. Оваа верзија на M4 е дополнително унапредена во споредба со стандардниот M4. Исто така, од M4 CSL има само 1000 примероци во цел свет и сите се веќе продадени.

Ова е најагресивниот „М“ автомобил до сега, а тоа е добиено благодарение на моторот кој е дополнително надграден за да испорачува уште поголема моќност, како и големиот број измени на шасијата и агресивно стилизираната надворешност.

3.0-литарскиот твин-турбо шестцилиндарски бензинец е развиен да произведува 550 коњски сили, што претставува зголемување од 40 коњски сили во однос на M4 Competition, додека вртежниот момент останува ист, односно 650 Nm. Дополнителната моќност доаѓа од зголемениот турбо-притисок, од 1.7 на 2.1 бари, заедно со преработен ECU компјутер, додека издувниот систем сега има титаниумски придушувач, кој заштедува 4.3 килограми. Моторот исто така е монтиран на шасијата користејќи поцврсти држачи за да се добие чувство на тркачки автомобил. Стандардно е опремен со 8-степен автоматски менувач и нема опција за мануелен менувач. Благодарение на Launch Control функцијата и „лепливите“ гуми, од 0 до 100 км/ч забрзува за 3.7 секунди, додека максималната брзина е зголемена на 305 км/ч.

Клучно за CSL моделите е нивното намалување на тежината. L во името на CSL означува Lightweight, а овој нов модел има многу нови делови за заштеда на тежина. Автомобилот има вкупна тежина од 1.625 килограми, што е за 100 килограми помалку од обичниот М4, со големата употреба на панели за каросеријата направени од карбон се заштедува 21 килограми. Покривот од карбон, сега веќе заштитен знак на M дивизија се карактеризира и се комбинира со хауба исто така направена од карбон (1.2 кг полесна) и багажник (6.7 кг полесен) за да се добие што е можно помала тежина.

Сето ова е поддржано од редизајниран преден браник со нов дизајн на „бубрезите“ што има само една хоризонтална лента, како и зголемени помошни отвори за подобрување на ладењето, плус и карбон сплитер со испишани CSL букви. Поставени се и нови лесни M карбон-керамички сопирачки кои заштедуваат 14.3 килограми во споредба со стандардните сопирачки, тука се и уникатните алуминиумски бандажи – 19 инчни напред и 20 инчни назад, како и различни пружини и потпори за суспензијата се исто така дел од пакетот CSL, а заедно заштедуваат уште дополнителни 21 килограми. За понатамошно подобрување на управувањето, CSL има алуминиумска потпора под хаубата, што ја подобрува структурната цврстина. Дополнително автомобилот е стандардно опремен со Laserlight фарови, а специјално само за оваа верзија дневните светла светат во жолта боја наместо бела што е инспирирано од тркачките GT автомобили. Исто така, задните светла се со целосно нов дизајн ексклузивен само за CSL.

Внатрешноста добива централна конзола од карбон, која заштедува околу 4 килограми. BMW вгради и специјални M карбонски (bucket) седишта, со што се заштедува уште 24 килограми. Задните седишта на автомобилот се целосно отстранети, заштедувајќи уште 21 килограми. Поставувањето на ултра лесна звучна изолација заштеди и дополнителни 15 килограми. Други елементи кои се специјални за CSL моделот вклучуваат волан обложен во алкантара, лопатки за менување на брзини од карбон, како и дополнителна употреба на алкантара низ целата кабина.

Прилагодливите амортизери, управувањето со променлив сооднос и интегрираниот М систем за сопирање се стандардни за M4 CSL, а суспензијата има пад на висината за 8 мм во споредба со M4 Competition, намалувајќи го центарот на гравитација на автомобилот. Амортизерите имаат помошни пружини и напред и назад, додека гумените чаури на задната суспензија се заменети со топчести спојници за да се подобри прецизноста. Предниот дел, исто така, има поголем негативен камбер со оглед на планираната употреба на CSL на патека.

Поставките на суспензијата може да се прилагодат електронски со три достапни режими: Comfort, Sport и Sport Plus. BMW го пренесе својот прилагодлив систем за тракција, кој може да се вклучи во M Dynamic Mode – првите пет степени се исти како кај стандардниот М4, а вторите пет степени од системот со 10 фази се оптимизирани за специјална тракција на патека.

Уживајте во фотографиите!