Новата трета генерација на MINI Countryman пристигна во Македонија

Во салонот на M Car пристигна целосно новата трета генерација на SUV моделот Countryman. Новиот компактен SUV порасна во големина за да им понуди на семејните купувачи поголема практичност, како и избор на погонски единици кои сега вклучуваат целосно електричен погон за прв пат кај Countryman.

Дизајнот на новиот Countryman се базира на поедноставен изглед. Октогоналната решетка и поедноставениот светлосен потпис и напред и назад се присутни, додека фаровите имаат малку различна форма од својот претходник за подобро да се разликува овој нов модел. Изборот од три различни потписи за LED светлата стандардно е достапен и кај новиот Countryman.

Новиот SUV на MINI е 13 сантиметри подолг и 6 сантиметри повисок од автомобилот што го заменува, што во комбинација со долгото меѓуоскино растојание во однос на неговата вкупна должина, помогна да се подобри нивото на просторот внатре, а ова е клучна точка за мал семеен SUV. Како резултат на тоа, багажниот простор нуди 460 литри со поставени задни седишта, што се зголемува на 1.450 литри со спуштени задни седишта. Задната клупа, исто така, може да се поместува напред и назад за дури 13 сантиметри, давајќи им приоритет на просторот за патници или багажникот, додека наслоните на седиштата можат да се наведнуваат поединечно во шест одделни позиции до 12 степени, зголемувајќи ја удобноста.

Countryman го споделува новиот 9.4-инчен централен OLED дисплеј со новиот Cooper – наречен MINI Interaction Unit и го користи истиот софтверски оперативен систем 9, кој се базира на технологијата со отворен код на Android. Како резултат на тоа, се нудат голем број на режими на искуство и конфигурација, кои вклучуваат Core, Green, Go-Kart, Personal, Vivid, Timeless и Balance.

Timeless го менува кружниот централен панел за да прикаже класичен MINI брзинометар , додека Personal им овозможува на корисниците да прикачат фотографија во позадина по свој избор. Единицата за интеракција може да ја детектира главната боја од оние што се прикажуваат на сликата и ќе ја прикаже низ остатокот од екранот за подобро да се надоврзе на сликата.

Секој Experience режим нуди соодветен саундтрак во моделите Countryman Electric, со ист микс на режими и звуци како кај помалиот MINI EV. Ова важи и за внатрешното амбиентално осветлување, со LED диоди и проекции кои светат на контролната табла поврзана со режимот на возење, менувајќи ја бојата и шарите прикажани во кабината. Вклучени се и Apple CarPlay и Android Auto, со примерок од првиот, така што корисниците на iOS го гледаат софтверот низ целата област на новиот екран со висока дефиниција. Android Auto се прикажува само во правоаголна форма на кружниот екран, додека опционално е достапен и 3D head-up дисплеј.

Како што споменав и на почетокот, новиот Countryman е достапен со голем и разновиден избор на погонски единици. Понуда започнува со 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 170 коњски сили (Countryman C), следен е 2.0-литарскиот турбо-бензинец со 218 коњски сили (Countryman S ALL4) и на врвот на понудата е истиот 2.0-литарски бензинец, но со моќност од 300 коњски сили (John Cooper Works ALL4). За љубителите на дизел, достапна е само една верзија, односно 2.0-литарски дизел мотор со 163 коњски сили (Countryman D). Сите верзии стандардно се опремени со Steptronic автоматски менувач и 48v mild-hybrid систем.

Дополнително, достапни се и две целосно електрични погонски единици – MINI Countryman Electric E и Countryman Electric SE ALL4. Двата автомобили се напојуваат со батерија од 64,6 kWh, која напојува еден електричен мотор во Electric E, и кој произведува 204 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Countryman EV во оваа верзија ќе помине до 462 километри со едно полнење. 

Моделот Countryman Electric SE ALL4 има два електрични мотори, кои произведуваат 313 коњски сили и вртежен момент од 494 Nm. Сето ова овозможува забрзување до 100 км/ч за 5.6 секунди. Со оглед на дополнителните перформанси, MINI вели дека максималниот досег тука паѓа на 432 километри. Полнењето со еднонасочна струја на 130 kW значи дека на батериите на двете верзии им требаат околу 30 минути за полнење од 10 до 80 проценти.

Направено е и многу напредок и кога станува збор за технологијата на шасијата на новиот Countryman, со достапни различни поставки на шасијата, вклучително и опционално адаптивно поставување на суспензијата што ја намалува висината на автомобилот за 15 мм во споредба со стандардниот автомобил. Достапни се и лесни алуминиумски тркала од 20 инчи, кои се направени од 70 отсто секундарен алуминиум за да се подобри одржливоста.

Новиот MINI Countryman е достапен во четири различни нивоа на опременост – Essential, Classic, Favoured и John Cooper Works. Сите овие меѓусебе се разликуваат по различниот стил и различната опрема. Цените на нашиот пазар за основната верзија Countryman C започнуваат од 39.990 евра.