Најновиот член во SUV семејството на Ford, моделот Puma, пристигна во салонот на Ми-Да Гранд Моторс.
Новата Puma е позиционирана помеѓу EcoSport и поголемата Kuga во гамата на Ford. Оригиналната Puma од минатото беше Coupé модел базиран на Fiesta. Сега за новиот модел, Ford повторно ја искористи платформата од новата Fiesta. Но, овој пат моделот е SUV со пет врати. Во споредба со Fiesta, новата Puma е 46мм подолга, 54мм повисока, 71мм поширока и има подолго меѓуоскино растојание од 95мм.
На предниот дел ја има таа карактеристичната решетка на Ford, но од тука па натаму се издвојува од сите други SUV модели на брендот. Предните светла кои се поставени високо на хаубата се како референца од оригиналната Puma, а на ST-Line моделите предните дневни светла имаат многу сличен дизајн со модерниот „supercar“ на Ford- моделот GT.
Внатрешноста го има тој типичен модерен дизајн како и сите други нови модели на Ford. Kонтролната табла е превземена од Fiesta, како и најновиот SYNC3 infotainment систем и стандардно добивате 8-инчен дисплеј со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Но, Puma има и многу други, нови опции како, дигитален дисплеј наместо конвеционалната инструмент табла и масажа на предните седишта. Багажникот е големо изненадување бидејќи има капацитет од 456 литри, со што е лидер во својата класа. Како опција достапно е и електрично hands-free затворање и отворање на вратата од багажникот.
Моментално Puma е достапна само со 1.0-литарски трицилиндрични EcoBoost бензински мотори, но со различна моќност – 125 коњски сили и 155 коњски сили. Послабиот мотор е достапен и со 6-степен мануелен менувач и со 7-степен автоматски менувач, додека појакиот мотор е достапен само со 6-степен мануелен менувач. Моторот со 155 коњски сили е со mild-hybrid технологија и батерија од 48-волти, а за послабиот мотор може да одберете конвенционална верзија или пак mild-hybrid верзија.
Достапни се четири нивоа на опременост – Titanium, Titanium X, ST-Line и ST-Line X.
Конкретно изложениот модел е во првото Titanium ниво со 1.0-литарскиот мотор со 125 коњски сили и мануелен менувач. Дел од стандардната опрема која ја добивате во Titanium нивото вклучува – 17-инчни алуминиумски бандажи, систем за предупредување и спречување на преден судар, систем за предупредување и спречување на несакано напуштање на коловозна лента, темпомат, систем за препознавање на сообраќајни знаци, Drive Mode Selector, LED Projector предни светла, LED задни светла, 8-инчен дисплеј со навигација, безжичен полнач за телефон, амбиентално осветлување и многу друго.
Почетната цена за Ford Puma Titanium 1.0 EcoBoost 125 изнесува 22.500 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ford каде што ќе може и да ја видите новата Puma.


















