Новата фејслифт BMW Серија 5 пристигна во Македонија

Новата освежена BMW Серија 5 отсега е достапна и на нашиот пазар.

Како и со секој фејслифт модел, промените на надворешноста се минимални. Новиот модел добива малку позатегнат дизајн, “бубрезите“ сега се пошироки и повисоки, предните Adaptive LED светла сега се потенки и имаат нова графика(како опција достапни се и Laser Light светла), а исто така и задните LED светла добиваат нова графика и сега се малку потемни. Другите промени вклучуваат различен преден и заден браник и нов избор на алуминиумски бандажи – M Sport моделите исто така добиваат нови поспортски браници и нови бандажи.

Визуелно, ентериерот не е многу различен, но добива многу нови high-tech технологии. Најважната новост е тоа што серија 5 сега добива и Android Auto поврзување кое заедно со Apple CarPlay ќе биде вклучено во стандардната опрема. На горниот дел од централната конзола сега е поставен нов инфозабавен систем кој добива поголем 12.3-инчен дисплеј(претходно беше 10.25-инчи), како и најновиот оперативен систем на BMW. Пред возачот се наоѓа и новата 12.3-инчна дигитална инструмент табла , која е веќе достапна кај новата серија 1, серија 3, X5, X6…

Значајните промени се под хаубата, односно моторите. Сите модели со четири и шестцилиндрични мотори сега добиваат mild-hybrid електрификација од 48 волти. Системот се состои од интегриран стартер-генератор, како и мала дополнителна батерија кои заедно произведуваат дополнителни 11 коњски сили за да помогнат при претекнување, тргнување и во “тргни-застани“ ситуации.

Понудата на мотори останува иста и достапни се добро познатите турбо бензински и дизел мотори. Кај бензинците понудата започнува со 520i кој користи 2.0-литарски мотор со 184 коњски сили, следен е 530i со 252 коњски сили, па 540i кој користи 3.0-литарски мотор со 333 коњски сили и на крајот е M550i xDrive со 4.4-литарски V8 мотор и 530 коњски сили. Кај дизелите, основниот модел е 518d кој користи 2.0-литарски мотор со 150 коњски сили, следен е 520d со 190 коњски сили, па следат 530d и 540d кој користат 3.0-литарски мотор со 265 и 320 коњски сили. Најмоќниот модел тука е M550d xDrive кој располага со 400 коњски сили. BMW, исто така ја прошири и понудата на plug-in хибридни модели и сега се достапни две верзии – 530e и 545e. Првиот модел користи четирицилиндарски мотор(вкупната системска моќност е 292 коњски сили) и сега ќе биде достапен и во караванската изведба, додека вториот користи шестцилиндарски мотор(вкупната системска моќност е 394 коњски сили) и е достапен само за седан изведбата. За оние кои овие модели не им се доволни и сакаат нешто поспортско, тука се врвните изведби M5 и M5 Competition.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW M Car.

More Stories
Побрз од Формула 1 – Volkswagen ID.R со нов рекорд на Goodwood Festival of Speed